8 C
Skopje
петок, декември 4, 2020

Inno Cafe Штип: Без технологија нема квалитетно производство на храна

Kabtel desktop

Третото Inno Cafe оваа година, а прво во време на Ковид-19 пандемија се одржа во Штип со учество на докажани и успешни претприемачи, унивeрзитетски професори и млади иноватори кои допрва ќе градат кариери во областа на техничко-технолошките науки.

Развојниот пат на семејната компанија „Макпрогрес“ од Виница која во моментов вработува 750 вработени во пет фабрики во Виница, Скопје и Прилеп пред бројната публика на терасата на Универзитетскиот ресторан во Штип ја сподели извршниот директор Глигор Цветанов.

Макпрогрес започна во 1990 година како трговска фирма, но со тек на време се јави потреба од развој, кој решивме да биде со воведување на сопствено производство. Во 2002 година oдлучивме да стартуваме производство на тортички и тогаш се соочивме со првиот поголем проблем поврзан со технологијата. Купивме производна линија од Италија и дојде технолог од Италија, со кој ги потрошивме сите резерви за пробно производство на тортички, но за жал без успех. Тогаш решивме да се потпреме на сопствените сили и знаења. Со самостојно учење создадовме своја технологија која со тек на време ја развивавме со нови консултанти и со искусни технолози. Денес може да се пофалиме со тим од над 20 технолози кои креираат над 500 различни производи“, раскажа Цветанов за предизвиците врзани со технологијата.

Компанијата е доста активна во соработката со гимназијата во Виница, каде работат на кариерно насочување на средношколците. Она што е уште поважно е што оваа компанија во моментов гради Институт за развојни технологии во прехранбена индустрија во Виница во кој ќе отворат можност за соработка со универзитети, стартапи, млади претприемачи, универзитети, како и Академија за учење, во која со поддршка од ЕБРД ќе се развијат школа за пекари, за чоколатиери и за оператори на машини.

„Ова што го правиме не е само за нашите потреби, туку за поширока примена на знаењето во македонската економија. Ниедна компанија не може да се развива без постојанo вложување во знаењето на својот кадар“, недвосмислен е Цветанов.

професор Емилија Арсов

Љубовта кон знаењето и постојаната потреба од учење е водилка во кариерата и на д-р Емилија Арсов, вонреден професор и продекан за настава на Земјоделскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Нејзина животна определба уште во средно училиште било стручното образование, но животниот пат од забен техничар ја води во областа на земјоделието, поконкретно заштита на растенија.

„За да имаме здрава храна потребни ни се спремни, стручни инженери-агрономи кои ќе дадат свој придонес во оваа област. Можеби Земјоделски факултет не звучи многу примамливо за младите, но во пракса станува збор за многу атрактивна професија особено ако се земе предвид значењето на здравата и квалитетна храна“, потенцира професор Арсов.

Таа вели дека убавината на оваа професија е што нуди можност за истражување, креативност, примена на мултидисциплинарен пристап како во случајот на еден корисен Еразмус проект во кој се направи спој на земјоделието со ИТ технологијата. Апликацијата „База на пестициди“, во чија изработка беа вклучени и студенти од овој универзитет овозможува да се намали употребата на пестициди и да се добие поквалитетно производство.

Арсов потенцира дека успехот во кариерата бара многу труд и многу работа, а Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип им нуди на студентите вклучување во научно-истражувачки проекти како прв чекор кон градење успешни кариери.

Вистинска доза инспирација за младите на овој мотивациски настан во Штип беа средношколците од електро-машинскиот училиштен центар „Коле Нехтенин“ од Штип кои минатата година добија грант за изработка на ЦНЦ машина за гравирање.

Стефан Јакимовски, Стефан Ефремов и Тоше Гацов раскажаа како изгледал процесот на изработка на машината буквално од нула и колку многу тие научиле во овој процес. Машината денес служи за практична настава во училиштето, а предметите кои во иднина ќе се изработуваат и продаваат ќе бидат наменети за учениците од социјално загрозени семејства. Овој тим потврди дека стекнатите вештини во стручното образование им помогнале за идниот развој на нивните кариери кои тие го гледаат во електротехниката, но воедно ги прави и спремни за вклучување на пазарот на труд.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •