12.8 C
Skopje
сабота, ноември 27, 2021

Петта година по ред ОКТА стипендира постдипломци на УКИМ

Cementarnica USJE, mobile 19.11.2021

Скопје, 23.08.2021 – ОКТА и годинава ќе стипендира студенти на втор циклус студии на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Ќе бидат доделени пет стипендии на четири факултети на УКИМ, за што компанијата и Универзитетот потпишаа Меморандум за соработка, во кој се дефинирани условите и начинот на стипендирање на постдипломците. Со ова, петта година по ред, ОКТА обезбедува поддршка за студентите на најстарата и најголема високообразовна институција во државата.

„Особено сме горди на оваа наша определба како компанија да ги поддржуваме младите во нивната желба и амбиција да го надградат сопственото образование. Најдобар показател за оправданоста на оваа наша заложба е вкупниот просечен успех на нашите досегашни стипендисти кои веќе магистрираа, а кој изнесува 9,95. На овој начин, не само што го помагаме индивидуалниот развој на успешните студенти, туку, што е уште поважно, директно придонесуваме кон создавање на висококвалитетни кадри, а со тоа и отворање нови можности за напредок на заедницата“, изјави Вук Радовиќ, главен извршен директор на ОКТА.

Стипендиите и годинава се доделуваат на факултети кои се сродни со дејноста на ОКТА и тоа две за постдипломци на Факултетот за електротехника и информациски технологии и по една стипендија на Машинскиот, на Природно-математичкиот (Институт за хемија) и на Технолошко-металуршкиот факултет. Право да аплицираат имаат сите студенти кои првпат ќе запишат втор циклус студии на овие факултети во учебната 2021/2022 година.

„Навистина сме задоволни што соработката на ОКТА со нашиот универзитет прерасна во традиција. Компанијата стана вистински партнер на УКИМ во исполнувањето на нашата примарна мисија – на студентите да им овозможиме најдобри услови за стекнување што поквалитетно образование. Нема никаква дилема дека ваквиот тип соработка помеѓу високообразовните институции и бизнис заедницата вродува со плод и е мотив повеќе за студентите целосно да се вложат и посветат на своето образование“, изјави Никола Јанкуловски, Ректор на УКИМ.

Конкурсот за стипендиите што ги доделува ОКТА, со сите потребни детали, е објавен на интернет страницата и на социјалните мрежи на компанијата, како и на интернет страниците на четирите факултети. Рокот за аплицирање е 4-ти октомври 2021 година, кога завршуваат и уписите за втор циклус студии на УКИМ. Изборот на најдобрите апликанти ќе го изврши комисија составена од претставници на ОКТА и на соодветниот факултет.

Поддршката на образованието и новите генерации претставуваат значаен сегмент во општествено одговорната стратегија на ОКТА. Програмата за стипендирање која компанијата активно ја спроведува петта година по ред, опфаќа вкупно 40 стипендии за втор циклус студии на факултети на УКИМ, и седум стипендии за втор циклус студии на универзитетите во Пиреја и на Крит во Република Грција.

Сподели!

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!