6.8 C
Skopje
недела, февруари 8, 2026


Од порака на фриленс-платформа до канцеларија во Битола: Како норвешки Avilo ја откри Македонија?

- Advertisement -

Норвешка најчесто ја замислуваме како дисциплина, дистанца и минимализам. Балканот, пак, како блискост, импровизација и верување дека работите ќе се средат во движење. Ретко кој би ги ставил овие две култури во иста реченица, а уште помалку во иста компанија. Приказната на Avilo започнува таму каде што нема големи планови. На фриленс-платформа. Со конкретна задача. И со рок што за еден Норвежанец звучел сосема разумно – еден месец.

Одговорот пристигнал за неколку минути. Од Македонија. Со едноставно „да, можно е“. И со предложен рок од четири дена. Таа порака не беше дел од стратегија или бизнис-план. Тоа беше момент кога две непознати култури се усогласија околу нешто практично…работата. Задачата беше испорачана прецизно и навреме, без дополнителни објаснувања. Она што следеше беше неочекувано.

- Advertisement -

По тој проект, Стајнар Мек Шејн Ериксен, дојде во Македонија. Не на состанок. Туку да се запознае со човекот со кој работел. И, неочекувано, со неговото семејство. Беше Велигден. Начинот на кој се славеше празникот, блискоста, разговорите и довербата оставија силен впечаток кај гостинот од Норвешка. Не како анегдота, туку како пресвртна точка.

Три години подоцна, Avilo отвара канцеларија во Битола. Не како шаблонска експанзија, туку како резултат на соработка што се покажа одржлива.

- Advertisement -

Во разговорот што следи, зборуваме со Стајнар Мек Шејн Ериксен, основач на Avilo, и Божидар Кукески, извршен директор на компанијата.

новинарка | Љубица Ангелкова

- Advertisement -

Кога ќе погледнете наназад, дали Avilo ви изгледа повеќе како нешто што го планиравте или како нешто што се случи низ работата?

Стајнар: Отворањето правно лице надвор од Норвешка отсекогаш беше сон, но тоа не се прави без вистинска личност на вистинското место. Потребен ти е некој кому можеш да му веруваш, кој ќе преземе одговорност и ќе ги движи работите напред. По средбата со Божидар, почувствував дека сум чекор поблиску до остварување на тој сон.

Кога сфативте дека соработката со Божидар е повеќе од еден проект?

Стајнар: Го видов начинот на кој Божидар размислува за работата, како ја презема одговорноста и како ги вклучува другите во процесот. За мене, тоа беше сигнал дека стручноста сама по себе не е доволна – потребни се иницијатива, лидерски инстинкт и способност да се гледа пошироката слика. Кога тие елементи се присутни, соработката природно прераснува во нешто поголемо.

Кога одговоривте со „четири дена наместо еден месец“, дали замислувавте дека тоа ќе го смени професионалниот пат?

Божидар: Во тој момент, не размислував за кариера, туку за задачата. Рокот не го доживеав како притисок, туку како можност да покажам како работам. Кога си стручен и сериозно пристапуваш кон она што го правиш, не гледаш зошто нешто би траело подолго отколку што навистина е потребно. Верувам дека токму таа иницијатива и однос кон квалитетот создаваат доверба, а довербата потоа отвора простор за многу поголеми можности.

Овој мој пример зборува за тоа како денес функционира глобалната економија на знаење. Преку конкретен случај што започнува со едноставна фриленс-задача, се отвора поширока слика за свет во кој стручноста нема географска адреса, а пазарот не е место, туку состојба. Ова мое искуство, уште на почетокот ми докажа дека стручноста е валута, дека глобалното село е реалност, а довербата како бизнис-инфраструктура е основа. И да, Балканот е релевантен, а не е периферен простор, како што многумина сметаат.

Што мислите дека Стајнар препозна тогаш, а што денес е ДНК на Avilo?

Божидар: Мислам дека Стајнар препозна нешто што денес е суштината на Avilo дека ако си стручен, одговорен и имаш иницијатива, пазарот не ти е ограничен ниту со држава, ниту со географија. Пазарот ти е светот.

Во тој момент не стануваше збор само за брз рок, туку за однос кон работата. За тоа како пристапуваш кон задача, како преземаш одговорност и како размислуваш пошироко од тоа „што ми е зададено“. Токму таа комбинација од техничко знаење, лична иницијатива и позитивна насока кон тимската работа беше клучна.

На иницијатива на Стајнар, предложив колеги и пријатели кои се вклучија во тимот на одреден период. Сите тие доаѓаа од локален контекст, но работеа на меѓународни проекти, со јасни стандарди и очекувања. Соработката покажа дека квалитетот нема адреса, а довербата се гради преку резултати.

