24.8 C
Skopje
петок, август 12, 2022

Со иновативен тим средношколци го креиравме првиот македонски мини болид за Формула 1!

Kabtel desktop

Пет средношколци од скопската гимназија „Орце Николов“ се првиот македонски тим кој ќе учествува на меѓународниот натпревар F1inSchools-Word finals за дизајнирање, аеродинамичко тестирање и изработка на најбрз мини болид на Формула 1 кој ќе се одржи следниот месец во Лондон. Средношколците Марио Блажевски, Мирослав Мишоски, Калин Јовановски, Мила Перинска и Никола Мишоски под менторство професор д-р Виктор Илиев, раководител на Лабораторија за механика на флуиди и хидраулични машини на Машинскиот факултет во Скопје три месеци интензивно развиваа модел на мини болид на Формула 1, кој ќе се натпреварува на патека од 20m во конкуренција од 55 земји од целиот свет.

F1inSchools-Word finals е натпревар во дизајнирање, аеродинамичко тестирање и изработка на најбрз мини болид на Формула 1. Се работи за натпревар во светски рамки кој оваа година ќе се одржи во Лондон во периодот од 9-15 јули во конкуренција на учесници од 55 земји од целиот свет. Ова е најголемиот STEM натпревар (Science, Technology, Engineering, and Mathematics) во светот кој се одржува секоја година започнувајќи од 1999 година, и оваа година тим од средношколци се првите од Македонија кои земаат учество на натпреварот. Главната цел на натреварот е да помогне да се сменат перцепциите за науката, технологијата, инженерството и математиката преку создавање на забавна и возбудлива средина за учење на младите луѓе.

За деталите околу овој иновативен, креативен и возбудлив проект разговаравме со професор д-р Виктор Илиев

 Разговараше – Верица Јорданова 

Професоре Илиев, раскажете ни како дојде до соработката со средношколскиот тим и што всушност развивавте во изминатите месеци?  

Средношколскиот тим AERTH Racing (www.aerthracing.mk) е составен од 5 членови сите ученици од СУГС ,,Орце Николов”-Скопје кои ќе учествуваат на натпреварот. Со оглед на тоа дека се работи за натпревар со научен карактер во кој се бара изведба на нумерички и експериментални истражувања потребно е тимот да има ментор за поддршка кон остварување на целите поставени од страна на организаторот на натпреварот. Како станав ментор на овој тим? Познато е дека Машинскиот факултет веќе подолго време располага со воздушен тунел за испитување на аеродинамичките карактеристики на различни видови на тела и објекти. Воздушниот тунел е поставен во Лабораторијата за механика на флуиди и Хидраулични машини на која во моментот сум раководител. Учениците за нашата работа се запознале преку социјалните мрежи и од студентите кои студираат на Машинскиот факултет. Најпрво кога ми ја претставија идејата на натпреварот и потребна поддршка која треба да им се обезбеди, си реков, добро, во ред, ќе ги направиме испитувањата во воздушниот тунел и ќе им помогнам да ги распознаат феномените во аеродинамиката како би можеле да го креираат оптималниот модел на мини болид. После две недели работа учениците официјално ме поканија да бидам ментор на тимот кој ќе ги води до целта и да бидам со нив на натпреварот во Лондон. Со задоволство го прифатив предизвикот, знаејки дека ќе следи период со премногу активности околу подготовката на тимот.   

Беше потребно да формирам и тим од Машинскиот факултет кој ќе биде вклучен во фазите на изработката на финалниот модел. Професорот Никола Аврамов дава поддршка при испитувањата на аеродинамичките параметри на мини билидот, асистент Марија Лазаревиќ дава поддршка при изведбата на нумеричките симулации, лаборантот Бобан Кусигерски ги изработува моделите на CNC машина, лаборантот Борче Крстовски и магистрантот Виктор Алексоски се задолжени за припрема на експерименталната опрема и опремата за тестирање на моделите, Димитар Бошњаковски задолжен за контрола на 3D дизајнот на моделите и работилничките цртежи, студентот Александар Стојановски ги изведува дел од нумеричките симулации.  

