Германската влада значително ја ревидираше прогнозата за економскиот раст за оваа година нагоре. Сега, наместо 0,5 проценти од априлската прогноза, таа очекува стапка од 1,3 проценти.
Како што пренесува Biznis.rs, eкономијата се покажа неочекувано отпорна на зголемувањето на цените на енергијата поради војната во Иран, изјави Министерството за економија. Главните двигатели на растот се извозот, јавните инвестиции и инвестициите во одбраната.
Надворешната трговија повремено имала корист од тесните грла во глобалните синџири на снабдување, што ги принудило купувачите да се снабдат со стоки произведени во Германија.
Во 2027 година, владата очекува раст со стапка од 1,1 процент, односно за 0,2 процентни поени повеќе отколку што предвиде минатата пролет. Сепак, таа исто така предупреди дека економската состојба во голема мера зависи од текот на војните на Блискиот Исток и Украина. Владата предвидува раст од само 0,6 проценти во 2028 година.
На крајот на септември, водечките економски институти ги ревидираа нагоре своите претходни прогнози за раст на 1,3 проценти, со забелешка дека шокот од повисоките цени на енергијата имал помалку драматични последици од очекуваното.
Растот, поради неизвесноста, сè уште останува кревок, предупреди пред објавувањето на есенската прогноза, министерката за економија Катарина Рајхе.
Таа во Бундестагот истакна дека Германија е оптоварена со надворешни кризи, како што е војната во Иран, но призна дека владата „пред сè, има своја домашна задача“.
Во исто време, таа ги наведе прекумерните ограничувања, ригидните прописи за работното време, пренадуената бирократија и прескапата енергија како фактори што ја попречуваат економијата.
Владата на канцеларот Фридрих Мерц иницираше реформи, меѓу другото, на даночниот систем, пазарот на трудот и пензискиот систем, обидувајќи се да ја врати конкурентноста на Германија како деловна локација и да го стимулира економскиот раст.
И покрај пооптимистичките прогнози од владата и институтот, здружението за надворешна трговија BGA не го гледа закрепнувањето како консолидирано, иако основната рамка е подобрена.
Фирмите ги диверзифицираа каналите за снабдување и дистрибуција и се прилагодија на кризите, и „повторно ја гледаат светлината на крајот од тунелот, но сè уште се движат кон него со рачна сопирачка“, изјави оваа недела претседателот на здружението, Дирк Јандура.
Негативен сигнал доаѓа и од критично важниот германски извоз, кој владата го издвои како еден од генераторите на неочекувано силен раст, и кој забави уште повеќе во август отколку во јули.
Германската индустриска и трговска комора (DIHK) предупреди дека оптимизмот може да биде неоснован.
„Неизвесностите во трговската политика и структурните слабости го попречуваат извозниот сектор“, рече Фолкер Трајер од DIHK, забележувајќи дека падот оваа година покажува дека имало „само лесен ветер“ во едрата на извозниците.
Генералната директорка на DIHK, Хелена Мелников, додаде дека зголемената економска активност е првенствено стимулирана од извозот на пазарот на Европската Унија и владините трошоци финансирани со задолжување.
„Без суштински економски реформи, растот ќе биде краткотраен“, рече таа, повторувајќи го повикот за намалување на трошоците, намалување на бирократијата и модернизирана инфраструктура.
Фото – Pixabay





























