4.8 C
Skopje
вторник, ноември 29, 2022

Марија Аслимоска, Македонка од Даблин е новиот бренд амбасадор за италијански накит со дијаманти DAMIANI!

Kabtel desktop

Љубовта за југот….или како една Македонка со адреса во Ирска, беше избрана да биде бренд амбасадор за познатиот италијански накит со дијаманти DAMIANI

Марија Аслимоска живее во Даблин. Таа има една неверојатна професија, која кај нас не знам дали има соодветен превод. Таа е perfumer – експерт за создавање на парфеми и нивни композиции, „хемичар„ за креирање на тие скапоцени капки течност кои создаваат мирисна магија. Дипломирала на Institute of Perfumery во Grasse, а во Даблин има свој шоп со ретки парфеми.

Игор Божиновски пак е човекот кој ги носи во Македонија врвните брендови на часовници и накит. Меѓу кои е и DAMIANI.

Неговата компанија е позната по иновативни гледања на маркетингот и во брендирање и во кампањи. Надвор е од клишеата и концептите на кои многумина се навикнати. Тој, верува во инфлуенсерскиот маркетинг пејзаж базиран на стратегија, но како сегмент кој мапира личности кои во одреден простор се своевидни трендсетери. Оттука, тој во маркетингот кој го користи неговиот тим и како наука и како уметност, ги фаворизира микро и нано инфлуенсерите кои низ многу изминати кампањи се неговиот свет. Оние со следбеници од 1.000 до 20.000…а знаете ли зошто? Зошто токму тие микро и нано инфлуенсери се оптимален канал за брендовите кои мислат поинаку. Зошто тие инфлуенсери можат да се поврзат со групи кои го игнорираат традиционалниот маркетинг. 

Но, под еден услов…тие личности да имаат свој личен свет кој го живеат вистински, а не за потребите на социјалните медиуми и да инспирираат со својот оригинален начин на живот.

Така се случи и овој спој на соработка, диверзификување на стратегијата на еден голем DAMIANI со моќна приказна на Божиновски преку Марија Аслимоска. И тоа на наш терен…во древниот Охрид. 

Иновација на маркетинг кампања и метаверзум кој ќе го подигне маркетинг влијанието на следно ниво. 

Дека може да се парира на глобален бренд со топла локална приказна ќе раскаже токму оваа кампања за DAMIANI која деновиве стартува. Кампања која е софистицирана, која се базира на импресивни искуства и индивидуалност…која ќе значи ново ниво на разбирање на тие мали, но скапоцени виртуелни инфлуенсери.

И да…ние сме мал пазар, но тоа ете никако не значи дека немаме моќ да се наметнеме со свои приказни и да лансираме кампањи за еден голем светски бренд. 

Новинарка: Љубица Ангелкова

„Орелски крилја как да си метнех..и на наши страни да си прелетнех„…

Марија, тагата за југверојатно се лечи на многу начини, но како реагиравте на поканата да бидете заштитно лице за кампањата на Damiani од Италија, за Македонија?

Луѓето кои ме познаваат, можат да посведочат дека Македонија за мене е посебно место. Често знаам да кажам гласно „Ја обожувам Македонија„. Едноставно, ова мало парче земја од чија утроба сме никнати, ми е постојана инспирација.

Кога ја добив поканата од Божиновски часовници & накит да бидам заштитно лице на DAMIANI во Македонија, не се двоумев. Сакам убави нешта, ја сакам Македонија, оваа компанија има посебен имиџ во светот на накитот и навистина се почувствував привилегирано, токму јас да бидам избаран а да ја раскажам нивната приказна, на македонски начин. 

Таа покана ве донесе во вашата родна Македонија, каде во Охрид снимавте цела кампања за овој врвен италијански бренд со дијаманти. Кој беше тимот кој работеше со вас и колку време беше потребно, со оглед на фактот што вие ретко се наоѓате пред објективите на камерите.

Охрид е град од кој потекнува мојот татко и таму ми се и најубавите спомени од детството. А и од тинејџерските години…Охрид е посебна приказна, тој е еден од градовите кои толку многу зборуваат за Македонија, а неговата посебност го става на листата на градови на УНЕСКО. Јас кога би правела листа на најубави градови во Европа, Охрид секако би бил. 

Идејата да се фотографира токму во Охрид, се случи некако логично. Сакате убавите нешта да бидат на убави места. Тимот кој работеше на овој проект со мене направи една приказна низ фотографии и видеа, прикажувајќи ја беспрекорна тоа убавина на накитот DAMIANI, на тоа посебно место. И се мислеше на секој детал, стилистката Милена Танаскоска одлучи најголемиот дел од креациите кои ги носев да бидат од македонски дизајнери и тоа од новите сили, кои градат име во модниот свет. Два дена работевме, но тоа не беше работа, туку едно огромно уживање. Многу се забавувавме на сетовите, тие два дена ќе ги паметам како еден преубав спомен. 

Дали досега сте биле заштитно лице на некој друг моден бренд?

Да, во 2019 година соработував на сличен начин за ирската дизајнерка 

Joanne Hynes. 

Личност сте, која има многу интересна професија, односно основач сте на бизнис кој по многу нешта е посебен и редок. Раскажете ни како започна таа ваша авантура во светот на парфемите.

