19 C
Skopje
петок, мај 7, 2021

„Pizza Jakomo“ е еколошка компанија за пример! Храната ја доставува со електрични возила кои се полнат со енергија од обновливи извори

Kabtel desktop

„Pizza Jakomo“ е семејна компанија која, како еден од првите приватни брендови во Кавадарци, се развива од 1987 година. Бизнисот започнал да го гради Блажо Спанџов, а денеска, рамо до рамо со него работат и неговите синови Трајче и Воислав. Резултат на тоа е развојот во национален бренд со пицерии во повеќе градови.

Покрај вкусната и разновидна храна, „Pizza Jakomo“ е препознатлив и по единствените мини електрични возила, со кои бесплатно ги доставува своите производи до домовите на граѓаните. Оваа компанија е првата во Југоисточна Европа која храната ја доставува на чисто еколошки начин, без воопшто да ја загадува околината, но и без да допринесува за поголем сообраќаен метеж, еден од главните причинители на емисиите на ПМ честички во воздухот.

Во разговор за „Иновативност“, еден од сопствениците на „Pizza Jakomo“, Воислав Спанџов, вели дека резултатите од инвестициите на семејната компанија во модерни мини електрични возила за транспорт на храна се повеќекратни. Истовремено има еколошки и економски продобивки, а задоволството на клиентите е огромно. Спанџов вели дека компанијата продолжува да се развива и да инвестира во зелените вредности, па така не само што возат електрични возила, туку и струјата со кои ги полнат е произведена од обновливи извори на енергија.

Разговараше- Сања Наумовска

Воислав, кажете ни како во „Pizza Jakomo“ дојдовте до идејата да ги поврзете бизнисот со храна и екологијата?

Како компанија која се стреми секогаш да биде актуелна и во тек со светските трендови, оваа одлука ја донесовме како логичен чекор на ситуацијата во која се наоѓа нашиот град. Сите знаеме дека концентрациите на ПМ честичките во Скопје неколку месеци во годината се неколкукратно над дозволените максимални вредности и воздухот е екстремно загаден и опасен. Ние, иако сме мала компанија, сакавме да дадеме свој придонес за почист воздух и да покренеме иницијатива и да дадеме пример и на останатите фирми. Сметавме дека ако ние како мала компанија се одлучиме на ваков чекор, тогаш и поголемите фирми кои се во бизнисот со транспорт на храна и слични производи, ќе го направат истото. Сметаме дека тоа е вистинскиот начин како можеме да придонесеме значително да се подобри квалитетот на воздухот што сите заедно го дишеме.

Решивме да набавиме електрични возила бидејќи тие се иднината на авто превозот. „Тесла“ беше пионер во ова поле, но сега гледаме дека сите големи автопроизводители најавуваат комплетно електрифицирање на понудата на сите свои модели. Во моментов, храната на „Pizza Jakomo“, се развезува со седум електрични автомобили и десет електрични скутери. Од нив четири скутери се купени минатата година, додека останатите ги имаме од септември 2018 година.

Возилата за достава на „Pizza Jakomo“ се веќе препознатливи и се добра реклама за компанијата. Кои се придобивките од нивното користење за вас и какви се реакциите од купувачите?

Мора да кажам дека сме презадоволни од позитивните реакции, не само од нашите клиенти, туку и од многу учесници во сообраќајот. Клиентите ја препознаваат нашата намера да направиме разлика во нашето општество, за градот во кој работиме, за доброто на сите и го ценат тоа. Возилата  се убави на изглед и брендирањето е одлично осмислено и впечатливо. Покрај тоа што естетски изгледаат одлично, многу се практични, бидејќи со едно полнење поминуваат од 90 до 100 километри во градско возење. Многу се економични, а едно полнење нас не чини околу 60 денари. Возилата се со автоматски менувач, што значи дека многу лесно се управува со нив во метежот на градските улици.

Сега сте единствена компанија во Југоисточна Европа со еко достава на храна, а тоа е резултат и на соработката со Фондот за иновации и технолошки развој. Како дојде до таа соработка?

Мора да признаам дека многу лутавме низ институциите додека да дознаеме за можностите кои ги нуди ФИТР. На почетокот не бевме сигурни колку нашата идеја се поклопува со проектите кои тие ги финансираат, за да можеме да соработуваме со нив. Во процесот на барање решение за еколошки транспорт на нашата храна се обративме прво во Царината и баравме ослободување од царински давачки при увоз, нешто што е пракса во другите земји, но добивме информација дека кај нас нема таква законска можност. Се обративме и до Град Скопје, каде што ни кажаа дека сè уште немаат одлука за субвенционирање на купување на електрични возила. Конечно, преку Министерството за животна средина добивме насока дека можеме да аплицираме во ФИТР во делот за технолошки развој. Сите институции не примија со почит и разбирање за нашите заложби и секоја од нив беше корисна за нас на некој начин, заради што сме многу благодарни.

Какви се вашите планови за иднина, дали планирате и некои други еколошки проекти?

Досегашната инвестиција во електричните возила е 83.000 евра, што за наши услови беше сметано за огромен ризик. Но, еве три години подоцна, среќни сме што можеме да кажеме дека сè што вложивме се исплатеше. Секако, не застануваме тука. Во моментов сме во преговори за купување на уште четири електрични возила од европска автомобилска компанија, со кои ќе го збогатиме нашиот еколошки возен парк и ќе ја подобриме услугата која им ја нудиме на нашите клиенти. За крај, сакам да потенцирам и една новина која ја воведовме. Струјата со која ги полниме возилата ја купуваме од оператор кој откупува само електрична енергија произведена од обновливи извори. Тоа значи дека можеме да се пофалиме дека, не само што возилата се еколошки, туку и струјата со која ги полниме е чиста.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •