Институт Ројтерс: За време на пандемијата е забележан пораст на информирањето преку телевизија

- Advertisement -

Најчесто користени извори на информации за пандемијата на коронавирус се онлајн медиумите и телевизијатата, покажа новата студија на Институтот Ројтерс за проучување на новинарството, пренесува www.marketing365.mk.

Извештајот оваа година опфати 40 земји од целиот свет, вклучувајќи ги за прв пат Кенија и Филипините. Иако истражувањето започна во 2019 година, поради избувнување на пандемијата на вирусот корона, некои делови од истражувањето беа повторени во текот на април 2020 година во Велика Британија, САД, Германија, Шпанија, Јужна Кореја и Аргентина.

- Advertisement -

Во истражувањето се наведува дека корона вирусот ги потсети граѓаните на вредностите на традиционалните медиуми. Иако онлајн-медиумите сеуште се главен извор на информации, во овие шест држави има зголемување на информациите преку телевизија. Во овие земји, истражувањето покажа и пад (два проценти) на информациите преку печатените медиуми, а една од причините е намалувањето на физичката дистрибуција на весниците. Се претпоставува дека ова намалување на дистрибуцијата на весници може да го забрза целосното преминување кон дигиталните платформи.

Истражувањето покажа дека граѓаните од овие шест земји за време на пандемијата, после здравствените експерти и организации, најмногу им веруваат во информациите што се пласираат во медиумите (59 проценти). Граѓаните од овие земји во истиот процент им веруваат на владите, додека во политичарите граѓаните веруваат само 35 проценти.

- Advertisement -

Кога станува збор за социјалните мрежи и апликациите за размена на пораки, истражувањето открило дека скоро 24 проценти од граѓаните во овие шест земји ја користеле апликацијата WhatsApp за да пронајдат и споделат новости за COVID-19, а забележано е дека некои граѓани за прв пат за видео комуникација користеле платформи како Zoom, Houseparty и Google Hangouts.

Истражувањето покажа дека повеќе од половина од испитаниците (56%) од 40 земји се загрижени за ширењето на дезинформации преку интернет, особено во Бразил (84%), Кенија (76%) и Јужна Африка (72%). Најмалку загрижени се граѓаните од европските земји како Холандија (32%), Германија (37%) и Данска (37%). Најголемиот пораст на загриженоста е кај граѓаните на Хонг Конг за време на конфликтот меѓу владата и студентските демонстрации и Финска поради ширењето на руското влијание.

- Advertisement -

Иако за време на пандемијата е забележан пораст на плаќањата преку интернет во некои земји, како САД и Норвешка, во истражувањето се вели дека повеќето граѓани сè уште не сакаат да плаќаат онлајн медиски содржини.

Истражувањата во овие шест земји покажаа дека пандемијата на корона вирусот, меѓу другото, придонесе за зголемување на употребата на социјалните мрежи од страна на младите луѓе, особено кога станува збор за употреба на Инстаграм и Снепчет. Иако веќе се забележани економски последици од пандемијата на корона вирусот врз новинарството, во истражувањето се вели дека следните 12 месеци ќе бидат клучни во индустријата на вести. Исто така, се наведува дека редакциите во наведените земји ја зголемија верификацијата на фактите, како и ширењето на дигиталната писменост со цел да се спротивстават на многу теории на заговор кои се пласираат на социјалните мрежи и другите платформи.

Целосниот извештај е достапен овде.

Извор – Маркетинг365

Сподели!
- Advertisement -