Илон Маск или неговата компанија SpaceX конечно ќе добијат легитимна причина да уништат нешто. И тие ќе бидат платени за тоа. Имено, НАСА ја избра токму оваа компанија да ја „урне“ Меѓународната вселенска станица кога ќе го заврши нејзиниот работен и животен циклус.
Како што соопштија од НАСА, со договор вреден 843 милиони долари на SpaceX му била доверена задачата да изгради вселенско летало кое ќе ја турне оваа вселенска станица тешка 430 тони во Тихиот Океан. Целиот настан ќе се одржи на почетокот на следната деценија.
За потсетување, Меѓународната вселенска станица работи континуирано од 2000 година на надморска височина од приближно 400 километри од Земјата и прави круг околу планетата на секои 90 минути. Со станицата управуваат САД и Русија, а нивни партнери се Европската вселенска агенција, Канада и Јапонија.
Иако станицата првично требаше да работи до 2025 година, партнерите се согласија да ја продолжат својата работа до 2030 година. Теоретски, станицата може сама да ја напушти својата орбита и да се сруши на Земјата, но без контрола тоа би претставувало голем ризик за населението на површината.
Досега НАСА разгледуваше различни сценарија за уништување на Меѓународната вселенска станица. Од расклопување во компоненти (модули) и користење на понови елементи за создавање на нова вселенска станица, до предавање на станицата на комерцијална компанија која би можела да ја користи за вселенски туризам, но и да се обврзе на крајот „безбедно да ја отстрани“.
Изборот на американско возило за спуштање на Меѓународната вселенска станица ќе и помогне на НАСА и нејзините меѓународни партнери да обезбедат безбедна и одговорна транзиција кон ниската орбита на Земјата на крајот од животот на станицата. Одлуката, исто така, ги поддржува плановите на НАСА за идните комерцијални дестинации и овозможува континуирана употреба на вселената блиску до Земјата, изјави во соопштението Кен Боверсокс, директор за вселенски операции на НАСА.
Ниту НАСА, ниту SpaceX сè уште не ги открија деталите за вселенското летало што ќе ја испрати станицата на последниот лет до Земјата. Она што е сигурно е дека ќе треба да имаат многу моќни погони и мотори за да ја турнат станицата во вистинската насока во вистинско време. Тоа место е оддалечена локација во Тихиот Океан, позната како Точка Немо, на повеќе од 2.500 километри од најблиската земја. Го нарекуваат и „гробишта на вселенските летала“ бидејќи секогаш кога треба да се симне леталото од орбитата, токму ова место се избира како најбезбедна опција.
(Zimo)