9.8 C
Skopje
сабота, декември 3, 2022

Best Online Assistant на Елизабета Јовановска влезе во потесен избор за иновативни бизниси на ОН!

Kabtel desktop

Best Online Assistant e иновативна и уникатна платформа за едукација, обука, кариерен развој и вработување на лица со телесна попреченост креирана од страна на Елизабета Јовановска. Платформата веќе ја користат голем број на лица со попреченост, а 60% од оние кои ги поминаа обуки се вработени со полно работно време. Овој пристап веќе освои голем број на награди за иновативност ширум светот, а следно е ширење на други пазари!

Новинар – Верица Јорданова

Кажете ни од кога постои оваа идеја и кога стана реалност?

Идејата за концепт на работа од дома и фриленсери постоеше одамна, но почнавме да ја поставуваме и реализираме кон крајот на 2020. Најпрво како портал каде лица со телесна попреченост ќе можат да бидат даватели на дигитални услуги како што се преводи, пишувачи на текстови, проекти, графички дизајнери, администратори на социјални медиуми, работа од дома за call центар и тн. Со текот на работењето видовме дека можеме да ги вклучиме и едукацијата и тренингот на лицата, а потоа и ХР делот за вработување. Така сега Бест Онлајн Асистент за помалку од две години е 3 во 1 платформа за едукација, тренинг, кариерен развој и вработување на лица со попреченост, што не прави единствени од ваков тип во Европа.

Како настана истата?

Бренд Солушн е компанија која работи во областа на дигиталниот маркетинг и како се зголемуваше работата имавме потреба од дигиталци од различни области. Од друга страна пак јас сум постојано активна во работата со лица со попреченост како нешто кое ми создава радост и среќа и ми дава сила за сите предизвици во животот.

Се до една изложба на која учествував во Обединетите Нации не размислував дека можам да ги спојам мојата професија и мојата пасија.

Штандот на кој промовиравме Аудио QR код за облека наменет за слепи лица, магнетни копчиња за кошули со брајова азбука наменети за лица кои имаат потешкотии со облекувањето произлезени од еден проект на Здружение од Македонија, го посетуваа лица во инвалидска количка кои покажаа интерес кон иновативните производи кои ги презентиравме. Тогаш соочена со проблемот да одговорам навремено на обврските со мојата компанија, всушност дојде идејата за Онлајн Асистент, т.е наместо да обучувам тимови од компании за дигитални вештини, да почнам да обучувам лица со телесна попреченост.

Што му е потребно на еден дигитален маркетер? Столче, компјутер, желба за учење, креативноист и време. Лицата со телесна попреченост го имаат сето тоа.

Но одлуката да почнам не дојде преку ноќ, бидејќи сепак треба да работам со категорија на граѓани на кои постојано некој нешто им ветува, а не реализира. Соочена како со скептицизмот од опшеството така и од недовербата за реализација од страната на лицата со попреченост, јас сакав и морав да отстапам од матрицата и да понудам применливо решение за проблемот на едукација за дигитални вештини и вработување на оваа група наши сограѓани.

Направивме детални анализи, за потребите и проблемите, вклучивме лица со телесна попреченост во креирање на планот и стратегијата и почнавме чекор по чекор да ја реализираме идејата.

И од старт привлековме внимание, бидејки нашето решение нуди решавање на проблем на категорија на граѓани на која државите под притисок од разноразни кризи, не стигнуваат да го решат.

Кој стои позади неа?

Идејата произлезе од мене, но немаше да биде реализирана без мојот тим. Почнавме тројца, а сега сме веќе шест луѓе од кои три се лица со телесна попреченост – (Бранкица Димитровска, Даниела Џинговска и Дејан Митев). И морам да напоменам 4 жени и 2 мажи J

Може ли да споделите каде се се користи оваа апликацијата и какви се досегашните резултати?

Засега работиме Б2Б, т.е ги повикуваме лицата со попреченост на обука, а по обуката ја нудиме можноста за работа преку платформата или пак ги спојуваме со компании и организации, а во последно време имаме побарувања и од државните институции.

