Како што пренесуваат новинските агенции, еден инженер искористил вештачка интелигенција за да дешифрира воен код од врмето на Наполеон Бонапарта– кој останал нерешен повеќе од два века – за само шест часа.
За првпат по повеќе од 200 години, вештачката интелигенција дешифрираше писмо напишано по наредба на Наполеон Бонапарта. Писмото не било напишано лично од Наполеон, туку потекнувало од штабот на Ежен де Боарне, вицекралот на Италија. Станувало збор за шифриран извештај за распоредот на трупите, испратен до францускиот генерал Огист де Мармон по наредба на Наполеон.
Картер Черч, инженер во компанијата за сајбер-безбедност SentinelOne, на социјалните мрежи објави дека моделот GPT-6 Astra на OpenAI го дешифрирал шифрираното писмо од 1809 година, испратено до генералот Мармон. Моделот на вештачка интелигенција ја транскрибирал сликата за да го пробие кодот за приближно шест часа, изјави Черч.
„Astra ја подели сликата со димензии 1202 на 1836 пиксели на редови, ги прочита знаците, утврди кој од 175-те рачно нацртани симболи претставува ист знак напишан двапати, и дури потоа почна со дешифрирање на кодот“, напиша Черч во објава на блог.
Во текот на децениите неколку истражувачи се обиделе да ја реконструираат содржината на документот, но никој не објавил дека целосно го дешифрирал. Astra успеа во тоа, преку процес кој вклучуваше транскрипција на сликата, анализа на хомофонска шифра за замена, пишување код и вкрстена проверка со историски записи.
Текстот ги открил позициите на баварските, полските и француските сили, пренесува Euronews.
Во 1809 година Европа се приближувала кон војна. Австрија се подготвувала за борба против Франција, додека голем дел од француските сили биле ангажирани во Шпанија. Генералот Мармон, кој командувал со француските трупи во Далмација, бил во опасност да биде отсечен доколку Австрија нападне.
На 16 март Наполеон му наредил на Ежен да го извести Мармон за позициите на главните француски и сојузнички сили, нагласувајќи дека пораката мора да биде „напишана во шифра“ и пренесена од офицер во кого може да се има доверба. „Русите маршираат против Австрија, а Армијата на Фриули денес брои 80.000 луѓе“, се наведува во документот.
„Додајте го на тоа и далматинскиот корпус – без да се сметаат резервите што се организираат насекаде во заднината – и ќе видите дека Австрија ќе биде нападната истовремено од сите страни. Според тоа, таа брза кон сопствената пропаст. Кога ќе ја добиете наредбата за марш, не смеете да дозволите да ве заплашат неколку војници или собрана толпа.“
Користејќи ги дешифрираните податоци за бројноста на трупите, должностите на офицерите и позициите на единиците, Черч го датирал документот во крајот на март 1809 година – околу две недели пред австриските сили да ја започнат својата офанзива. На 18 септември Черч го објавил својот целосен истражувачки труд, вклучувајќи ги транскрипцијата, табелите за шифрирање и скриптите што им овозможуваат на другите да ги репродуцираат резултатите.
Според Черч, Сатоши Томокијо, истражувач од Токио кој ја води платформата Cryptiana, го прегледал решението и го означил записот како „решен“.
(N1)
(фото: Pexels/Chen Te)






























