20 C
Skopje
недела, април 11, 2021

Битолчанката Милена Неќак ја искористи ковид кризата да креира еколошки и одговорен бизнис!

Kabtel desktop

Зборот Креместаре е одамна присутен во битолскиот дијалект и значи закачалка за облека во форма на триаголник, која се користи во плакарите. Но, Креместаре е и виртуелна продавница за брендирана облека и модни додатоци од втора рака основана од младата битолчанка Милена Неќак, која е на последната година на ФИНКИ во Скопје, а времето на минатогодишната изолација го искористи да направи нешто интересно, еколошки одговорно и во исто време да и носи приход.

Новинар: Љубица Ангелкова

Како се роди идејата за Кремастаре?

Карантин, драстично многу повеќе слободно време од вообичаено, желба за промена кон подобро.

Но, како? Целата ситуација е надвор од моја контрола, и тоа не ми се допаѓаше. Седејќи дома, сѐ повеќе си наоѓав недостатоци и го анализирав моето опкружување, заклучувајќи дека ми пречи тоа што се наоѓам во соба преполна со работи кои не ми требаат, а не се безвредни, и тоа што голем дел од денот го трошам на социјалните мрежи. Направив експеримент. Нов инстаграм профил, познавање на современи технологии кои ме интересираат и смелост за излез од комфорната зона резултираа во едноставна, но убаво средена содржина од артиклите кои сметав дека имаат доволно голема вредност за да припаѓаат на друг, а не во контејнер. Така, настана продуктивен интервал во мојот секојдневен живот од кој не само што бенефит имам јас, туку и моите клиенти.

Што е всушност Кремастаре?

Креместаре е виртуелна продавница за брендирана облека и модни додатоци од втора рака која моментално постои само на социјалната мрежа Инстаграм. Околу самото име на онлајн трифт шопот, замислата ми беше да биде нешто уникатно, но сепак да има смисла и поврзаност со индустријата во која припаѓа, и важно ми беше да избегнам клише англиски изрази. „Креместаре” претставува стар битолски израз, синоним за закачалка за облека.

Од свилени кошули, преку дизајнерски пантолони, до high street fashion брендови на чевли и различни аксесоари. Во понудата има и уникатни и брендирани парчиња. Како се прави селекцијата?

Искрено, не секое парче на профилот на Креместаре го задоволува мојот вкус. Но, досегашното искуство ми покажа дека за секој продукт постои идеален купувач. Многу често, артикли за кои сум била скептична да ги објавам – се продавале први, а дел од моите “фаворити” останувале незабележани. Единствената и според мене – најважната селекција што треба да се земе предвид е квалитетот, односно состојбата на продуктот кој е за продажба.

Како се креираат цените на продуктите?

Во ера кога постои 24/7 пристап до нет, работејќи со доста информирана и информатички писмена таргет група, “играм” безбедно и секој индивидуален продукт го продавам по драстично пониска цена од оригиналната по која се продава истиот, но сосема нов.

ТРИФТ продавницата е исклучитело онлајн. Колку кај нас функционира функционира овој начин на онлајн шопинг?

Почетокот беше експеримент кој за време на “#stayhome пандемијата го втиснав меѓу тековните студиски обврски и бев многу пријатно изненадена од резултатите. Дојдов до контакт со прекрасна заедница на истомисленици околу шопингот и екологијата, и сето тоа беспрекорно функционира онлајн.

Дали Креместаре е и бренд кој не само што продава, туку и се поврзува со различни личности кои сакаат нешто да продадат?

Покрај најблиските, дел од мојата првична поддршка беше мојата сограѓанка Теона Манго. Имајќи таква кариера каква што е нејзината, не е големо изненадување дека поседува изобилие на модни парчиња кои не ѝ се потребни. Во случајот на понудата на Теона, моите критериуми беа повеќе од исполнети. Се работеше за артикли со етикета, необлечени или само еднаш носени за фотографии со промотивни цели.
Кога профилот очигледно се “разработи”, добивав многу пораки со прашања од типот дали откупувам облека. Одговорот беше и сè уште е НЕ, но постои веројатност тоа да се промени. Моментално располагам со огромна залиха, но во случај да има простор за тоа – ќе ги контактирам заинтересираните. Така им одговарам и нив во порака, на сите поединечно. Важно е да се разјасни тоа што ова би функционирало во вид на донација или делење на направениот профит, а не во вид на класичен откуп од моја страна.
Креместаре засега е само инстаграм трифт шоп, не платформа за спојување на продавачи со купувачи.

Дали главно се нудат вообичаени парчиња гардероба или има и необични?

На профилот на Креместаре се среќаваат секакви видови на модни парчиња, од наједноставни – до многу карактеристични и необични модели. Со големиот спектар за избор меѓу најразлични парчиња, внимавав да го овозможам возбудливиот дел на трифт шопингот – потрага по нешто единствено и идеално за секој индивидуален стил. Всушност, исклучива заедничка карактеристика на секој продукт е тоа што тој е во одлична состојба.

