Кока-Кола се откажува од продажбата на синџирот кафе-барови Costa Coffee, откако добиените понуди беа далеку под очекувањата, објави Фајненшл тајмс. Според ФТ, компанијата ги заврши разговорите со преостанатите потенцијални купувачи во декември, иако претходно имаше целна проценка од околу две милијарди фунти (2,68 милијарди долари). Тоа е значително помалку од 3,9 милијарди фунти што Кока-Кола ги плати за Коста во 2018 година, кога беше купена од Витбред, сопственикот на хотелскиот синџир Премиер Ин, објавува Бизнис.ме.
Големите очекувања не беа исполнети. Costa Coffee се соочува со зголемување на оперативните трошоци, првенствено поради повисоките цени на кафето, но и зголемената конкуренција на главната улица во Велика Британија и на други клучни пазари. Аналитичарите од Лондон Сити проценуваат дека евентуалната продажба на Коста под сегашните услови би резултирала со загуба од повеќе милијарди долари за Кока-Кола.
Еден од аналитичарите неодамна изјави за Скај њуз дека Кока-Кола може да добие само околу две милијарди фунти – речиси половина од износот што го плати пред седум години.
Извршниот директор на Кока-Кола, Џејмс Квинси, минатиот месец отворено им призна на инвеститорите дека Коста „не ги исполни очекувањата“ и „не е таму каде што компанијата сакаше да биде од перспектива на инвестициска хипотеза“.
„Во фаза сме на разгледување на научените лекции и размислување како да пронајдеме нови патеки за раст во категоријата кафе“, рече Квинси.
Според Скај њуз, Кока-Кола разговарала со мал број потенцијални купувачи, вклучувајќи и фондови за приватен капитал, но без конкретна понуда што би ги задоволила апетитите на американскиот гигант.
Фото – Wikipedia




























