25.8 C
Skopje
сабота, јуни 12, 2021

Драгица Чобанова: Тротоарите во Гевгелија и Кочани ќе се поплочат со еколошки плочки од отпадната пластика

Kabtel desktop

Целата отпадна пластика која се собира во Гевгелија и Кочани ќе се реупотреби за производство на цигли за надворешно уредување, а ако има побарувачка, ќе се користи и таа од другите градови. Еколошкиот производ е прв ваков што ќе се прави кај нас, и е дел од проект што го спроведуваат две граѓански организации и две компании од овие градови, „Еко тим исток“ во партнерство со „Екопроект-Ко“ и „Еко лајф“ во партнерство со „Близнак Ком“. Проектот е финансиран од Глобалниот еколошки фонд, Програма за мали грантови – ГЕФ ПМГ.  

Собирањето, но и употребата на отпадната пластика е предизвик на модерното време, а искористувањето на отпадот како суровина е еден од патиштата кон зелена економија. Технологијата на производство на плочки за надворешна употреба е веќе позната на светскиот пазар, а македонскиот производ ќе се прави со технологија користена и увезена од Ерменија.

Драгица Чобанова, активист на здружението „Еко лајф“ од Гевгелија вели дека во рамките на проектот, што започна минатиот месец и ќе трае уште една година, ќе се набави опрема и ќе започне производството на плочките. Во моментов во тек е тендер за избор на производител, а опремата се очекува да пристигне до септември.

„Набавуваме цела производна линија која ни е потребна за да ги произведеме плочките. Во светот веќе постојат неколку производители на ваков тип на производ. Nа Балканот има фабрики во Бугарија, а ние ќе ја земеме технологијата која се користи во Ерменија. Процесот на производство не е премногу долг, ниту комплициран. Пластиката откако ќе се издроби, се префрла во специјална машина каде се меша со песокот и се подготвува смеса. Таа потоа заминува во електричен екструдер каде се топи и во таква состојба преминува во преса со калап каде се прават плочките во различни форми, во зависност од формата на калапот. На крајот плочките се сушат и се подготвени за употреба“, објаснува Чобанова.

Таа посочува дека во текот на проектот ќе се искористат најмалку пет тони пластика собрана во двата града, преку нивните партнер-компании, од кои ќе се произведат околу 15 тони еко плочки. На тој начин, смета, ќе обезбедат пластиката да се искористи на најеколошки начин, да не замине на депонија и да продолжи да ја загадува животната средина, емисиите на ЦО2 ќе се намалат за околу 11 тони, а ќе се создаде и економска вредност со производство на еколошки продукт.

„Штом ги произведеме првите количини производот ќе се испита во лаборатории и ќе го помине процесот на сертифицирање. Тој процес е веќе поминат во Ерменија, како и во другите земји каде што се произведуваат плочки од пластика. Веќе е потврдено дека производот е безбеден, еколошки, издржлив и цврст и дека може да се употребува за поплочување на тротоари, дворови, патеки и слично“, вели Чобанова. 

Производната линија ќе биде лоцирана во Гевгелија, а по завршувањето на проектот со неа ќе оперираат партнер-компаниите од двата града кои се кофинансиери во проектот. Целта е да продолжат да произведуваат плочки и да ги позиционираат на пазарот, пред се во земјава. Покрај еколошкиот, проектот има и социјален карактер, преку ангажирање на лица од ранливи категории и етнички малцинства за собирање пластика и производство на еко плочки. Во Кочани во процесот ќе бидат ангажирани и лица со посебни потреби.

„Целта на проектот е да се намалат количините на отпадна ПЕТ пластика во двете општини, но и да се зајакне јавната свест за потребата од соодветен третман. Заради тоа во текот на проектот ќе организираме и две обуки за деца и млади на кои ќе се запознаат со процесот на рециклирање и реупотреба на пластиката. Исто така ќе се запознаат со основите на циркуларната економија, за неопходноста отпадот да се третира како суровина и на тој начин да се штедат ресурсите на земјата како едеинствен одржлив начин на живот“, вели Чобанова.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •