37.8 C
Skopje
вторник, јули 27, 2021

Сара Тодоровска: Ги произведувaме најиновативните компресивни чорапи во Европа направени од висококвалитетен памук!

Kabtel desktop

Македонската компанија „Hanters Style“ е единствена во Европа која во моментов произведува компресивни чорапи изработени од чешлан памук наменети за велосипедисти, работници, медицински сестри и сите луѓе кои имаат професии што налагаат долг период на седење или стоење, патници, бремени жени или спортисти.

Иновативните чорапи „FitFlow“, се со низок степен на компресија (10-14 mmHg), што ги прави погодни за сите дневни активности. Имаат повеќе дезени и бои, што ги прави погодни за секоја пригода. Освен кај нас, веќе се продаваат и во регионот, во Србија, Словенија и Бугарија. Идејата, вели Сара Тодоровска, сопственичка на „Хантерс Стајл“, е уникатните чорапи од македонско производство да го освојат светот.

Разговараше – Сања Наумовска

Г-ѓа Тодоровска, објаснете ни нешто повеќе за вашиот продукт компресивните чорапи Fitflow?

Hanters Style произведува висококвалитетни чорапи од средината на 2018 година. Производството се одвива во два сегмента, еден е производство на модни чорапи, додека пак другиот сегмент на компресивни чорапи. Всушност, производството на компресивните чорапи е продукт со кој посебно се гордееме бидејќи тие се наша идеја, визија, иновација, нешто ново, а наше, макотрпна работа која стана реалност. Водејќи се од целта да создадеме наш македонски производ, но и со цел да помогнеме на лицата кои имаат болки во нозете, проширени вени, тегоби, отоци, слаба циркулација, постојан студ, на спортисти, лица кои постојано се во стоечка или седечка положба и лица со други здравствени проблеми, го создадовме нашиот производ под посебен бренд, „Fitflow“. Иако производството започна кон крајот на 2018 година, тоа е резултат на многубројни обуки на вработените во Италија и Словенија, многу тестирања во нашата фабрика, испитувања за компресија и квалитет во Словенија, употреба од страна на селектирани лица како доктори, спортисти, лица со различни болки и здравствени проблеми на нозете.

До денес, прозводството е зголемено, изнесува околу 9.000 пара чорапи месечно, кое кажува дека нашиот производ одговара на потребите на нашите клиенти и потрошувачи. „Fitflow“ компресивните чорапи во моментов се продаваат во околу 210 продажни места во Македонија, односно во сите аптеки на „Еурафарм“, во наголемиот дел од аптеките на „Зегин“, „Медика Про“, „Био Фарм“, како и во околу 30 други аптеки со кои се покрива целата територија на нашата држава. Покрај домашниот пазар, „Fitflow“ производите се продаваат и во регионот, во Србија, Словенија како и во Бугарија.

Кој најчесто има потреба да носи компресивни чорапи?

„FitFlow“ се направени од чешлан памук со низок степен на компресија (10-14 mmHg), што ги прави погодни за сите дневни активности. Овој тип на чорапи често се препорачува за велосипедисти, работници, медицински сестри, луѓе кои имаат професии кои налагаат долг период на седење или стоење, патници, бремени жени, спортисти. Носењето на овие чорапи ги олеснува активностите, го намалува отокот и ја зголемува циркулацијата. Најчестата употреба на компресивни чорапи е при појава на оток на вените, како што се тромбофлетит, варикозитети, венски проблеми од бременост, зголемена тежина и отоци, хронична венска инсуфиенција, профилакса, што се јавува кај лица изложени на долго седење и стоење. 

Конструкцијата и составот на чорапите за компресија овозможуваат на точно определени точки на стапалото и подколеницата да се направи компресија од неопходен степен, за да се намали отокот, да се зголеми венската дренажа и да се редуцира болката во интензивно оптоварените делови на ногата. Ние, покрај на медицинскиот аспект, внимаваме и на дизајнот на производот и нудиме три линии кои опфаќаат класични, casual и спортски дизајни, што ги прави FitFlow компресивните чорапи соодветни за носење во секоја пригода. Дизајните се изработени во три модели со различни бои, тегет, крем и тегет со точки.

Што е иновативниот момент на FitFlow, што го одвојува од другите слични продукти?

