21 C
Skopje
среда, јули 15, 2020

Code Academy: Програмерите ќе бидат најбарана и најплатена професија и во следните десет години!

Kabtel desktop

Code Academy е релативно млада компанија на македонскиот пазар, која е посветена своите студенти да ги изгради во вистински програмери. Академијата ги подготвува во технологии кои се актуелни и дефицитарни на пазарот, работат на реални проекти, кодираат, но исто така покрај техничкото знаење се стекнуваат и со таканаречените soft skills преку кариерен тренинг на крајот од академијата. Тие тука стекнуваат и искуство за соочување со пазарот на труд и работните обврски во ИТ компаниите. Тимот и студентите на Code Academy неодамна ја создадоа и апликацијата за Ковид 19.

Роберт Мишовски, извршен директор на Code Academy вели дека ИТ секторот има простор за развој и за градење на успешна кариера и работа на предизвици како во нашата земја така и во странство. Тој во интервју за Иновативност ги открива можностите за младите ентузијасти кои треба да се непоколебливи на патот да станат квалитетни девелопери.

Разговараше – Сања Наумовска

Г-дин Мишовски, кажете ни нешто повеќе за Code Academy и нејзината мисија?

Code Academy постои повеќе од две години, а бев инспириран да ја започнам поради повеќе причини. Во тој период бев лично посветен да научам да програмирам и бев ентузијаст да изградам заедница на луѓе кои исто така сакаат да научат да градат апликации. Истовремено не ми се допаѓаше тоа што повеќето програмери оставаа впечаток дека е многу тешко да научиш да програмираш, кога всушност, по моето лично искуство, не сметав дека е тоа вистина. Целта во Code Academy е: создавање на што подобри девелопери, толку позадоволни ИТ компании и одличен брендинг на академијата.

Тимот го сочинуваат млади ентузијасти, подготвени на предизвици и поставување на нови насоки на развивање на ИТ секторот кај нас, секој максимално посветен на задачата која ја има, без разлика дали се однесува на градење на брендингот на академијата, селекциите на програмите за учење на програмски јазици или градење на конекции со ИТ компаниите во земјата и надвор од неа.

Што можат вашите студенти да научат во академијата?

Крајната цел на Code Academy е на секој студент кој ја завршил нашата академија, да му ја обезбеди целосна потребна едукација за да биде конкурентен во ИТ индустријата низ целиот свет. Пред сè, тука учат технологии кои се актуелни и дефицитарни на пазарот, работат на реални проекти, кодираат, но исто така покрај техничкото знаење се стекнуваат и со таканаречените soft skills преку кариерен тренинг на крајот од академијата.

По завршувањето на академијата студентите ги подготвувате за пазарот на трудот. Каква предност добиваат?

Како што спомнав и претходно целта на академијата е да се изучуваат програмски јазици кои се дефицитарни и барани согласно моменталните потреби на ИТ пазарот како Java, Front-End, .NET, PHP,  како и програмски јазици од кои одредени компании имаат потреби како Ruby on Rails, под менторство на искусни IT експерти, Seniori, кои работат на тоа студентите да не ги копираат веќе постоечки кодови, туку ги учат и ги предизвикуваат самите да кодираат и да создаваат реални проекти, како апликации и друго.

Пример за тоа се создавањето на комплексни видео игри, мобилни апликации, веб сајтови и други сложени проекти. Како заокружување на целиот процес во академијата сметаме дека студентите заслужуваат и да се здобијат со вештини плус како би станале поконкурентни на ИТ пазарот преку кариерниот тренинг.

Деновиве вашите студенти создадоа и веб апликација со информации за Ковид 19 кои се менуваат во реално време. Кажете ни за тој предизвик?

