Роверот Perseverance на американската вселенска агенција НАСА откри ултрафини честички прашина на Марс, со дијаметар од само 100 нанометри. Ова е околу 500 пати помало од човечко влакно – откритие што ќе има влијание врз планирањето на идните мисии со екипаж на оваа планета.
Според студијата на научниот тим на Perseverance, роверот на НАСА – кој го истражува регионот на кратерот Језеро на северната хемисфера на Марс уште од слетувањето во 2021 година – ги детектирал најситните честички прашина забележани досега, пренесува Ројтерс.
Научникот за планетарни истражувања Скот ВанБомел од Универзитетот Вашингтон во Сент Луис истакна дека „помалата големина на честичките не мора да значи дека прашината е поопасна, но поситните честички имаат поголем потенцијал да навлезат подлабоко во човечкото тело, од каде што организмот потешко може да ги отстрани“.
„Како и кај секоја супстанца, токсичноста зависи од дозата и времетраењето на изложеноста. Прашината на Марс содржи силициум диоксид, соединенија на железо и соединенија на хлор – како што се перхлоратите – за кои се знае дека се штетни во доволно големи дози овде на Земјата“, изјави ВанБомел, член на научниот тим на мисијата Perseverance и главен автор на студијата во која се опишуваат овие наоди.
Научниот тим анализирал честички прашина што се наталожиле на опремата на роверот, вклучително и на материјалите што се користат за изработка на вселенски костими, а кои биле понесени на возилото со шест тркала за да се тестира како тие ги издржуваат суровите услови на планетата.
Претходните мерења овозможуваа откривање на честички прашина на Марс со дијаметар до околу три микрометри; сепак, инструментот наречен PIXL (Планетарен инструмент за рендгенска литохемија) регистрираше две категории на уште поситни честички.
Покрај ултрафините честички, беше идентификувана и категорија на фини честички со дијаметар помал од 2,5 микрометри – што е 30 пати помалку од дебелината на човечко влакно.
Ваквите честички можат да бидат доволно ситни за да навлезат во белите дробови на астронаутот, да влезат во крвотокот и потенцијално да ги оштетат виталните органи. Друга причина за загриженост е тоа што марсовската средина и физичките својства на прашината би можеле, со текот на времето, да ги оштетат материјалите што се користат за изработка на вселенски одела и живеалишта.
„Немаме докази дека прашината ги оштетила материјалите на вселенските одела; знаеме само дека тие материјали реагирале поинаку при контакт со прашината“, изјави Ван Бомел.
НАСА планира да испрати астронаути на Марс уште во 2030-тите години.
„Овие сознанија ќе помогнат при дизајнирањето на идните системи за одржување на животот за мисиите со екипаж на Марс, вклучително и при изборот на материјали за вселенски костими и живеалишта, како и при утврдувањето методи за чистење кои се ефикасни за честички со големина под еден микрон. Тие, исто така, ги дополнуваат насоките и протоколите воспоставени од НАСА во однос на токсиколошките ризици“, рече Ван Бомел.
(Euronews)
(фото: Pexels/RDNE Stock Project)






























