Соединетите Американски Држави собраа повеќе од 200 милијарди долари царини оваа година, како резултат на новите даноци што претседателот Доналд Трамп ги воведе од почетокот на 2025 година, соопшти Агенцијата за царинска и гранична заштита.
Оваа информација се појави додека Врховниот суд ги разгледува аргументите дека новите царини се нелегални. 200-те милијарди долари се однесуваат само на нови царини, а не на оние наметнати за време на првиот мандат на Трамп. Тие претходно не биле предмет на правни спорови, за разлика од новите. Трамп еднострано воведе она што тој го нарекува реципрочни царини за увоз од повеќето земји во светот претходно оваа година, без одобрение од Конгресот. Исто така, постојат „тарифи за фентанил“ за производи од Канада, Кина и Мексико, како одмазда за она што тој го нарече неуспех на овие земји да го спречат протокот на смртоносната дрога во Соединетите Држави.
„Помеѓу 20 јануари и 15 декември 2025 година, Царинската и гранична заштита на САД собра повеќе од 200 милијарди долари царински давачки благодарение на повеќе од 40 извршни наредби издадени од администрацијата на Трамп. Овие податоци ја покажуваат ефикасноста на ЦБП во промовирањето на безбедна, фер и законска трговија, зајакнувајќи ја националната и економската безбедност на Америка.“ се вели во соопштението на ЦБП.
Во ноември царинските приходи се намалија за прв пат откако Трамп ги објави своите нови сеопфатни тарифи во април. Владата собра 30,75 милијарди долари минатиот месец, што е малку помалку од 31,15 милијарди долари собрани во октомври.
Падот на приходите доаѓа откако протокот на стоки во Соединетите Држави се забави поради тарифите, а Трамп ги намали дел од таксите.
„Спроведувањето на правилата од страна на ЦБП се исплатува“, рече комесарот на ЦБП, Родни Скот. „Со комбинирање на насочени активности предводени од разузнавачки информации, ригорозен надзор и брз одговор, ја заштитуваме американската економија, ги браниме домашните индустрии и ги повикуваме на одговорност оние кои се обидуваат да ги прекршат нашите трговски закони.“
Доколку Врховниот суд пресуди дека новите царини на Трамп се нелегални, можно е судот да пресуди дека компаниите кои веќе платиле царини имаат право на поврат на средства. Со одлука од 7-4 во август, Апелациониот суд на САД за Федералниот округ ја потврди пресудата на Судот за меѓународна трговија дека Трамп немал овластување да воведува царини без одобрение од Конгресот.
„Примарното конгресно овластување за воведување даноци како што се царините е доделено исклучиво на законодавната гранка на Уставот“, се вели во својата одлуката на Апелациониот суд на САД за Федералниот округ.
Кон крајот на ноември, малопродажниот гигант Costco се придружи на група други компании кои ја тужат администрацијата на Трамп за да добијат целосно враќање на царините што ги платиле досега и побара од судот да го блокира понатамошното собирање додека не се реши случајот пред Врховниот суд.
(CNBC)