Истовремено навистина добивме и огромна медиумска подршка затоа што нудиме конкретно решение за едукација и вработување на лица со попреченост, што охрабрува се повеќе лица со попреченост, а и компании да ни пристапат директно.

Откако се појавивме на неколку натпревари надвор од Македонија интересот за нашата платформа надвор од МК е голем, а ние се наоѓаме во момент кога сакаме да одговориме на предизвикот.

Од користењето на оваа апликација се чини дека сите се во win-win ситуација. Кои се бенефитите за корисниците, за компании, за општеството во целина?

Корисниците – лицата со попреченост добиваат: бесплатни сертифицирани курсеви за дигитални вештини, обука и работа на реални проекти, понуди за хонорарен ангажман или работа со полно работно време, еднакви можности, промоција и маркетинг за нивниот талент и услуга, советување за кариерен развој како и поврзување со 100% социјално одговорни компании.

Бенефитите кои ги имаат лицата со попреченост од зачленување на нашата платформа се: надоградба на знаењето според новите трендови и потреби, стекнување со нови вештини, можности за заработка, вработување, заштита од злоупотреба на труд, директно поврзување со недискриминирачки компании, активен ангажман.

Компаниите и организациите, во зависно од членството, добиваат база на податоци на квалификувани лица со попреченост достапни за работа со полно или со скратено работно време, висококвалитетни услуги, инструкции за правни можности за користење на бенефити од државата при вработување на лица со попреченост, беџ за опшествено одговорна компанија на годината, можности за стипендирање на студенти.

Придобивките од инклузивно вработување кои ги имаат компаниите се: Нов целен пазар за пласирање на своите производи или услуги кај кои ги освоиле симпатиите преку давање позитивен пример на еднаквост, зголемена продуктивност во секторот каде се вработени лицата, поголем обрт и профит.

Придобивки за опшеството се големи: oд подигнување на свеста за еднаквост, отварање на погледите за вредноста на секој поединец, менување на ставови на луѓето кон попреченоста, помагање на другите да ги трансформираат своите перцепции. Гледајте го човекот, а не попреченоста. Гледајте ги лицата со посебни потреби како активни и рамноправни членови на општеството

Неодамна влеговте во потесен круг на иновативни бизниси во проектот Zero на Обединетите нации, на кои ОН ќе им овозможи реплицирање на бизнис моделот. Кажете ни нешто повеќе за ова.

Оваа година беше навистина активна, продуктивна а летото го поминавме натпреварувачки. Па така во изборот на Најдобри стартапи од Западен Балкан каде имаше пријавено повеќе од 100 компании , во април, бевме рангирани во ТОП 5 најдобри стартапи од регионот а The reqursive напишаа дека сме едни од највозбудливите бизниси што е одличен поттик за унапредување на нашата работа.

Во мај учествувавме на националниот натпревар за креативни и иновативни бизниси и го освоивме првото место, што не направи национални преставници на светското првенство за најкреативни и иновативни бизниси BRIGHT кое се одржа во јуни во Копенхаген, Данска. Во конкуренција од 70 земји натпреварувачи влеговме во финале и ТОП 12 најиновативни бизнис идеи во светот.

Пичиравме помеѓу Кина и Јапонија, кои не влегоа во финале, а ја оставивме и Германија зад нас.

Во јуни исто така бев учесник на GLOBAL WOMAN AWARDS во Лондон, каде бев номинирана за почесна награда, од каде пак произлегоа идни планови и можности за проширување на нашата работа во Лондон.

