5 C
Skopje
вторник, јануари 26, 2021

Наш херој! Горјан Јовановски, најдобар млад иноватор во Европа, чија што апликација “Мој Воздух“ достигна над половина милион преземања!

Kabtel desktop

Горјан Јовановски, креаторот на апликацијата МојВоздух неодамна ја освои Европската награда за најдобар млад иноватор 2020 во категоријата за млади до 30 години. Тој е млад електро-инженер, многу попознат на нашата јавност по својата апликација Мој Воздух која направи вистинска револуција во нашата јавност за свесноста за загадувањето и (не)квалитетот на воздухот кој го дишеме. Пред шест години Горјан, кој за себе вели дека колку е инжинер, толку е и екологист, на македонските граѓани им даде можност да знаат во секое време каков воздух дишат и ги поттикна да размислуваат за промени и конкретни акции за подобрување на средината и условите во кои живеат.

Вбројувањето на Јовановски во редот на најдобро европски млади иноватори и најавите за новитети во апликацијата беа повод да поразговараме за неговите досегашни ангажмани, но и за идните планови.

Разговараше – Верица Јорданова

Горјан, што значи за тебе оваа награда за најуспешен млад иноватор во Европа?

Драго ми е што на AirCare или Мој Воздух му беше доделена оваа награда бидејќи подолго време работиме на оваа тема. А, особено ми е драго што бев повикан меѓу 15 други млади иноватори во Европа, кои работат на различни проекти и се обидуваат да ја подобрат средината каде што живеат. Секако драго ми е што не повикаа, но уште подраго ми е што не избраа како победници.

Мој Воздух веќе шест години е на пазарот и во тој период целосно го смени пристапот на граѓаните кон прашањето на квалитетот на воздухот и пристапот до точни информации. Што значи за тебе Мој Воздух?

Мој Воздух е мој прв сериозен проект, иако во почетокот започна како проект кој немаше цел да го постигне овој успех. Јас сум софтверски инженер, но во душа сум еко-активист, па ова ми беше можност да ги спојам професијата и пасијата. Во последните години со Мој Воздух докажавме дека со отворање и дигитализирање на податоците успеавме да ја подигнеме свеста кај граѓаните дека секоја зима дишеме загаден воздух и дека мораме да превземеме нешто за тоа да се менува.

Какви податоци нуди во моментов на Мој Воздух, од колку мерни станици?

Пред шест години Мој Воздух започна со работа на македонскиот пазар со податоци од 20 мерни локации кои се дел од мониторингот на државните мерни станици. Во моментов апликацијата е присутна во 41 земја во светот и има над половина милион превземања. Дава податоците од над 10.000 мерни места на четири континенти низ светот.

Во Македонија, во моментов, податоците на Мој Воздух се собираат од околу стотина мерни станици, од кои 20 се од државниот мониторинг, а останатите од мерни станици кои ние волонтерите го поставуваме за да бидеме во тек со квалитетот на воздухот кој го дишиме во нашата средина. Иако бројот на мерни места низ годините значително порасна, сепак мислам дека имаме уште многу работа за целосно да добиеме слика какво е загадувањето и во Скопје и во другите градови.

Какви се податоците кои можеме да ги видиме од Мој Воздух, каков е трендот со квалитетот на воздухот во изминатите шест години?

Беше полошо, особено на почетокот. Тетово тогаш редовно беше меѓу најзагадените градови во светот, но сега не е. Сепак, има и градови каде што нема подобрување. Значи напредокот е минимален, што значи дека далеку сме од она што го посакуваме, а тоа е безбеден и квалитетен воздух. За да дојдеме на тоа ниво и за да добиеме вистински резултати очигледно е дека ќе треба да направиме многу поголеми и позначајни чекори.

Вие сте дел од граѓанскиот сектор, но соработувате со институциите. Кои се вашите препораки за нив, во кој правец треба да ги менуваат практиките и активностите за апликацијата повеќе да ја гледаме во зелено отколку во црвено?

Ова не е нов проблем, но едноставно како секоја година да се чека пролет, кога воздухот природно ќе се исчисти и проблемот ќе се подзаборави, до следната есен кога повторно ќе се актуелизира. Мојата препорака е надлежните проблемот да го сфатат многу посериозно. Над 3.000 луѓе годишно умираат од загаден воздух, бројка што не смее да се игнорира. Не може многу мал дел од буџетот да се посвети на еколошките прашања, а многу пари да се трошат на поневажни работи, во услови кога кога се бориме со ваков непријател, кој ни штети на сите, па и на политичарите, бидејќи и тие се граѓани.

Дали планираш Мој Воздух во иднина да се развива и во кој правец?

Мој Воздух сега го има само првиот од неговите три столба, а тоа е информирањето на граѓаните за квалитетот на воздухот. Вториот столб на кој работиме во моментов е едукацијата, од каде потекнува загадувањето и како секој од нас лично може да придонесе за негово намалување. Третиот столб на Мој Воздух ќе се однесува на давањето можност на граѓаните да направат вистинскса промена во својата средина. Тоа значи дека ќе има многу новости во Мој Воздух и локално, но и глобално бидејќи планираме да се шириме низ целиот свет. 

Интервјуто е направено за емисијата “Агенда 35“, која се емитува на Македонската Радио Телевизија.

Целата емисија посветена на заштита на животната средима може да ја погледнете на следниот линк:

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •