А1 Македонија во чекор со европските стандарди за одржливо работење
Неодамна, Групацијата А1 Телеком Австрија во Виена беше домаќин на тркалезна маса посветена на важноста на темата ЕСГ (ESG – environmental, social, governance), која се однесува на животната средина, општествени теми и корпоративно управување, и уште еднаш, од централата на Групацијата A1 беше пратена пораката за важноста на одржливото работење и долгорочното влијание врз деловното работење.
Топ менаџментот на Групацијата, која ги вклучува компаниите на А1 во Македонија, Австрија, Хрватска, Србија, Словенија, Бугарија и во Белорусија, на заедничка маса со различни претставници од корпоративниот сектор, невладини организации и новинари отворија дебата за важноста од одговорно работење и заедно претставија идеи во неколку клучни области какви што се ублажување и адаптација на климатските промени, заштита и безбедност на податоци, вработени, продукти и операции, ангажирање во синџирот на снабдување и заедница и култура. Целта на настанот е да се претстават нови идеи за да бидат спроведени на дело.
Оваа иницијатива на Групацијата е дел од нејзината заложба за одговорно обликување на иднината. „Цврсто веруваме дека вистинските одговори на идните предизвици произлегуваат од основата на одговорноста. Како меѓународно ангажирана компанија, ние активно ја прифаќаме оваа одговорност, признавајќи дека синергијата на економските, социјалните и еколошките размислувања е најважна за одржлив успех“, нагласија во Виена.
Целта на А1 е да продолжи да дава позитивен придонес за економијата, за клиентите, животната средина, климата и за општеството во целина.
Нашата новинарка Верица Јорданова учествуваше на тркалезната маса како дел од групата за климатски промени и во оваа пригода разговараше со Рафаела Ортнер, раководителка на ЕСГ-стратегијата на Групацијата А1 Телеком Австрија, и со Бранкица Толевска, менаџерка за корпоративна стратегија, бизнис-трансформација и ЕСГ во А1 Македонија.
Која беше целта за организирање на овој настан?
Вообичаена практика во развивањето на стратегијата за одржливост на А1 се настаните од овој тип, каде што на тркалезна маса, заедно со сите засегнати страни, сакаме отворено да разговараме на темата одржливост. Учесниците се докажани и признаени професионалци во областите од кои доаѓаат, какви што се деловни клиенти, претставници од невладиниот сектор, владини институции и медиуми, а нашата идеја е да ги слушнеме размислувањата и ставовите на секој од нив и да добиеме информации и насоки дали А1 ги адресира сите важни теми во оваа област.
Што значи ЕСГ за Групацијата Телеком Австрија?
Како што и вие цитиравте во воведот на ова интервју, ЕСГ всушност претставува прифаќање одговорност. Оттука, компанија со големина како А1 има огромно влијание врз заедницата и преку активностите што ги преземаме како дел од ЕСГ-стратегијата, ја преземаме одговорноста за позитивно влијание врз животната средина, заедницата и одговорното корпоративно управување.
Вашата стратегија има три столба. Каде сметате дека сте најдобри?
Се трудиме и настојуваме да бидеме најдобри во секоја област на која работиме. За да биде појасно за вашата публика, работиме на 13 различни стратегиски области и ако треба да приоретизираме, би тргнала од Животната средина (Е – Еnvironment), област во која се посветуваме на декарбонизацијата, од 2019 година до сега имаме постигнато намалување од 54 % на штетните гасови. Што се однесува на областа Заедница (S – Social), посветуваме огромно внимание на јакнење на жените и на намалување на родовиот јаз во платите и истовремено, заедно со нашите операции во регионот, работиме на неколку програми што се однесуваат на мотивација на младите девојки за градење СТЕМ-кариера. Во делот одговорно корпоративно управување (G – Governance), огромен напор вложуваме во развој на одржливо партнерство со нашите добавувачи во „синџирот на вредности“, односно да се осигуриме дека начинот на кој нашите производи се изработени и испорачани, се одвива на декарбонизиран, етички начин. Со оглед на тоа што овој процес го почнавме пред две години, продолжуваме интензивно да работиме во овој дел за негово унапредување.
