Стартапи се млади или тукушто основани претпријатија чиј главен приоритет е да го „раздрмаат“ пазарот со иновативна технологија или производ. Стартапите, во поголем дел од случаите, инвестираат многу средства во истражување и развој, регрутирање и маркетинг, без при тоа да генерираат приходи и честопати им се потребни неколку години за да најдат стабилен деловен модел и да станат профитабилни.
Повеќето сопственици на стартапи, веќе ја имаат идејата и визијата за новиот производ или услуга, но обезбедувањето парични средства потребни за отпочнување со реализација на истите е најголем предизвик за нив. Потребни им се можности и начин за остварување на истите, што не е неостварливо, бидејќи со доволна информираност и креативност, може да се започне сопствен бизнис. Самото разбирање на финансирањето на стартапите е многу повеќе од само познавање на различните извори на финансирање. Подеднакво станува збор за разбирање на производот, пазарот и што сé е потребно за вашиот стартап да се стави на економскиот пазар.
Банките со сé поголемо разбирање и поддршка кон стартапите
Имате одлична идеја, знаете дека има голем потенцијал да прерасне во огромен успех, но сепак обидите за наоѓање на средства и олеснителни начини за отпочнување на бизнисот го забавуваат процесот и многу често Ве оставаат извесно време да тапкате во место. Иако во минатото банките, како една од главните опции за финансирање на стартапите, со голема претпазлизвост се однесуваа кон истите, сепак денес тоа се менува. Банки кои имаат разбирање кон потребите на стартапите и нудат поддршка за нив се оние кои се спремни да прифатат повеќе предизвици и се стремат кон развој на општеството и локалната економија. Банките денес се почесто покажуваат вистински интерес за стартап заедницата, сакајќи поинтензивно да бидат вклучени во нивниот развој и да ги поддржат во обликувањето на утрешната економија.
Односот меѓу банките и стартапите не го сочинуваат само барањата за финансирање, и иако финансирањето е клучот за опстанок на стартапите, сепак банките можат да понудат и други подеднакво важни услуги и производи како што се:
Флексибилни алатки или банкарски услуги кои заштедуваат време и пари
Банките можат да понудат производи прилагодени на потребите на стартапите. Ова може да биде во форма на модерно дигитално банкарство или пак специјални пакети со услуги наменети само за стартапи за да им го олеснат управувањето со финансиите. Со ова стартапите не само што можат да уживаат во поголема флексибилност, туку и да заштедат време на административни задачи, овозможувајќи им да се фокусираат на развој на нивниот бизнис.
Надворешна експертиза
Вработените во банките кои се одговорни за банкарското работење на стартапите можат да дејствуваат и како нивни финансиски советници. За некои претприемачи, ова може да биде нивното прво искуство во управување на претпријатие и може им е потребно некој да ги советува за различни клучни прашања поврзани со финансиското работење, банкарските процедури и уште многу друго.
Банките и стартапите формираат партнерство за иновации и финансиска успешност. Ова соединување на креативност, експертиза и ресурси им овозможува на стартапите да напреднат и успешно да го развијат својот бизнис.