Токму кога мислевме дека ќе одмориме после напорниот период, стигнаа резултати од Zero Project од Обединети Нации, дека Best Online Assistant е влезен во потесен круг за најиновативни бизнис модели кои овозможуваат подобрување на животот на лицата со попреченост, а истовремено ја задоволуваат потребата на компаниите и дека покрај натпреварувањето ни нудат можност да учествуваме во програма која овозможува реплицирање на моделот во нивни партнерски земји. Zero Project е фондација, која НЕ обезбедува финансиски средства, туку не поврзува со таргетирани клиенти т.е лица со попреченост и бизниси во земји во кои ние сакаме да го прошириме нашето работење, а за скалирање на еден бизнис тоа е можност која ќе ни заштеди и време а и инвестиции.

Како ја оценувате поддршката на иновативни идеи и стартап компании во нашата земја? Што најмногу фали?

Стартап светот почнав да го осознавам минатата година, а со тоа и можностите кои се нудат кај нас. Поминав повеќе менторски програми кои навистина дадоа подршка и унапредување на работата на нашиот бизнис концепт. Иако на нас во Македонија гледаа скептично на почетокот кога се појавивме, се поголемиот интерес од страна на странците за нашата платформа прави и нашите организации да ја актуелизираат ИМПАКТ темата. ФИТР е одличен за почетна валидација за дали една идеа е добра или не, а како најзадоволна засега можам да се пофалам од менторската програма на SWISS EP и Startup Macedonia која ја поминав.

Она кое недостасува се поотворени и потранспарентни линкови до инвестициски капитал. Од друга страна пак, банките и одредени нефункционални закони претставуваат огромна кочница во развивање на еден стартап во Македонија. Од овој лавиринт, многу млади основачи на компании или го префрлиле седиштето на компанијата во друга земја и со тоа странски капитал не влегува во Македонија, или доколку успеале да ја извојуваат битката изгубиле драгоцено време во решавање на бирократски проблеми.

Имаме добиено награда од STRIPE да можеме на нашата платформа да правиме трансакции без провизија, а неможеме да ја искористиме. Ова е само една кочница а ги има многу.

Споделете некои интересни и успешни примери од вашето работење

На почетокот и луѓето, а и бизнис фелата многу често не мешаа дека сме здружение , а не компанија. Здруженијата работат на овие теми но со донаторски средства и во определен временски период.

Ние како компанија моравме да направиме стратегија и долгорочен бизнис план на кој начин ќе обезбедуваме приходи, што не прави сосема поразлични од здруженијата кои работат на овој проблем. Сами се финансираме.

Кога ќе ја видеа сериозноста и посветеноста беа изненадени од храброста за отпочнување на овој бизнис концепт, а и тоа на каков начин ги решаваме предизвиците кои ни излегуваа на патот.

Лицата со попреченост кои поминаа низ нашите обуки дури 60% се вработени со полно работно време. Горди сме на таа бројка. Веќе почнавме и да припремаме кадар за однапред познати работодавачи. Вообичаено, кога ќе им соопштиме на избраните ученици дека имаат понуда за вработување, прво не им се верува, а после почнуваат солзи радосници, затоа што они навистина поминале дискриминирачка голготоа претходно и ја изгубиле вербата дека можат да најдат вработување. Последниот случај, лице од Виница уште во вториот месец од обуката му беше понудено вработување. Ќе работи за компанија во Скопје, со полно работно време по принципот работа од дома.

Кои се идните планови за Best Online Assistant?

Во моментов имаме двајца советници, од САД и  од Англија кои целосно работат во развивање на глобална стратегија за скалирање на бизнисот и адаптација по земји надвор од МК. Во ноември учествуваме на најголемиот саем за компании во Лондон, The British Business Show, каде ќе се преставиме во делот работа од дома.

Веќе работиме во насока на подобрување на платформата како и имплементирање на нови алатки. Во иднина имаме план и за мобилна апликација. Нашето учество во проектот Zero ни овозможува тестирање и имплементирање на најиновативни алатки кои во иднина ќе можат да ги користат и лица со други попречености. Употреба на џојстик, глас, превод се само дел од алатките кои ни се во планот за следната година. А многу скоро најавувам и на кој начин лицата со Даунов синдром ќе можат да ги користат бенефитите на оваа платформа

Сподели!

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!