Mарина Тошеска е жена-лидер, инспиратор за поддршка на жени во рурални средини, воедно ветеринар и вљубеник во животните, а во последно време основач на првиот македонски бренд храна на храна за миленичиња. Tricky Treats се роди како плод на соработката на две ветеринарки, заедничката љубов кон животните и желбата да се влезе во светот на економијата базирана на одржливост и цирклуларност.
Ова е приказна која навистина инспирира!
Новинар – Верица Јорданова
Марина, за почеток од каде дојде идејата за производство на храна за миленици?
Следејќи ги трендовите за храна за домашни миленици и што се нуди на нашиот пазар, воедно анализирајќи го потенцијалот за развој на циркуларна економија во овој бизнис сектор, ја идентификувавме можноста за искористување на нуспроизводите од животинско потекло од производниот процес на кланичната индустрија како ресурс за производство на вкусни, еколошки и здрави производи за кучиња и мачиња. Така започна да се обмислува идејата да создадеме стартап кој ќе ја промовира нашата љубов кон милениците, нашиот придонес за зачувување на животната средина и нашата желба да станеме дел од светот на зеленото претприемништво.
Денес ги имаме нашите производи Tricky Treats Tail – грицки за кучиња и мачиња, кои се 100% природни, без алергени и со високо ниво на протеини, создадени низ еколошки процес преку трансформација на животински нуспроизводи со мала вредност во храна за домашни миленици со висока вредност. Овие производи освен што го подобруваат здравјето за милениците, дополнително преку интегрирање на моделот на циркуларна економија за одговорно и одржливо користење на достапни ресурси – придонесуваат за заштита на животната средина.
Кој е тимот кој ја реализира оваа бизнис идеја од стручен аспект?
Со колешката Катерина Јовановска по професија сме доктори по ветеринарна медицина, но освен нашето знаење во реализацијата на нашата бизнис идеја и создавањето на посакуваниот производ, од голема помош ни беше експертизата од професори и технолози. Стручната поддршка ни овозможи ефективно и ефикасно изнаоѓање на безбедни и иновативни решенија, како и совладување на предизвиците при добивањето на посакуваните, финални производи. Од технолошка гледна точка, употребената нова технологија ја зголемува и продуктивноста и хранливите вредности на состојките и квалитетот на производите. Во заедничка соработка низ анализа и истражување, воспоставивме иновативен процес на претворање на нуспроизводите од животнско потекло во исклучително квалитетни производи кои ќе се користат во исхраната на домашните миленици.
Колку долго траеше фазата на истражување и прототипирање?
Повеќе од 8 месеци сме активно вклучени во истражување и прототипирање на нашите производи. Водејќи се од желбата да бидеме препознаени како клучен национален истражувачки стартап за производство и продажба на производи кои ќе се користат во исхрана за домашни миленици направени од достапни ресурси низ екофрендли процес континуирано истражувавме и работевме на подобрување на производствениот процес со цел добивање на финален производ со висока нутритивна вредност што ќе носи придобивки за здравјето и благосостојбата на кучињата и мачките.
Какви производи имате во моментов под брендот Tricky Treats Tail?
Во моментов имаме грицки од прасиња и јагниња, и тоа следниве дехирирани производи -трахеа од прасе, трахеа од јагне и прасечки ушиња, а веќе сме во финална фаза на производство на јунешки грицки.
Кој се досега ве поддржа во развој на оваа навистина уникатна идеја?
Нашата стартап приказна започна благодарение на поддршката од програмата „Стартапувај“ на Фондот за иновации и технолошки развој. Освен финансиска поддршка, преку оваа програма имавме и менторска поддршка за планирање и развој на нашиот стартап ЕКО ФУД КОНЦЕПТ.
Од огромна помош ни беше и учеството на Академијата за жени претприемачи поддржана од Амбасадата на САД и имплементирана од Македонско-Американската Алумни Асоцијација, каде преку иновативната платформа за поддршка на женското претприемништво Dream builder ги проширивме нашите знаења и перспективи за развој на нашиот бизнис и обезбедување на негова одржливост.
Во текот на воспоставувањето на нашиот стартап започнавме соработка со Академијата Бреинстер кои ни обезбеди помош во градење на визуелниот идентитет преку визуални решенија кои ја истакнуваат едноставноста, сигурноста, професионалноста, социо-економската и еколошката страна на нашата стартап приказна.
Како и кога ви е замислено официјалното лансирање на пазарот на првиот македонски бренд на храна за миленичиња?
Веќе започнуваме со подготовите за официјалната промоција на нашиот производ која ќе се случи во последната недела на месец мај. Детали не ви откриваме, за да ја поттикнеме љубопитноста и да ве мотивираме да бидете со нас и заедно да ја покажеме љубовта кон животните, вербата во балансиран економски развој, борбата за социјална еднаквост и градењето на еколошки праведно општество.
Која ви е вашата развојна стратегија и визија за во иднина?
За одржлив развој на нашиот стратап се насочуваме кон проширување на палетата на производи за домашни миленици и понудување на природни и еколошки задоволства – грицки со висока нутритивна вредност за здрава и правилна исхрана. Фокусирани сме на градење на партнерства со нашите добавувачи, а воедно и со сите вклучени актери во индустријата на производи и услуги за домашни миленици.
Нашата визија е да бидеме лидер на еколошки производи со висок квалитет кои ја подобруваат благосостојбата на домашните миленици и задоволството на сопствениците, поставувајќи повисоки стандарди во индустријата за домашни миленици.
Големата љубов кон животните и силната свест за да ги користиме достапните ресурси одговорно и одржливо ќе не водат низ производството на квалитетни и еколошки производи до достигнување на одржлив успех – економски, еколошки и социјален.
Во иднина се гледаме како препознатлив македонски бренд во индустријата за домашни миленици, не само кај нас туку и пошироко.
Како реагираат првите клиенти?
Милениците кои ни беа вклучени во дегустација на нашите производи, навистина уживаа во вкусот, а нивните сопственици се пријатно изненадени од тоа што овој производ ја буди и игривоста на своите крзнени пријатели.
Имаме позитивни реакции од сопствениците на домашни миленици, кои низ приказната за Tricky Treats Tail и наклонетоста на милениците кон овие грицки, ги додаваат нашите производи на листата на дневни потреби за исхрана на своите миленици поради тоа што се 100% природни производи, без алергени, со високо ниво на протеини а дополнителна вредност е еколошкиот процес на производство и тоа што на македонскиот пазар за храна за домашни миленици не постојат други производи од овој тип.
Тоа што дополнително придонесува за позитивни реакции е нашата искреност во означувањето на храната и изворите на состојки. За разлика од модерните трендови за маркетинг на храна за домашни миленици, ние го промовираме вистинскиот идентитет, карактеристиките, одржливоста и здравствените придобивки од нашите производи за домашните миленици.
Каде може да набават производите сега?
Нашите производи Tricky Treats Tail ќе бидат достапни од следниот месец кога ќе биде лансирана и нашата веб страна каде ќе може заинтересираните купувачи да дознаат кои се нашите партнери за продажба од каде може да се набават нашите производи, а воедно преку веб страната достапна ќе биде и можноста за онлајн нарачки.