Какви Ви се очекувањата од овој настан?
Од особена важност за нас е да добиеме мислење од различна перспектива за начинот на кој заедницата ја перципира Групацијата А1 и да слушнеме размислувања за очекувањата од нас во однос на синџирот на снабдување, заедницата како и во делот на заштитата на лични податоци. Имавме продуктивна, интерактивна дискусија, која обединува различни гледишта за одржливоста и се од непроценливо значење за нас како компанија.
Дали А1 Македонија работи на тема ЕСГ со иста страст како Австрија и во која област имаме најдобри резултати?
Апсолутно, како и сите членки на Групацијата А1 Телеком Австрија, со максимална посветеност А1 Македонија активно работи и вложува на истите стратегиски цели и во трите сегменти се гордееме со постигнатите резултати. Стратегијата на А1 Македонија го има длабоко инкорпорирано ЕСГ во своето работење, големо внимание посветуваме и на едукација на сите вработени како можат да придонесат кон реализирање на целите што ги имаме ние како компанија за да дојдеме до нашата заедничка цел – подобар и поубав свет за сите.
Во насока на реализирање на поставените цели во однос на намалување CO2, циркуларна економија, унапредување на дигиталните вештини со акцент на вештачка интелигенција, зголемување на безбедноста во онлајн окружувањето, поттикнување на различностите во општеството и родовата еднаквост и управување со одржливи ресурси во бизнис-работењето, веќе подолг период спроведуваме активности што се вградени во нашето секојдневно работење и во стратегијата на компанијата. На промените што ги носи ЕСГ (анг. ESG – environmental, social, governance), веќе е и повеќе од јасно дека мора сите да се приспособиме, и тоа не само како бизнис-ентитети туку и како поединци, бидејќи одржливоста тргнува од секој од нас.
Тргнувајќи од овие премиси, 50 % од снабдувањето со електрична енергија го обезбедуваме од обновливи извори на енергија, напојувањето на базните станици континуирано го приспособуваме на алтернативни извори на енергија, а преку познатата A1 Green Call, платформа за рециклирање стари мобилни уреди, ги охрабруваме корисниците да ги рециклираат старите мобилни уреди, сè со цел да бидат рециклирани или уништени на најбезбеден еколошки начин.
Активно работиме на едукација и преку проектот „Кликај безбедно, интернетот не е само игра“. Нашите волонтери во минатите години одржаа обуки на повеќе од 4.500 четвртоодделенци за безбедно користење интернет, а додека преку специјално креираната А1 Academy вложуваме во младите од 18 до 25-годишна возраст – стекнување дигитални вештини што веќе стануваат предуслов за градење успешна професионална иднина.
Особено важно за нас е и создавањето работна средина во која се почитуваат различностите и во таа насока ја стимулираме родовата еднаквост на работното место, за што говорат и 52 % жени во компанијата и 48 % жени на раководните позиции. Освен ова, внесуваме транспарентност во нашиот синџир на снабдување, не само преку напорите за декарбонизација, туку и со разгледување на човековите права, како и употребата на конфликтни минерали за што сметаме дека деловните субјекти мора да се приклучат во целата оваа тема.
Оттука, имајќи го предвид сето ова, настаните на кои дебатата е во фокусот се од големо значење за нас, бидејќи преку добиените размислувања и коментари од јавноста ги креираме активностите што понатаму може значително да влијаат врз дефинирање и унапредување на нашата стратегија, преку која сакаме да докажеме дека нов, поубав свет е можен само ако сите ние интензивно работиме на унапредување на ЕСГ-активностите.
фотограф: A1 / APA Fotoservice Krisztian Juhaz