Тимот на ученици се состои од пет членови, секој со своја улога и задачи: Марио Блажевски (Тим лидер), Мирослав Мишоски (заменик лидер и 3Д дизајнер), Калин Јовановски (3Д дизајнер), Мила Перинска (Дизајнер) и Никола Мишоски (задолжен за изготвување финансиски извештаи). Во тимот е вклучен уште еден ментор, професорот Стефан Митров од М3DS академијата кој се најде во вистинско време на вистинско место. 

Колку долго работевте на развој на финалниот прототип? 

Се работеше три месеци интензивно и имаме речиси секојдневни средби и состаноци. Решението кое се развива е модел на мини болид на Формула 1 кој ќе се натпреварува на патека од 20m во конкуренција од 55 земји од целиот свет. 

Кои се техничките карактеристики на првиот македонски мини болид?  

На Машинскиот факултет се изработуваат нумеричките симулации, експерименталните истражувања, изработката на моделите на CNC машина и тестирање на реална патека.

Освен изработка и тестирање на финалниот модел, учениците имаат задачи да завршат и други активности како што се:  

  • Изработка на виртуелен штанд (Pit Display) на кој ќе биде изложена целокупната работа (од почеток до крај) 
  • Изработка на портфолија 
  • Изработка на финансиски извештаи 

За овие активности тимот има голема поддршка од вториот ментор Стефан Митров. 

Навистина сериозен тим работи на овој интересен проект. Но, кои беа предизвиците со кои се соочивте во процесот? 

Специфичноста на ова натпреварување е во тоа што 3D креирањето и изработката на моделите се изведува по строги зададени технички регулативи и прописи, кои се слични на оние од реалната трка на Формула 1. Најголемиот предизвик беше исполнувањето на строгите критериуми кои се поставени од организаторот, и секако важат за сите учесници. Пример за некои критериуми и ограничувања: 

  • автомобилот мора да вклучува предно крило кое не ги покрива тркалата,  
  • задното крило на автомобилот да не ги покрива задните тркала (гледано одозгора), 
  • тркалата мора да бидат целосно видливи од десната и левата страна, 
  • автомобилот да има комора за сад со CO2, комората да биде паралена со патеката, 
  • при движењето на автомобилот тркалата мора да бидат во постојан контакт со патеката, 
  • автомобилот да биде симетричен во однос на вертикална референтна рамнина, 
  • испитувањето да се врши во воздушен тунел при брзина на струење на воздухот од 20 [m/s].

Големиот ден се ближи. Кои се очекувањата од натпреварот и дали имате некои планови за развој и по завршување на натпреварот во Лондон? 

Свесни сме дека повеќето земји учесници секоја година имаат претставници на овие наптревари и нивното искуство во подготовката е далеку поголемо од нашето. Со оглед на тоа дека веќе ја имаме обезбедено опремата за финално тестирање на моделите, планот е од следната година се организираат регионални натпревари на ниво на цела држава преку кои би се избирал учесникот од Македонија на следните натпревари.  

Во поглед на нашите очекувања, детално ги анализиравме досегашните резултати од претходните натпревари, и врз основа на резултатите од тестирањата на моделот се надеваме на место меѓу најдобрите 20 тимови. 

Како ја оценувате поддршката од институциите и компаниите во Македонија за ваков тип на иницијативи. Што ви беше најтешко во завршување на подготовките на натпреварот?

Се работи за натпревар во светки рамки и трошоците за учеството на истиот се преголеми особено за еден тим кој доаѓа од земја како нашата. Средствата кои се потребни за покривање на целокупните трошоци изнесуваат околу 25.000 ЕУР (трошоци за: визи, авионски билети, сместување, котизација за учество на натпреварот, опрема за тестирање, опрема за испитување и репрезентативни материјали).  Финансирањето го обезбедуваме преку спонзорства, кои, да бидем искрен, за жал многу тешко се наоѓаат во нашата држава. Државните институции и општествено одговорните компании досега немаа слух и разбирање за овие млади луѓе (со чест на исклучоци). Во моменот ни недостасуваат спонзорста за покривање на трошоците за котизација на натпреварот и сместувањето во Лондон. Листата на досегашни спонзори може да се види на веб страната на тимот (www.aerthracing.mk). 

Во моментот работиме на подготовка за организирање на настан за тестирање на моделите на реалната патека, тука на Машинскиот факултет на кој ќе биде поканета и пошироката јавност. 

Сподели!

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!