Од 1 мај трговците се без ограничени маржи

- Advertisement -

Од 1 мај трговците во Македонија слободно ќе можат да ги формираат цените, со оглед на тоа дека истекува владината мерка за ограничување на бруто-профитните маржи за над 1 000 прехранбени и непрехранбени производи во трговијата на мало и големо. Владината одлука за ограничени маржи беше донесена во февруари годинава и е на сила до 30 април. Граѓаните стравуваат дека тоа би можело да доведе до енормно поскапување на цените на храната во текот на мај. Надлежните, пак, најавуваат засилени контроли. Ако се утврди дека маркетите претеруваат со цените  – ќе бидат воведени поригорозни мерки.

Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, деновиве оцени дека мерката дала позитивен резултат. Повикувајќи се на  официјални податоци, рече дека во споредба со февруари, во март има дефлација од 1,3 отсто во однос на храна и пијалаци. Податоците за април, вели тој, исто така укажуваат на намалување на цените на храната и пијалаците.

- Advertisement -

Од 1 Мај Државниот пазарен инспекторат ќе врши контроли на терен за да се види дали по завршување на мерката ќе има енормно зголемување на цените на производите. Ако трговците не се однесуваат како што треба или пак ги зголемуваат цените, ќе има поригорозни мерки.

Според опозициската СДСМ, „место системско решение за ценовните шокови, добивме маркетиншки трикови и привремени потези што немаат реален ефект“. Според нив, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ не само што не успеа да ја стабилизира ситуацијата со економската криза туку ја влоши со низа неефикасни и задоцнети мерки.

- Advertisement -

Со измени на Законот за заштита на потрошувачи, што стапија во сила на 18 април, трговците на мало се обврзани јавно да ги објавуваат цените на производите на своите веб страници и да ги ажурираат секој ден до 10 часот. Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ) предлага да се направи алатка за компаративна споредба на цените на производите. Од Министерството за економија и труд размислуваат за воведување на општа веб-страница на која граѓаните ќе може да ги проверуваат цените на производите.

(Дојче Веле)
Фото – Pawpixel

Сподели!
- Advertisement -