Орданчо Иванов од „Иванов Винарија“ ќе произведува вино почитувајќи ја космичката енергија и природниот ритам на почвата и растенијата

- Advertisement -

„Иванов Винарија“ е една од малите семејни винарии кои се отворија во последните неколку години. Лоцирана е во Кавадарци, крај познат по својата историја на одгледување гројзе и производство на вино и ракија. Семејните традиции, започнати уште од дедовци и прадедовци и поврзани со земјата, сонцето и лозовата прачка, сега се прошируваат и надоградуваат со нови вински приказни.

Орданчо Иванов е трета генерација производител на вино во семејството. Прави четири видови вино, како за своја душа, а идејата му е да ги пробаат што поголем број на клиенти. Раскажува дека во оваа авантура влегол за да ги усоврши вината кои со генерации се правеле во неговиот дом, но и да експериментира со различни сорти и да создава нови вкусови.

- Advertisement -

Новинар – Сања Наумовска

Орданчо, кажете ни нешто за винаријата Иванов“ и производството на вино. Колку време вашето семејство ја негува ова традиција?

- Advertisement -

„Иванов Винарија“ е мала, семејна винарија од Кавадарци. Регистрирани сме три години, но јас со винарство се занимавам повеќе од 20 години и ја продолжувам традицијата на татко ми и дедо ми кои уште одамна правеа вино. Всушност, желбата да го усовршам стилот на правење вино наследен од дедо ми и татко ми ме втурнаа во оваа убава авантура.

Какви вина произведувате, каде се продаваат?

- Advertisement -

Во моментот произведуваме четири различни вина. Тоа се „Темјаника“, „Куве Бело“, кое е купажа од сортите темјаника, смедеревка и малвазија, „Розе“ од станушина и „Куве Црвено“ кое е исто така купажа која е стилски уникатна – моќниот вранец е омекнат и разигран од белата малвазија. Горд сум на нашата „Темјаника“, со која винаријата и јас како производител сме доста познати меѓу љубителите на вино. Особено сум горд и на нашето „Розе Станушина“ кое беше наградено со бронзен медал на BIWC 2021 натпреварот кој беше одржан во Скопје. Тоа е нашето прво наградено вино, а наградата ни е од големо значење бидејќи ни помогна да стигнеме до поширок круг на потенцијални потрошувачи, а воедно и до зголемена проджба на сите други наши вина. Фактот дека беше препознаен нашиот квалитет и посветеноста која ја вложуваме во производството ни е дополнителен поттик да продолжиме понатаму со производство на квалитетно вино. Се надевам дека ќе редиме уште успеси во иднина.

Колкави количини вино произведувате во моментов?

Прозиводството на „Иванов Винарија“ е околу десет тони на вино, но размислуваме за намалување на количината со цел да се фокусираме на квалитетот и изборот на повеќе видови на вино. Нашите вина може да се купат директно од нашата винарија, а исто така и ги доставуваме по карго низ Македонија. Од скоро сме присутни во Скопје во продавницата за вино FineWine.mk која се наоѓа спроти Меморијалниот музеј на Мајка Тереза. Во моментот сме во преговори и со онлајн продавници за нашите вина да станат дел и од нивната понуда.

Што е тоа што ги одвојува вашите вина од оние на конкурентите, што ќе им порачате на вашите потенцијални клиенти, зошто да ги купат?

Она што сакаме да го покажеме со една голтка вино од „Иванов Винарија“ пред сè, е страста со кое е направено. Вниманието кое го посветуваме на деталите, малите количини кои ги произведуваме за да добиеме врвен квалитет, минималната интервенција во лозјето и во винаријата, како и постојаниот квалитет со конкурентна цена, нè прават доста интересни за нашите потрошувачи. Многу ни оди во прилог фактот што во мојата кариера успеав да изградам голем круг на потрошувачи кои уживаат во нашите вина и тоа ни помага да се одржуваме во еден доста конкурентен пазар, како со малите семејни винарии, така и покрај големите корпорации.

Кои сорти грозје ги произведувате? Каде се наоѓаат вашите насади?

Имаме сопствени лозја кои се наоѓаат во атарите на селата Сопот и Дабниште, Кавадарци. Во Сопот лозјата се засадени со белите сорти темјаника, смедеревка и малвазија, а додека во Дабниште се одгледуваат станушината и вранецот. Белите сорти на грозје ги одгледуваме сами, а станушината и вранецот ги купуваме од лозари кои го одгледуваат по наш вкус и само за нас.

Како дојдовте до одлука да отворите семејна винарија, што ве мотивираше?

Одлуката дојде природно и спонтано, бидејќи производството на вино е долга традиција во семејството. Сфатив дека имам можност да го унапредам производството и моите вина бидат присутни на повеќе трпези низ нашата земја, а во иднина и надвор од неа. Другата причина беше, со отворањето на винаријата, да се отворат можности да запознаам и други производители и винарии од цела Македонија со кои ќе можеме да споделуваме искуства и се унапредуваме заедно.

Доаѓаат ли љубители на вино во посета на вашата винарија? Планирате ли „Иванов Винарија да биде дел од туристичката понуда?

Токму во моментов работиме на унапредување на понудата на винаријата и сме со намера да креираме мало катче каде ќе ги угостуваме нашите потрошувачи со нашите вина и споделуваме страста за виното и сè поврзано со него.

Кои се вашите планови за во иднина?

Следејќи ги трендовите на светско ниво, зголемените трошоци на вештачки ѓубрива и најмногу за грижата и заштитата на околината, размислувам да почнам со органско производство кое во иднина би го унапредил во биодинамичко производство со кое се почитува космичката енергија и природниот ритам на почвата и растенијата. Ова е многу интересен пристап, навидум и застрашувачки, но е мојот предизвик што ме тера да напредувам како индивидуа и како производител.

Во меѓувреме, исто така, експериментирам со сорти и видови на вино за кои се надевам дека ќе остават добар впечаток кај нашите клиенти и критичари. Кога ќе бидеме подготвени за продажба ќе ги известиме и нашите потошувачи и ќе го очекуваме нивното мислење.

Сподели!
- Advertisement -