Мислам дека тоа е важна порака и за младите луѓе денес – живееме во глобално село. Физички може да си во Битола, Скопје или било каде, но ако знаеш што правиш, ако си подготвен да учиш и да преземеш иницијатива, можеш да работиш со клиенти и тимови од целиот свет.

Денес, високите стандарди, одговорноста, довербата и силната тимска култура се дел од ДНК-та на Avilo. Не како теорија, туку како пракса што се докажала со текот на времето.

Како би ја објаснилe работата на Avilo на некој што не е од ИТ-светот?

Стајнар: Нашата улога е да им помогнеме на компаниите да преминат од интуитивна и рачна работа кон појасни, поефикасни процеси. Тоа не е само технолошка трансформација, туку промена во начинот на размислување. Кога податоците стануваат јасни, луѓето можат да се фокусираат на квалитет, одлуки и развој, наместо на административни задачи.

Каде клиентите ја гледаат најголемата вредност во вашите решенија?

Стајнар: Клиентите ја ценат можноста нашите решенија да ја претворат претпоставката во факти, а рачната работа во автоматизација. Тоа им остава повеќе време на квалификуваните луѓе да се фокусираат на квалитет и одлуки, а не на администрација.

Што значи иновација за Avilo – технологија или начин на размислување?

Стајнар: За Avilo, иновацијата пред сè е начин на размислување, а не технологија.

Технологијата е само алатка. Иновацијата започнува со тоа како размислуваме, како ги преиспитуваме постоечките начини на работа и колку сме блиску до реалните проблеми во секојдневното работење.

Иновираме така што внимателно слушаме, ја поедноставуваме комплексноста и градиме решенија што навистина се користат. Кога начинот на размислување е точен, технологијата доаѓа природно.

Божидар: Иновацијата ја гледаме како идеја и начин на размислување за тоа како да разгледаме еден проблем од повеќе перспективи и да најдеме оптимално решение што носи нова вредност. Во нашата работа главно сме фокусирани на разгледување на барањата и проблемите во разни индустрии и работиме на градење на нешто ново, прилагодено и подобро од тоа што е веќе достапно. Технологијата е само алатка, пристапот и идејата ја прават разликата.

Дали комбинацијата од нордиска структура и балканска флексибилност е предност?

Божидар: Има предност, но не само поради тоа што е „нордиско“, туку поради самата разновидност на тимот со различни квалитети и вештини. Таа комбинација вреди повеќе, носи подобар квалитет и побрзо решавање на проблеми. Предноста е што не почнуваме од нула, туку имаме пристап до докажани стандарди и решенија од нордискиот пазар и знаеме како да ги адаптираме и примениме кај нас. Практично, го земаме најдоброто што функционира таму и го правиме ефикасно во Македонија.

Зошто Македонија и зошто Битола?

Стајнар: Ја избрав вашата земја поради луѓето, знаењето и довербата. А Битола, затоа што е жив град со силен талент кај младите луѓе и добра основа за раст. Тоа беше природна одлука, а не стратешка формула.

Што очекуваш од локалниот тим во наредните години?

Божидар: Очекувам да ја задржиме конзистентноста.  Во следните години сакам локалниот тим да расте во разновидност и експертиза, да презема сè повеќе сопственост над проектите и да испорачува стабилен квалитет. За креативност и иновации е важно да имаме добар баланс меѓу јасни цели и дисциплина, но и простор за размислување без непотребен стрес што ќе поттикне нови идеи.

Каде би сакале Avilo да биде за три години?

Стајнар: За три години, Avilo треба да се прошири меѓународно така што ќе го прави уште повеќе она што веќе функционира. Без големи промени, само со поширок опфат.

Што би им порачал на младите ИТ професионалци воМакедонија?

Божидар: Не би сакал да држам лекции, бидејќи уште учам и растам во оваа улога, но ако треба да издвојам нешто што мене ми помогнало, тоа е фокус на учење наместо заработка на почеток. Секогаш давав предност на нови предизвици, отколку на повторливи задачи што сигурно ќе ми донеселе брза заработка. Исто така, многу е важна комуникацијата со поискусни колеги од кои можете да научите и да добиете повратна информација за вашата работа. И за крај, конзистентноста е многу важна. Во оваа индустрија има постојани промени, па важно е да ги следиме новите трендови, но и да ги градиме основите.

Ако Avilo треба да се сумира во една реченица, од Норвешка до Битола, која би била таа?Стајнар:Avilo ги спојува луѓето, увидот и софтверот за да ја направи секојдневната работа поедноставна и попродуктивна.

Сподели!
- Advertisement -