6.8 C
Skopje
недела, февруари 8, 2026


Иновативниот тим Bure-Cycle прави паркинзи за велосипеди од стари метални буриња

- Advertisement -

Отпадот не е ѓубре, туку суровина, а иновативниот проект Bure-Cycle на Еко Логик е доказ за тоа. Иако едноставна и лесно применлива, идејата за паркинг за велосипеди направен од стари метални буриња ја носи суштината на одржливоста, која ни е неопходна за да ја заштитиме нашата планета и ресурсите кои безмилосно се трошат.

Стефани Пренкова, од тимот на Еко логик, вели дека паркингот Bure-Cycle е уникатен и функционален, користи локални материјали и вклучува заедница, и веќе е дел од некои училишта, а се очекува наскоро сѐ повеќе да биде дел од одржливата урбана инфраструктура на македонските градови.

- Advertisement -

Новинар- Сања Наумовска

Стефани, Bure-Cycle е нова и интересна идеја со која се реупотребуваат старите буриња за да послужат како паркинзи за велосипеди. Кажете ни нешто повеќе за почетоците и развојот на идејата?

- Advertisement -

Идејата за Bure-Cycle се роди од желбата да дадеме нов живот на отпадни материјали кои инаку би завршиле на депонија и да понудиме практично решение за велосипедистите во градот. Иницијативата на Еко Логик беше претставена како дел од Првата Академија за циркуларна економија, организирана од АРНО во соработка со „Луѓе во потреба“ – ПИН и партнери, каде беа развиени вкупно 12 концепти за циркуларни бизниси. Во рамки на академијата, ние знаедно со другите учесници добивме обука со повеќе од 10 модули, над 250 менторски часови и експертиза од повеќе од 30 национални експерти, што ни помогна да го доработиме концептот на Bure-Cycle и да создадеме прв прототип. На самиот почеток фокусот ни беше како да го комбинираме еколошкиот аспект со креативен и визуелно привлечен дизајн. Во процесот вклучивме и училишта, каде учениците учествуваа во креирањето на скици и дизајн идеи за паркинзите, што ја направи иницијативата поучна и забавна за најмладите. Со текот на времето го надградивме и техничкиот дел – како да се обработуваат бурињата, како да се обезбеди безбедноста на паркираните велосипеди и како да се создаде траен производ. Bure-Cycle не е само функционален производ, туку и начин за подигнување на свеста за одржливост и кружна економија. Денес сме во фаза на пилот продукција, а реакциите досега се многу охрабрувачки.

Академијата за циркуларна економија се спроведуваше во рамки на проектот „Граѓанското општество и младите за инклузивен и одржлив развој преку циркуларна економија во Северна Македонија“ финансиски поддржан од Европската Унија преку ИПА Програмата за граѓанско општество.

- Advertisement -
Стефани Пренкова

Од каде се набавуваат бурињата и каква подготовка им е потребна за да станат паркинзи?

Металните буриња ги набавуваме од водечка компанија за управување со отпад во Македонија – Екоцентар 97 која нуди сеопфатно решение за преземање и управување со опасен и неопасен отпад. Како одговорна организација, ние работиме исклучиво со буриња кои содржеле неопасен отпад, што гарантира безбедност и еколошка сигурност во целиот процес. Внатрешните гуми, кои веќе не се употребуваат кои доколку не ги искористиме би се претвориле во отпад, а ги добиваме од локални велосипедски сервиси и продавници.

Секое буре поминува низ темелно чистење за да се отстранат остатоците, ‘рѓата и други загадувачи. Потоа се сечат на два дела според нашите дизајн скици, се обликуваат и се премачкуваат за заштита од корозија и долготрајност. Внатрешните гуми се лепат или обложуваат на местата каде ќе доаѓаат тркалата на велосипедите, со цел да се избегне оштетување на велосипедот и да се обезбеди сигурно заклучување. Секој паркинг се прилагодува за различни големини на велосипеди и има држачи за заклучување. На крајот, паркинзите се поставуваат на стабилни површини, а во зависност од потребите на корисникот, може да се додаде и брендирање како дополнителна опција која ја зголемува цената, но нуди можност производот да го носи идентитетот на организацијата или компанијата која го користи. Целата подготовка е дизајнирана така да создаде траен, функционален и еколошки производ. Со овој процес, ние, тимот на Еко Логик, не само што го реупотребуваме отпадот и го користиме како ресурс за краен производ, туку и создадаваме продукт кој е практичен и привлечен за корисниците.

Како дојдовте до ваква идеја, има ли примери во светот за ваков тип на пренамена?

Идејата дојде од спојот на две потреби – одржливост и практичност. Сакавме да создадеме нешто што ќе ги искористи отпадните материјали на еколошки начин, а истовремено ќе има реална примена за граѓаните. На почетокот на самата идеја тимот на Еко Логик истражуваше примери од светот каде индустриски или отпадни материјали се пренаменувале за урбани решенија, како сандали од гуми или мебел од палети, но се одлучивме за идејата Bure-Cycle бидејќи комбинира метални буриња и велосипедски гуми во функционален и визуелно интересен производ. Исто така, вклучувањето на училишта и локални занаетчии е нешто што ја разликува нашата иницијатива, бидејќи ја поттикнува креативноста и вештините на различни генерации. Ние, тимот на Еко Логик, гледаме на Bure-Cycle не само како производ, туку и како модел за циркуларна економија што може да инспирира други да размислуваат за отпадот како ресурс. Идејата постојано се развива и тестираме различни техники за да го подобриме квалитетот и функционалноста. Со овој концепт сакаме да покажеме дека одржливоста може да биде и креативна и практична.

Првите буриња кои се произведени се веќе поставени низ некои училишта. Каква е реакцијата на велосипедистите?

Првите пилот модели на буре-паркинзи ги поставивме уште во 2016 година, во OOУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ во Скопје, а неколку примероци поставивме и пред Амбасадата на Швајцарија, како дел од добра соработка. Тогашната реакција беше многу охрабрувачка и ни даде дополнителен импулс да продолжиме со развојот на идејата.

Од наставниците и учениците добивме коментари дека им се допаѓа практичноста и тоа што производот го прави просторот поуреден и поинтересен, а велосипедистите го ценат фактот што добиваат едноставно и безбедно место за паркирање. Позитивните реакции, како и вниманието кое нашите пилот примероци го привлекоа, ни помогнаа да ја валидираме идејата и да продолжиме кон изработка на нови, унапредени верзии.

Во подготовка сте за почетокот на производството на Bure-Cycle. Кој ви е таргет пазарот?

Нашиот таргет пазар се различни групи кои можат да имаат корист од одржливи и иновативни велосипедски паркинзи. Тоа се компании и институции кои сакаат да покажат еколошка свест, урбани средини со голем број велосипедисти, општини кои сакаат да ја подобрат велосипедската инфраструктура, како и училишта кои сакаат да ги вклучат учениците во креативни проекти. Исто така, јавните простори како паркови и кејови се идеални за поставување на овие паркинзи. Нашиот производ е уникатен и функционален, а со тоа што користи локални материјали и вклучува заедница, нуди додадена вредност. Анализата на пазарот покажува дека интересот за еколошки решенија расте и дека многу компании се подготвени да инвестираат во одржливи проекти. Затоа веруваме дека Bure-Cycle има голем потенцијал за различни сегменти на пазарот.

Кружната економија е основата на одржливиот опстанок на планетата и човештвото. Што мислите колку нашите граѓани се свесни дека најголемиот придонес се прави со мали, но секојдневни активности?

Верувам дека токму малите, секојдневни чекори се најмоќниот двигател на вистинската промена. Често ги потценуваме затоа што изгледаат „премногу мали“, но тие создаваат навики, а навиките прераснуваат во стил и начин на живеење. Кога некој ќе одбере велосипед или јавен превоз, ќе рециклира или ќе му даде нова шанса на отпадот – тој/таа веќе е дел од една поголема приказна.

Сѐ почесто гледаме како од отпадни материјали се креираат корисни и убави производи – од садови за растенија направени од донирана пластика, преку житни цевки од био-отпад, па сѐ до моливи и боички од рециклирана хартија, креативна употреба на отпад од локални бизниси за изработка на сувенири, корпоративни и персонализирани подароци, производство на течно ѓубриво од чај, еко-плочки од рециклирана пластика, одржлива мода од текстилен отпад, храна за животни од ливадска детелина и сено, био-компост од отпад од храна, како и онлајн продавница за циркуларни производи и многу други. Кај нас имаме и одлична иницијатива која што е многу популарна, а тоа е центарот за поправки “Ништо Ново” кој што е исто така пример за циркуларна економија. Токму овие примери покажуваат дека одржливоста не мора да биде апстрактен концепт, туку нешто опипливо и присутно во секојдневието.

Проекти како Bure-Cycle се доказ дека една конкретна, едноставна идеја може да има голем ефект – не само преку производот, туку и преку пораката. Особено важно е што ваквите иницијативи ја поттикнуваат свеста кај децата, затоа што едукацијата и личниот пример се најголемата инвестиција во иднината. Така учиме дека одржливоста не е „нешто големо и далечно“, туку начин на живеење.

Факт е дека нам во Македонија ни недостасува ефикасен систем за третман на отпадот, а особено за реупотреба на секундарните суровини. Што е неопходно да направиме за да фатиме чекор со поразвиените земји?

За да фатиме чекор со поразвиените земји, потребен ни е холистички пристап – комбинација од подобра инфраструктура, силна едукација и поддршка на локални иновации. Системите за селекција и рециклирање мора да бидат подостапни и појасни за граѓаните, но истовремено треба да се охрабрат и оние мали бизниси и иницијативи што веќе размислуваат кружно.

Клучна улога имаат партнерствата – меѓу општините, компаниите, образовните институции и креативните поединци. Кога луѓето ќе видат дека отпадот може да се користи како ресурс, дека од него настануваат нови производи со реална вредност и употреба, тогаш реупотребата престанува да биде обврска и станува свесен избор.

Трендот на одржливи решенија расте, а нашата предност е креативноста и способноста да најдеме смисла дури и во она што другите го сметаат за отпад. Со повеќе вакви конкретни примери и со нивна поддршка, можеме да изградиме систем што не само што ќе го намали отпадот, туку и ќе го продолжи животниот циклус на материјалите – на еден одржлив начин.

Какви се вашите планови за во иднина, каде го гледате Bure-Cycle?

Во наредниот период планираме да ги рашириме Bure-Cycle паркинзите на повеќе локации во Скопје, а се разбира и низ Македонија, со цел да ја направиме оваа услуга подостапна и да придонесеме кон вело-културата и одржливиот урбан развој. Целта ни е да создадеме мрежа на функционални и визуелно привлечни паркинзи ширум градовите, кои ќе ги мотивираат луѓето да користат велосипеди и да размислуваат за одржливост. Тимот на Еко Логик, го гледа Bure-Cycle како дел од одржливата урбана инфраструктура на утрешните градови, каде отпадот станува ресурс, а заедницата се вклучува во креирањето на решенијата. Со овој проект сакаме да инспирираме и други компании и организации да размислуваат циркуларно.

Сподели!
- Advertisement -