Руските власти ги блокираа услугите на апликацијата Viber бидејќи операторот, наводно, го прекршил законот, објави во петокот рускиот телекомуникациски регулатор Роскомнадзор. Регулаторот рече дека апликацијата, во сопственост на јапонската мултинационална компанија Rakuten, се користела за терористички и екстремистички цели, за продажба на дрога и ширење дезинформации.
Обвинителите го истражуваа Viber за ширење информации за дестабилизирање на политичкиот и општествениот поредок во Русија, објави државната новинска агенција ТАСС. Од Viber не го коментираа ова.
Од 2018 година операторите на комуникациските платформи во Русија мора да ги складираат приватните податоци на корисниците како што се повици, пораки, фотографии и видеа и да ги достават до разузнавачките служби на барање. Руските власти дополнително ја зајакнаа цензурата во земјата од почетокот на војната против Украина.
Viber беше казнет минатата година за наводно дискредитирање на руските вооружени сили со тоа што не ги избришал информациите за војната како што наредил Владимир Путин.
Русија веќе блокираше голем број популарни апликации за пораки и социјални мрежи. LinkedIn, Facebook, Instagram и Signal не можат да се користат во Русија без VPN (виртуелна приватна мрежа).
(Dnevnik.hr)
(фото: Flickr)