Кои се најчести купувачи?

Клиентите се најчесто уникатни луѓе, љубители на екологијата и модата. Најмногу ме мотивира и ме радува нивната доверба во e-commerce, бидејќи сепак – за тоа сум стручно определена.

Ова се vintage парчиња и она што им дава предност е што не можат повеќе да се купат регуларно…или ?

Од секогаш шопингот сум го гледала како мала авантура. “Потрага по нешто што толку многу ќе ми се допадне, што ќе сакам да биде мое.” Токму широкиот спектар на избор од различни стилови во трифт шоповите, ја прави таа авантура уште повозбудлива.

И тоа не е сѐ! Шопингот овозможен од Креместаре се случува мобилно, погоден е за џебот на купувачот, а и за природата. Win – win – win!!

Дали размислуваш за поп-ап продавница или остануваш на онлајн опција?

Многупати сум размислувала за организација на збиднување во форма на поп-ап шоп. Имам доста идеи, но најверојатно поставувањето на таква продажна станица би бил некаде на отворено и би се остварило барем во Скопје и Битола, првиот момент кога ќе дозволат временските услови. Деновиве добив покана да направам презентација на една комерцијална локација во Битола, нешто како show room каде ќе изложам дел од артиклите, но за тоа многу наскоро ќе објавам на инстаграм профилот на Креместаре.

Раскажи ни нешто за отпад на текстил, односно thrift shop како опција за рециклирање и на облеката, а и на модата.

За производство, пакување и дистрибуција на нова облека е потребна голема количина електрична енергија и вода. Фрлањето на несаканата гардероба пак, предизвикува огромна штета за природата со оглед на тоа што ќе ѝ требаат месеци, па дури некогаш и години за да се распадне во депониите. Ни јас не бев свесна за тоа колкав проблем претставува брзата мода, но наидов на неколку застрашувачки статистики и веќе не правам чекор да купувам ново парче облека сѐ додека не сум сигурна дека нештото ќе го облечам барем 30 пати. Не сѐ што ни се допаѓа – ни треба.

Ова е хоби кое го преточи во мини бизнис, но твојата професионална определба со дипломирањето ќе биде насочена кон друг свет. Дали по старт на таа официјална кариера би се откажала од Креместаре?

Искуството со Креместаре ми покажа дека во целата идеја постои голем потенцијал. Многу вештини кои ги применувам кога создавам содржина и кога градам доверба преку професионален однос со клиенти, сум ги добила на факултет. Мојата насока вклучува голем дел на изучување на електронска трговија. После дипломирањето, планот ми е Креместаре сѐ уште да постои, но како мој “part time job” и во иднина преточен во веб страна или мобилна апликација која сама би ја развила и одржувала. Дипломата сум сигурна дека ќе ме однесе во нови простори полни со предизвици и тоа со нетрпение го очекувам.

Некои интересни факти поврзани со “second-hand” продавниците низ светот

-Кога кон крајот на минатата година ИКЕА најави дека ја отвара својата прва “second-hand” продавница во Шведска, која ќе биде почеток на еден голем план кој до 2030 ќе резултира со отварање на уште стотици по светот, со една единствена цел да се рециклира мебелот и да се намали отпадот.

-Верните фанови на серијата Sex and the City, кои ги голтаа сите лајфстајл навики на иконата кога модата е во прашање, ликот на Carrie Bradshaw кој го толкуваше актерката со потврдено чувство за стил Sarah Jessica Parker, само ќе ги потсетиме дека thrift продавниците и во серијата, но и во приватниот живот на актерката, играле значајна улога во креаирањето на стилот.

-Холандија и Белгија се држави со најразвиен систем на собирање и продажба на половна гардероба. Тоа се држави во кои жителите имаат голема платежна моќ, но имаат страшно одговорен однос кон фрлањето на гаредорба или купување на малку користена. Не постои подобар начин да се употреби гардеробата која луѓето повеќе не сакаат да ја носат, или едноставно купиле погрешен број, или одлучиле и покрај што ја купиле дека не им одговара…и таа наместо да се фрли, таа повторно се користи.

-Во нашиот регион, Нови Сад е град со најмногу thrift продавници од кои некои се специјализирани само за vintage модели, некои се само наменети за одреден пол, а има и детски.

Целата облека подлежи на третирање со специјална пареа во комори во кои темелно хемиски се чисти.

Дел од средставата во многу од овие бизниси одат и во хуманитарни цели.

Ова се само неколку примери кои покажуваат како во развиениот свет, кремот на општетсвото не се срами да купува половен мебел, половна облека и модни додатоци, кои се во одлична состојба, малку се користени, а некои и воопшто не се носени, по цени кои скапите брендови ги нуди за до четири пати поевтино.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •