21.8 C
Skopje
среда, октомври 4, 2023

Стартува Академијата за жени претприемачки! Можност млади од ИТ и СТЕМ области да стекнат бизнис вештини

Kabtel desktop

Стартува нова генерација на Академијата за жени претприемачки (AWE) во Република Северна Македонија. Академијата e поддржана од Амбасадата на САД во Република Северна Македонија, a имплементирана од страна на Mакедонско-Американска Aлумни Aсоцијација.

Стартот на годинешната Академија е повод за ова интервју со Софија Гошева-Чоланческа, експерт за развој на бизнис и финансиски консултант, која им помага на сопствениците на микро и мали бизниси да воспостават и развијат процеси на деловно планирање и финансии. Повеќе од 20 години вработена во финансискиот сектор со висока експертиза поврзана со банкарските финансии и кредитирањето, својата банкарска кариера ја отпочнала во кредитниот сектор, работејќи со микро, мали и средни претпријатија. Во рамки на Академијата Гошева-Чоланческа ја има улогата на координатор на програмата.

Разговараше – Верица Јорданова

Г-ѓа Гошева, годинава по втор пат ќе се реализира Академија за жени-претприемачки, наменета главно за девојки/жени од ИТ и СТЕМ областите. Може ли да ни кажете подетално за каква Aкедемија и кој се ќе може да се пријави за учество во истата?

Академијата за жени претприемачки (AWE) е формирана во 2019 година од страна на Бирото за образовни и културни работи на Американската Влaда. Примарната цел на Академијата, која кај нас е поддржана од Амбасадата на САД во Република Северна Македонија, а јa имплементира MAAA, е на заинтересираните идни претприемачки да им се обезбеди знаење, можности за вмрежување, но и пристап до она што им е пoтребно за да основаат сопствен бизнис. Програмата се спроведува во преку 80 држави низ светот, помагајќи при тоа директно или индиректно, повеќе од 15000 жени претприемачки да основаат сопствен бизнис или да го прошират и зголемат својот веќе постоечки бизнис. Податоците од повеќе спроведени анкети покажуваат дека Академијата беше особено делотворна за време на пандемијата предизвикана од вирусот КОВИД-19, помагајќи им на претприемачките да се прилагодат и адаптираат на новите економски услови во 2020 и 2021 година.

Академија претставува и платформа за поттикнување на претприемништвото и иновациите кај жените, овозможувајќи им да навлезат и напредуваат во бизнис води во кои традиционално доминираат мажите.

Преку програмата се промовира и потенцира дека жените поседуваат капацитет да учествуваат во растот и развојот на економиите со што директно се поддржуваат заложбите за родовата еднаквост и еднакви можности за сите.
Минатата година Академијата ја организиравме за учеснички, идни претприемачки од руралните средини, додека оваа година ќе биде отворена и за учеснички претприемачки или потенцијални претприемачки од технолошко-информатичката дејност. Оваа иницијатива годинава ја дизајниравме пред сe’ заради актуелноста на оваа економска дејност денес, но и земајќи предвид дека формалното академско образование во овие области не нуди практична едукација по претприемништво. Со Академијата сакаме да обезбедиме средина во која ќе биде понудена поддршка, знаење, многу практични алатки за учестничките кои или веќе делуваат или пак се заинтересирани да основаат сопствени бизниси.

Со оглед на тоа дека станува збор за втора сезона од спроведување на Академијата може ли да ни кажете какво беше минатогодишното искуство од нејзината реализација?

Минатата година Програмата беше организирана за 25 учеснички од руралните средини, некои од нив потенцијални претприемачки, со идеи за основање на нови, иновативни бизниси меѓудругото за производство на храна, козметички производи, нудење на различни услуги во руралните средини итн. Имавме и учеснички веќе етаблирани жени-претприемачки кои пак од своја страна имаа потреба од организирана структура и подобрување на управување на нивниот бизнис. Сите 25 претприемачки успешно ја завршија програмата, и се здобија со сертификат.
Еден од главните моменти на програмата беше развојот на иновативни бизнис идеи и нивно преточување во бизис план за реализација на истите. Сите учеснички покажаа висока креативност и знаење во дизајнирањето на решенијата. На три учеснички, кои имаа најдобри решенија, им беа доделени награди како иницијална сума на средства за отпочување на бизнисот.
Во текот на целиот циклус на одржување на програма бевме сведоци на соработка и размена на искуството помеѓу учесничките. Претприемачките од руралните средини често се соочуваат со уникатни, специфични предизвици, но здружувањето во група и размената на мислења не ретко раѓаат решенија за отстранување на пречките и генерирање на раст и развој.
Така што впечатоците се целосно позитивни, работата во група откри потенцијал развој на бизнис идеи и потенцијал за меѓусебната соработка и поврзување.

Годинава фокусот е на девојки и жени од ИТ и СТЕМ области кои го привршуваат своето формално образование и имаат бизнис идеја која би сакале да ја реализираат во скора иднина. Зошто фокус токму на нив и кои се бенефитите кои тие ќе ги добијат од оваа Академија?

Потенцијалот на информатичките дејности за поттикнување на економски раст и иновации е огромен. Бројот на бизниси во овие дејности секојдневно расте поттикнат од големата побарувачка за нови производи и услуги. Целта на Академијата е да се обезбеди едукативна платформа каде потенцијалните претприемачки ќе можат да се стекнат со вредни , практични лекции по претприемништво, управуање и развојот на бизнис, овозможувајќи во исто време можност да се здружат и да споделуваат искуства.

За оние претприемачки кои се веќе навлезени во бизнис водите Програмата нуди можност за подобрување на нивните претприемачки вештини, систематизирано делување, но и градење врски и познанства што би резултира со етаблирање на поразновидна и инклузивна инфомациско-технолошка индустрија. Учеството на повеќе жени претприемачки во информатичките дејности придонесува, исто така и за намалување или премостување на родовиот јаз. Бидејќи овие сектори продолжуваат да го обликуваат свет денес, од исклучително значење е да бидеме сигурни и да овозможиме жените имаат еднакви можности, да напредуваат и да даваат значителен придонес.

Кои се клучните предности кои ги носи Dream Builder методологијата по која се реализира оваа Акедемија?

Станува збор за онлајн-програмата за обука, во чиј центар е платформата DreamBuilder, која е развиена во партнерство помеѓу Thunderbird – школата за глобален менаџмент на Државниот универзитет во Аризона и американската фондација Freeport-McMoRan. DreamBuilder е отворен онлајн курс (MOOC[1]) којшто се состои од 13 онлајн модули дизајнирани да го прошират знаењето на жените претприемачки. Програмата опфаќа основи на пишување бизнис план, па вклучува теми како што се воспоставување на деловните цели, продажба и маркетинг, обезбедување на финансирање, управување со ресурси. Програмата вклучува и сведоштва на успешни претприемачки кои ги споделуваат своите искуства, но и нивните научени лекции од почетоците на основање на бизнисите. Попатно секоја учесничка креира и персонализиран бизнис план, употребувајќи корисни алатки и шаблони, кои им се на располагање и подоцна по завршување на академијата.

Програмата се одвива преку т.н. хибриден модел, комбинација на онлајн часови (DreamBuilder платформата) со часови во училница, структурирани и следени од фасилитатори. Преку DreamBuilder, учесничките онлајн ги следат лекциите, а потоа во училница на организирани часови, се разговара и обработуваат тековните теми и модули. Овој модел на учење докажано го зајакнува учењето преку споделување на знаењето во групата, но и ја зајакнува кохезија меѓу учесничките во групата.


[1] Масoвен отворен онлајн курс (MOOC) е бесплатна програма за учење на далечина базирана на веб која е наменета за голем број географски дисперзирани студенти.

Интересно е што Академија за жени-претприемачки се реализира во повеќе земји на неколку континенти. Според споделените искуства, каков е одзивот и во други земји и економии од страна на жените да стекнат нови знаење и вештини за да започнат свој бизнис?

Од своето основање во 2019 година, Aкадемијата, од 26 земји се прошири и денес во 2023 година се организира во повеќе од 100 земји на сите континенти. До сега повеќе од 25000 жени претприемачки ја завршиле Академијата. Внимателно избраната едукативна програма, во „американски стил“, во комбинација со локално фасилитаторство и менторство, секаде се покажува како комбинација која дава задоволителни резултати.

Според податоците од програмата, повеќе од 80 проценти од жените ја завршуваат Академијата, од нив, 74 проценти пријавиле дека после завршувањето остваруваат повисоки приходи, а 29 проценти дека вработиле повеќе персонал. Овие наоди покажуваат дека моделот на програмата го унапредува локалниот просперитет, помагајќи им на бизнисите предводени од жените, да генерираат повеќе приходи и да отворат работни места во локалните заедници каде што делуваат.

Кои се конретно очекувањата за оваа програма која ќе стартува наскоро и каде може заинтересираните да се информираат за истата?

Имаме големи очекувања, заинтересираноста е голема, па сметаме дека и оваа година ќе имаме нова група на амбициозни идни претприемачки, но и спремни за надградување жени-претприемачки кои веќе имаат сопствени бизниси.

Заинтересираните може да прочитаат повеќе на следниот линк https://maaa.mk/2023/08/22/naskoro-zapochnuva-akademija-za-zheni-pretpriemachki , а оние кои се зантересирани да учествуваат може да се пријават на следниот ЛИНК.


[1] Масoвен отворен онлајн курс (MOOC) е бесплатна програма за учење на далечина базирана на веб која е наменета за голем број географски дисперзирани студенти.

Сподели!

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!