14.8 C
Skopje
понеделник, октомври 18, 2021

Бел еколошки асфалт, направен од отпадна пластика, е најновиот изум на професорот-иноватор Димитрија Ангелков од Кавадарци

Kabtel desktop

Сета пластика која ќе се собере во паметните канти за селекција на отпадот во Кавадарци, но и низ целата земја, ќе се користи како материјал за асфалтирање на улици. Ова е најновиот изум на професорот Димитрија Ангелков од Кавадарци, човек кој во земјава потпишува десетици иновации. Негов изум е и паметната канта која самата го двои отпадот на пластика, хартија, стакло и лименки, а најновото решение е заокружување на овој процес преку искористување на пластиката на нов, еколошки и иновативен начин. Неодамна, тој го доби и првиот награден патент на годината за 2020 од страна на Државниот завод за индустриска сопственост за респираторната машина.

Пишува – Сања Наумовска

Инспириран од трагањето по решение за третман на пластиката, како една од најголемите закани за природата, Ангелков вели дека нејзината употреба во градежништвото е истовремено и практичен и еколошки потег. Резултатот веќе се гледа на улиците во Кавадарци, каде неколку дупки се закрпени со нивата смеса, а во иднина цели улици ќе бидат направени од новиот материјал.

Улиците кои ќе се асфалтираат со новиот производ нема да бидат црни туку ќе бидат бели, затоа што во процесот ќе користиме отпадна бела ПЕТ пластика. На тој начин, освен што ќе го решиме проблемот со трупањето пластика која ја загрозува нашата околина, ќе спречиме и прегревање на урбаните средини. Белиот асфалт ќе ја одбива топлината и нема да се загрева и топи, што е еден од големите проблеми и причини што мора да се менува на секои десетина години“, вели Ангелков.

Пластиката, која што ќе се собира и ќе се преработува во Кавадарци, е само еден дел од новиот производ. Во него ќе има и битумен и една состојка, која е клучна за функционирањето на иновацијата и која во моментов е тајна и во тек е процесот за нејзино патентирање. Покрај нив, новата смеса ќе содржи и стар, изгребан асфалт, што нема да мора да се фрла, туку ќе се реупотреби, заради што придобивките за животната средина ќе бидат уште поголеми. Ангелков вели дека во тек е сертифицирање на материјалите кои се употребуваат како и патентирање и на крајниот продукт- иновативен асфалт со пластика.

Го прифатив предизвикот од градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев, директорот на комуналното претпријатие Ѓорѓи Попицов, раководителот Петар Камчев и директорот на Екопласт Ристе Андонов отпадната пластика од паметните канти да се складира во асфалт за потребите на општината. Благодарен сум им што веруваа во мојата идеја бидејќи без нив немаше да се реализира оваа иновација“, посочува професорот Димитрија.

Машината за производство на новиот асфалт веќе работи, а она што е најголема предност, вели Ангелков, е што е мобилна и може да се пренесе и да се користи секаде каде што треба. Машината е набавена од Германија и ќе ја користи и пластиката која компаниите што рециклираат не можат да ја употребат и секако завршува на депонија како отпад.

Покрај заштитата на животната средина, предизвик за создавање иновативни решенија на Ангелков му се и секојдневните проблеми на луѓето, образованието, пандемијата на Ковид 19… Тој неодамна беше награден со прва награда за патент на годината за 2020 година од Државниот завод за индустриска сопственост за изумот паметна респираторна машина, направена во пандемијата на Ковид 19, со која победи и на манифестацијата „Макинова 2020“. Наградената иновација на Ангелков и неговиот тим е создадена по јавниот повик на Фондот за иновации и технолошки развој за иновативни решенија за справување со последиците од Ковид 19. Се работи за лесна, мала и лесно пренослива респираторна машина, со која можат да бидат опремени сите амбулатни возила во земјава. Изработена е претежно од пластични делови, а лесна е и за одржување и целата може да се стерилизира со помош на гас за стерилизација.

Кавадаречкиот иноватор е познат и по проектите за паметната интерактивна табла, филтрите за прочистувачи со стерилизатори за училишта, мобилната веб камера со сталак, наменета за олеснување на процесот на онлајн предавање и учење, плочки за тротоари од пластика и многу други.

Паметна канта со вградена вештачка интелиугенција поставена во училипте во Кавадарци

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •