Дебелината и проблемот со прекумерната тежина се болести на модерното време. Вишокот тежина може да доведе до сериозни проблеми и со менталното и со физичкото здравје и додека лековите како „оземпик“ се сметаат за чудотворни лекови затоа што помагаат да се губат тврдоглавите килограми, вистинското прашање е како на прво место да спречите појава на дебелина и вишок килограми?
Научниците од Универзитетот во Колорадо случајно развија вакцина која во лабораториски услови им овозможи на глувците да станат имуни на зголемување на телесната тежина. Како што објаснија во нивниот истражувачки труд објавен во списанието Brain, Behavior and Immunity, на глувците им инјектирале мицобактериум вацае, здрава бактерија која може да се најде во кравјото млеко и почвата.
Тие откриле дека глувците кои добивале доза од вакцината секоја недела останале на иста телесна тежина и покрај тоа што биле хранети со диета полна со шеќер и масти. Всушност, вакцинираните глувци кои биле лошо нахранети ја одржувале истата тежина како глувците кои не биле вакцинирани и биле хранети со здрава исхрана.
Како што објаснуваат, бактеријата мицобактериум вацае позитивно влијае на организмот бидејќи го намалува воспалението предизвикано од стрес, кое најчесто е предизвикано од консумирање на слатки пијалоци и високо преработена храна. Воспалението и прекумерниот внес на калории може да го зголемат нивото на кортизол, хормонот на стресот, кој му сигнализира на телото да складира повеќе масти.
Воспалителните процеси го попречуваат и производството на лептин, хормон кој го регулира метаболизмот и апетитот, што повторно доведува до постојан глад и прејадување. Затоа, елиминирањето на воспалителните процеси би го довело телото во рамнотежа.
Она што е толку впечатливо за оваа студија е тоа што видовме целосна превенција на зголемување на телесната тежина предизвикана од диета кај овие животни, рече постариот автор Кристофер Лори, професор по интегративна физиологија. Ова сугерира дека изложеноста на корисни бактерии може да не заштити од некои негативни здравствени ефекти на типичната западна диета.
Тој објаснува како луѓето порано биле во многу поголем контакт со корисни бактерии. Како што се развивало општеството, стерилната животна средина станува императив, но доведува и до одредени проблеми. Како што сме изгубиле контакт со овие стари пријатели кои служеле за регулирање на нашиот имунолошки систем и потиснување на несоодветно воспаление, тоа нè стави на поголем ризик од воспалителни болести, рече Лори.
Но Лори е претпазлив. Тој истакнува дека се потребни дополнителни истражувања за да се утврди дали мицобактериум вацае влијае на луѓето на ист начин или дали им помага да одржат одредена, здрава тежина. Тој се надева дека ќе спроведат повеќе студии за да се утврди дали мицобактериум вацае го има истиот ефект кога се зема орално (во форма на таблети или пијалоци) и дали може да помогне на некој кој веќе има прекумерна тежина да изгуби од тежината.
Тој и неговите колеги основале стартап наречен Kioga за да најдат нови состојки базирани на микроби за да спречат зголемување на телесната тежина и да го промовираат здравјето. Сè додека целосно не развијат вакцина, Лори вели дека најдобриот начин да се изложите на овие корисни „стари пријатели“ е да излезете во природа, да работите во градината и да јадете разновиден свеж зеленчук, бидејќи тие апсорбираат здрави микроби од почвата.
(Zimo)
(фото: Raw Pixel)