Морам да се вратам на детството и да си признаам дека јас бев таа која од малечка чувала шишенца со парфеми, како највредни нешта. Тие беа моите играчки. Шишенцата со парфеми, како мистериозни предмети кои љубоморно чувале сокриени мирисни ноти, дури и кога биле празни за мене имале некое значење. И таа љубов, очигледно имала своја смисла. Така што, ова што го работам денес, за мене е природно. Иако, мора да се признае дека живеам во земја која ниту има индустрија позната во светот по парфеми, нити пак има потенцијална инфраструктура за креирање на истите. Оттука, можеби чуди овој мој избор токму парфемите да се моја професија. Бев упорна, зошто верував во таа љубов кон парфемите, па успеав да добијам место во таа мала група од само 12 студенти колку што годишно прима Institute of Perfumery во Grasse, во едно од ретките училишта во светот кое треба да се заврши, за да се стане parfumer. 

И така започна остварувањето на мојот сон. 

Заради вашата лична естетика, заради фактот што за сопствениот бизнис имате допир со кампањи и промоции на ваш начин, како гледате на она што како продукт излезе од кампањата на БОЖИНОВСКИ часовници&накит кој го носи овој врвен бренд на скапоцености во Македонија. Колку ви се допаѓа таа визура на кампањата која ја произведе тимот?

Врвна кампања, со професионален тим. Бев сигурна дека така и ќе биде сработена. Тимот го сочинуваа десет личности кои работеа на проектот, Македонија има професионалци кои со тоа што го работат можам слободно да кажам дека можат да работат за било кој светски бренд. Дуото фотографи Ани и Дими, визажистот Васе Доковски, Милена Танасковска како стилист и нивните асистенти, го дадоа најдоброто од себе. Направија двата дена да поминат и работно и забавно и незаборавно. Ги гледам фотографиите денес, ги затворам очите и помислувам дека имаме што да покажеме на светот од Македонија, а големиот DAMIANI прилега на Охрид, совршено. 

Накитот Damiani е совршен одраз на италијанскиот шарм и пристапот на животот. Префинет, безвременски и иновативен…тој во исто време е единствен и воочлив. Оние кои ве познаваат добро, истото ќе го кажат за вас. Колку годи таа единственост, а колку е некогаш пречка да се остане незабележан заради сопствен мир?

Годат вашите комплименти. За мене, најголемиот квалитет кој еден човек може да го поседува е кога може да остане свој, доследен на себеси и на своите вредности…и со гламур и дијаманти, но и без нив. Тука мислам на сите оние кои и покрај се, не ги колеба ништо во своите вредности и нивниот став. За мене, оние кои умеат во својот мир се ретки и посебни. Мирот е најубавиот накит кој е невидлив,а краси. Веројатно, на таков мир прилега и се друго што потоа ќе ставите и ќе изгледа префинето. 

Мирот кај мене, го создава и тој мој животен стил-биди своја и чувај го скржаво својот мир, кој вие сте го протолкувале како моја „единственост„. Ми значи тоа, благодарам уште еднаш. 

Древниот Охрид со сјај на италијанските дијаманти, отсликување на La vita e Bella, на наш начин…тоа мошне умешно е направено. Дури ни Комо не можеше на фотографиите подобро да изгледа од нашето езеро охридско. Какви се реакциите од италијанците, што со вас сподели тимот на БОЖИНОВСКИ часовници&накит.

Пристигнаа првите впечатоци од DAMIANI. Лично, сопственикот на компанијата Guido Grassi Damiani испрати пораки дека она што го доби од Македонија е врвно.

 Дали имате некоја анегдота поврзана со снимањето.

Анегдота немам. Но, има еден миг кој вечно ќе го паметам…фотографиравме залез на сонце на едрилицата, го осетив тој мирис на летна охридска вечер кој е посебен, доаѓа од езерото и е толку многу карактеристичен тој мирис, сигурно знаете за што зборувам…јас облечена во долг бел свилен фустан со потпис на Јована Филиповиќ и на себеси D-Side огрлицата на DAMIANI, но завртена на грб…се чувствував како божица. Миг за вечно паметење.

Кое парче од накитот кое го носевте би било прв избор за вас. Или поедноставно, што од Damiani е ваша љубов на прв поглед.

Колекцијата  „Mimosa„ ми е најдрага зошто диши со гламур и класа, но без премногу наметнување. Исто, мимозата ми е една од омилените ноти во парфемите, па така оваа колекција некако природно допре до мене. И да кажам, дека по завршувањето на овој ангажман се почестив самата токму со тоа парче DAMIANI накит, кое сега можам да кажам дека го поседувам.

Живеете во Ирска, бајковито изгледа вашиот живот. Што е она што таму ви е посебно и убаво, а што понекогаш ви недостига од Македонија.

Мојот живот во Ирска е навистина идиличен, зошто сметам дека го имам пронајдено тој совршен баланс помеѓу семејството, професијата и личните задоволства. Ниту еден од овие три сегменти не го запоставувам, можеби затоа за возврат живеам среќен и исполнет живот, воопшто неоптеретен од туѓи мислења и очекувања. Но, има нешто што таму понекогаш ми недостига, а тоа е вкусот на храната од Македонија, тој вкус кој е толку многу посебен и не може да се замени, ми недостига и сонцето од нашиот југ, ми недостига и кафето со другарките. Но, јас ја користам секоја прилика да дојдам во посета на Македонија и да го компензирам тоа недостигање.

Кои се првите желби лични за 2023? 

Желба број еден е во 2023 да го направам новиот чекор и да лансирам сопствена линија на парфеми. 2023 ќе биде дефинитивно моја година, секој ден од неа. 

Јас го живеам со полн здив секој еден ден, по тоа сум позната исто толку колку што сум позната по парфеми и убав накит.

Сподели!

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!