Гојазноста е се поголем проблем во светот и денес бројот на гојазни луѓе е речиси трикратно зголемен во споредба со 1975 година. Додека за гојазноста во голема мера се виновни рафинираниот шеќер и брзата храна, трендот е многу посложен и вклучува многу фактори на животниот стил. Научници од Норвешкиот универзитет за наука и технологија (Norwegian University of Science and Technology – NTNU) ја истражувале можноста хемикалиите во пластиката да придонесуваат за овој сериозен здравствен проблем така што навлегуваат во човечкото тело и го пореметуваат метаболизмот.
Повеќе студии изминатите години покажаа на кои се начини пластиката влегува во синџирот на исхрана и исто така како навлегува во човечкото тело. Тука спаѓаат инсектите и рибите, кои се хранат со пластичен отпад и таа микропластика ја пренесуваат кај морските предатори, кои пак ги консумираат луѓето и така микропластиката стигнува до човечкиот дигестивен систем. Една неодамнешна студија покажа дека има траги од микропластика во изметот земен од луѓе од сите страни на светот.
Нови истражувања ги објаснуваат начините на кои ова може да влијае на нашето здравје, односно како пластиката навлегува во белите дробови, во крвотокот и оттука до мозокот кај глувци. Други студии ја поврзуваат пластиката со високиот холестерол, срцевите заболувања и оштетувањето на мозокот. Докажано е и дека 93% од флашираната вода содржи пластични честички.
Новата анализа на хемиските компоненти на пластиката покажала дека многу од нив може да излезат од пластиката и да навлезат во тоа што е складирано во неа, како што е храната. Научниците анализирале 34 вообичаени пластични производи како што се контејнерите за јогурт, сунѓерите за кујна и шишињата. Откриле над 55.000 хемиски компоненти во пластиката, од кои успеале да идентификуваат 629. 11 од тие производи веќе е познато дека го пореметуваат нашиот метаболизам, односно се т.н. диструптори на метаболизмот.
Експериментите на глувци покажале дека 1/3 од хемикалиите во тие производи поттикнува развој и размножување на масните клетки, што многу повеќе отколку 11-те кои беа познати однапред. Тоа значи дека има други хемикалии во пластиката кои имаат капацитет да го сменат начинот на кој нашите тела складираат масти.
„Многу е веројатно дека вообичаените осомничени виновници како бисфенол А (Bisphenol A – BPA) не се тие што го пореметуваат метаболизмот. Тоа значи дека други хемикалии од пластиката кои не ги знаеме може да придонесуваат за качување на телесната тежина и гојазност“, вели Јоханес Велкер, главен автор на студијата.
Истражувањето е објавено во весникот Environmental Science & Technology.
(New Atlas)
(фото: Pixabay)