Иновативноста во нашиот производ е употребата на посебен висококвалитетен чешлан памук. Ние сме први во Македонија, регионот и во Европа што успеавме да создадеме компресивни чорапи од чешлан памук, кој во комбинација со полиамид, ликра и ластик, дава производ кој е поквалитетен, поудобен, подолготраен, економски прифатлив за разлика од другите компресивни чорапи достапни на пазарот.

Што велат вашите клиенти, кои се бенефитите од носењето на компресивните чорапи FitFlow?

Бенефитите се многубројни. Целосно се подобрува здравствената состојба, се повлекуваат болките во нозете, проширените вени, отоците, се подобрува циркулацијата, не се чувствува замор, сето тоа во рок од само неколку дена. Зависно од здравствената состојба на клиентот, побрзо или подоцна може да дојде и постојано отклонување на болките или тегобите. Fitflow се облекуваат наутро на одморена нога или пред одредена физичка активност и се соблекуваат после неколку часови по завршување на дневните обврски или одредена физичка активност.

Како одлучивте да произведувате компресивни чорапи, и уште повеќе, да се посветите на иновации во овој сегмент?

Одлуката за создавање на ваков производ дојде од потребата и побарувачката на ваков производ од потенцијални потрошувачи. Ние имаме знаење добиено со производство на модните чорапи на најнови италијански машини сместени во нашата фабрика, па сакавме да создадеме нов, наш производ, прозведен од чешлан памук со кој ќе се разликуваме од другите производители не само во нашата држава, регионот, туку и во Европа. Така се насочивме кон произведство на компресивни чорапи и секако, тоа не беше случајно. Претходно извршивме анализи и истражувања со кои добивме важни информации за потребата и побарувачката на ваков производ на глобалниот пазар. На пазарот постојат многу производители на компресивни чорапи кои се направени од синтетички материјали. Тоа е така поради тоа што е исклучително тешко да се создаде производ од чешлан памук, да поседува степени на компресија, а во исто време да е квалитетен и издржлив за повеќемесечна употреба и да е ценовно прифатлив. Ние во тоа успеавме, можеме да кажеме дека не беше воопшто лесно, но желбата за успех беше голема и создадовме производ со кој се гордееме. Денес произведуваме и пласираме производ кој е исклучително квалитетен, изработен од природни материјали, поседува антибактериски својства, издржлив е и отпорен на непријатни мириси, значително го зголемува дишењето и намалува потењето, одржува постојана компресија и по повеќе месеци употреба со што е далеку економски најприфатлив. Тоа се карактеристики кои понудата на останатите и слични производи на пазарот не може да го постигнат со производи изработени од синтетички материјали.

Како планирате да ги развивате „Fitflow“, барате ли и други пазари?

Тоа е нашата цел. После големиот успех на домашниот и регионалниот пазар, преговараме за освојување на европскиот и светскиот пазар. Во иднина е во план пласман на посебен спортски модел-дизајн кој веќе е во завршни подготовки, како и нашите веќе постоечки модели да ги понудиме со избор на повеќе бои односно различни дизајни. Сето тоа е резултат на наши истражувања и барања од страна на клиентите кои задоволни од досегашната побарувачка, бараат да понудат на своите потрошувачи квалитет со различни дизајни.

Развојот на „Fitflow“ започна во соработка со Фондот за иновации и технолошки развој. Како се случи оваа соработка?

Соработката со ФИТР се случи во вистинско време за нашата компанија. Ние бевме веќе во процес на имплементација и реализација на нашата идеја за производство на компресивни чорапи кога разбравме за можностите кои ни се нудат. Веќе имавме обезбедено сопствени средства за набавка на машини, производство и потенцијален пласман, но соработката со ФИТР ни овозможи сето тоа да го постигнеме на многу повисоко ниво. Добивме можност да набавиме повеќе машини и да вработиме повеќе лица во нашата фабрика. Имавме можност и за повеќе обуки на вработените, маркетинг и рекламни средства кои вклучуваа и учество на регионални и европски саеми каде го преставивме нашиот иновативен македонски производ. Преку соработката со ФИТР, брендот „Fitflow“ стана реалност која овозможи нашата компанија „Hanters Style“ да биде една од водечките на европскиот пазар за производство и пласман на компресивни чорапи.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •