Парите од програмата се наменети за купување и реновирање на напуштени имоти, а тука е обврската за живеење во куќата десет години
Италија во последните години се бори со пренатрупаност на туристи – воведени се такси за посетители во Венеција и ограничувања за најпосетуваните атракции. Сепак, и покрај мерките, земјата сè уште е многу заинтересирана да привлече луѓе – не како туристи, туку како жители. Многу помали општини и села низ Италија нудат имоти за само 1 евро во последните години, со цел да ги оживеат напуштените места и да го зголемат населението. Сепак, прекрасниот регион Трентино во северна Италија одлучи да ги постави работите поинаку – и повеликодушно.
Ако ве привлекуваат лозја, скијачки патеки, бистри езера и близината на Доломитите, можеби е време да ги спакувате куферите – бидејќи Трентино нуди дури 100.000 евра за оние кои се подготвени да се преселат.
Моментално, се разгледуваат 33 места, а Советот на регионот Тренто издвои 10 милиони евра во период од две години за спроведување на овој проект. Претседателот на регионот, Маурицио Фугати, истакна дека оваа „експериментална иницијатива“ е дизајнирана да ја зајакне социјалната кохезија и животот во заедницата во овој дел од Италија.
Секако, постојат и неколку правила. Парите не се наменети за безгрижно уживање во италијанскиот живот, туку исклучиво за реконструкција на напуштени куќи. Од вкупниот износ, 20.000 евра можат да се искористат за купување недвижен имот, додека преостанатите 80.000 се наменети за реновирање. Постојат уште неколку ограничувања. Доколку веќе живеете во регионот и сте помлади од 45 години, не можете да аплицирате за оваа програма.
Дополнително, вкупната вредност на реновирањето не смее да надмине 200.000 евра, што значи дека дополнително можете да инвестирате максимум 120.000 евра од сопствен џеб.
(Блиц)
Фото – Piqsels