По официјалниот почеток на карантинот во нашата земја решивме да го искористиме периодот кога студентите не можеа со физичко присуство да ги следат предавањата во просториите на Code Academy и со оглед на ограниченото движење, одлучивме да им зададеме вистински предизвик кој беше доста сложен, но и мотивирачки. Се работи за апликација преку која граѓаните ќе ги добиваат најновите информации и промени кај нас и во светот во реално време. Знаењето и вештините кои ги стекнаа во Code Academy придонесоа одлично да се снајдат со ваков тип на општествен проект за јавна употреба. Под менторство на Кире Коцев, Тони Накевски и Јоргос Ламбринидис, студентите од пишување на првата линија код, па се до прикачување на проектот на сервер, поделени во групи и фокусирани на различни аспекти од процесот, дефинитивно се во целост заслужни што оваа веб апликација е достапна и на десктоп и во мобилна верзија Kоронаинфо.мк.

Развивате и партнерства со ИТ компании. Која е целта?

Партнерството со ИТ компаниите е дефинитивно win-win ситуација и за ИТ компаниите и за студентите. ИТ компаниите се во постојана потрага по млади девелопери, кои се технички одлични или со голем потенцијал за развивање во искусни девелопери, со оглед на бројката на проекти на која постојано работат. Факт е дека постои дефицит за девелопери и ќе постои, во најмала рака во наредните десетина години, со оглед на тоа што сме погодно тло и за отварање на нови преставништва на ИТ компании и стартапи. Студентите, како junior девелопери, бараат средина и можности да покажат што сè совладале и создале преку интензивните програми на нашата академија, а компаниите имаат потреба од кадар кој сака постојано да учи и напредува. Тоа е одлична можност да се поврзат, а крајниот резултат е заштеда на ресурси, време и енергија од страна на ИТ компаниите и произведување на нови млади амбициозни кадри кои имаат што да понудат. Ние и отвораме простор да го покажат тоа што го научиле.

Каков е интересот на младите да научат да програмираат?

Интересот на младите за насочување кон програмирањето и реализирање како девелопери е огромен, како никогаш до сега! Со оглед на зависноста од технологиите, дигитализацијата и интернетот, буквално сите даваат единствен одговор, а тоа е дека ова е професија на сегашноста и иднината. Од аспект на мотивите сите се различни, едни имаат пасија и желба за програмирање, други ја сакаат слободата да работат од дома, надвор од класичното работно време, или пак се мотивирани од бенефитите како повисока плата, приватно здравствено осигурувања и друго. Кај дел мотив е и потребата знаењето кое ќе го стекнат да го имплементираат во сопствени идеи за стартапи, бизнис замисли. Кај некои, пак е можноста да програмираат живеејќи во други земји, а кај некои е едноставно пасијата да програмираат….

Имаат ли можности на нашиот пазар?

Со оглед на тоа што нашата земја и регионот се посебно атрактивни за странски инвестиции и преставништва за ИТ компании, можностите во нашата земја за развивање и градење кариера како девелопери, се големи. Но, секако, ќе ставам акцент дека мора да се одлични и упорни во целта да станат девелопери. Потребата е огромна, но не значи дека квантитетот ќе го надвладее квалитетот. Едноставно мора да покажете потенцијал и квалитети… Со оглед на постоењето на многу платформи на глобално ниво, подеднакво имаат можности да работат за клиенти и на проекти од други држави, можности за remote, односно работа како freelance има многу…Успехот е индивидуален и се базира на квалитетот, независно дали е тука или надвор. Секако заработката во странство е поголема, иако не мора да значи дека не може да се остварува и овде.

Што им нуди домашниот пазар на младите програмери, кои се предностите во однос на странските пазари?

Сметам дека домашните ИТ компании, со цел да ги задржат квалитетните девелопери, ги нудат сите бенефити, услови на работа, градење на култура на тимска работа на ниво на компанија, приватни здравствени осигурувања и слично, па дел од нив се приближуваат и со висината на платите со странските. Голема е и бројката на девелоперите со исклучок на т.н. „номади“, кои сметаат дека со тие услови и заработка е одлично да се остане да се живее со семејствата и најблиските во нашата земја. Има и значителна бројка на млади професионалци кои не се согласуваат со општествените, политичките и социјалните услови на живеење и секако дека, независно од финансиските придобивки, секогаш ќе се стремат кон другите земји.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •