Рopulus, хотел инспириран од природата, беше отворен во центарот на Денвер во 2024 година. Го опишуваат како „шума среде градот“ – иако нема сопствен паркинг. Зградата од 13 ката, со 265 хотелски соби и површина од приближно 12.500 квадратни метри, е дизајнирана од американското архитектонско студио Studio Gang.
Името и архитектонскиот концепт на хотелот црпат инспирација од трепетликовата топола (Populus tremuloides), дрво што е автохтоно за Колорадо. Оваа инспирација е видлива на фасадата преку низа прозорци со различна форма и големина, кои потсетуваат на шарите на кората од дрвото. Длабоките вертикални вдлабнатини дополнително го нагласуваат ритамот на фасадата.
Populus е изграден на мала триаголна парцела во центарот на Денвер, без паркинг во рамките на објектот. Целта била да се поттикне користењето на јавниот превоз, велосипедите и другите начини на урбана мобилност. Одржливоста е клучен елемент на проектот. При изградбата се користел бетон со ниска содржина на цемент, како и рециклирани и повторно употребени материјали, а зградата има и зелен покрив.
Populus се издвојува и по својата амбиција да биде „јаглеродно позитивен“ – што значи дека неговото работење придонесува за отстранување на повеќе јаглерод диоксид отколку што емитува. Хотелот го заснова својот пристап врз намалување на емисиите што се создаваат за време на работењето на објектот, како и оние поврзани со неговата изградба и материјалите.
Хотелот ја спроведува и програмата „Една ноќ, едно дрво“ (One Night, One Tree), преку која ја поддржува садењето на едно дрво во Колорадо за секое ноќевање на гостин. На нивната веб-страница стои:
„За секоја ноќ што ќе ја поминете кај нас ќе засадиме по едно дрво. Во партнерство со Националната фондација за шуми (National Forest Foundation), работиме на ублажување на климатските промени преку поддршка на садење дрвја соодветни за регионот и обновување на екосистемите во шумите на Колорадо. Садењето дрвја е еден од начините да се неутрализираат емисиите на јаглерод и да се преземе одговорност за нашето влијание врз животната средина.“
(N1)
(фото: Pexels/Tobi Babalola)





























