Додека сезоната на планинарење на Хималаите наголемо трае, во тек е еден проект на големи висини – војската го чисти МонтЕверест од ѓубре, но и од телата на мртвите планинари. Според податоците на војската на Непал, кампањата за чистење на планината резултирала со 110 тони собран отпад од 2019 до 2023 година.
Војската, која иницијативата ја спроведува заедно со мултинационалниот бренд Unilever, годинава повторно ќе ја води кампањата. Данаесет припадници на војската, со поддршка од 18 планинари, ќе стигнат во базниот камп на Еверест на 14 април за да започнат со чистење.
Покрај отстранување на околу 10 тони отпад, војската во соопштението наведува дека планира да изнесе пет мртви тела од планината. Тоа се тела на планинари кои погинале додека се обидувале да се искачат на највисокиот врв во светот, пишува CNN.
Во 2023 година беше потврдено дека 12 планинари умреле на Еверест, додека уште петмина и понатаму официјално се водат како исчезнати. Моментално најголем дел од тие што се обидуваат да се искачат на врвот на Хималаите висок 8.849 метри го прават тоа преку Непал. Минатата година владата на Непал издаде рекордни 478 дозволи за планинарење на Еверест, меѓутоа тоа не е вкупниот број на луѓе кои ќе бидат на планината, затоа што со групите за планинарење има и шерпски водичи, помошен персонал и др.
Како резултат на тоа, последните години на Еверест проблем се отпадот и претрпаноста со луѓе. Сезоната на планинарење 2024 ќе биде првата во која од сите тие планинари ќе биде побарано да користат кеси за измет кои ги дистрибуира државата и со себе да го понесат и својот отпад од планинските кампови.
Секој прави по 250 грама измет дневно, а ќе поминат по две недели во повисоките кампови, велат надлежните. Покрај тоа, 2024 ќе биде прв пат на сите планинари на Еверест да им се издадат чипови за следење, кои ќе помогнат во евентуалните мисии за спасување.
(Bizlife)
(фото: Pixabay)