Скопје, 21 ноември 2024 – АРНО, водечка организација за поддршка на социјалното претприемништво во регионот, го одбележа Светскиот ден на социјалното претприемништво и петгодишнината на успешната програма RISE (Regional Incubator for Social Entrepreneurs) со свечен настан во Центарот за социјални претпријатија во Скопје. На настанот учествуваа млади социјални претприемачи, дипломати, национални поддржувачи и регионални партнери.
Програмата RISE, заедно со своите десет партнери, 5 години обезбедува поддршка на млади од Западен Балкан кои имаат идеи за бизниси кои прават добро на заедниците и животната средина. Во изминатите години, програмата RISE постигна импресивни резултати: поддржани се 508 млади социјални претприемачи, инкубирани се 48 социјални бизниси, а преку програмата за мобилност 43 тима имаа можност да ја зајакнат регионалната соработка. На национално ниво, 20 000 евра се инвестираа во прототипирање на македонски социјални бизнис идеи: градинка на отворено во Штип, онлајн еко платформа, инклузија преку фудбал, безглутенска пекарница и други. Овие резултати покажуваат дека социјалното претприемништво во регионот има голем потенцијал.
Настанот се отвори со говори и заложби за социјалното претприемништво од страна на Фатмир Сабриу- државен секретар во Министерството за социјална политика, демографија и младински прашања, Филип Маршето- прв советник во Француската амбасада, Кевин Мас- претставник од германската амбасада, Владимир Ѓорѓевски од РИКО, Марко Ѓорѓиевски од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Ардита Јола од РИКО, и Клои Лепаж од RISE.
Панелот, кој вклучуваше млади претприемачи, имаше уникатен формат на „Жива библиотека“, каде се споделија лични приказни на учесничките од програмата RISE. Публиката слушна за производството на био кожа од чајот комбуха, собирањето на кори од портокал за еко-освежувачи, кетеринг служба на три сестри од Неготино со голема социјална мисија.
“Овој јубилеј не е само прослава на пет неверојатни години,” изјави Јаневска од АРНО. „Тоа е ветување за продолжување на поддршката. Социјалното претприемништво е движење, светско движење кое има се поголем моментум. Затоа и го славиме денес, низ цел свет. Слушнете ги приказните на младите социјални претприемачи и ќе сфатите дека ова не е тренд, ова е инвестиција во наша заедничка иднина. Еве, ние имаме сегашност, со скормни примери на успех, но и обврска да продолжиме да мотивираме, образуваме, помагаме. Сите ние, не само АРНО. Заедно, здружено. “
Настанот исто така вклучуваше поп-ап изложба на производи и услуги развиени од зелени и социјални претпријатија од програмата- медицински печурки, друштвени игри од пренаменети материјали, интерактивни игри за донирање и други.