Во време кога младите постојано се во потрага по нови искуства, настани и луѓе со слични интереси, едно прашање сè почесто се повторува – „Каде да се излезе и со кого?“ Токму од оваа потреба се роди Findzzer – современа македонска апликација која ги поврзува локалните настани со социјално вмрежување, создавајќи простор каде што дружењето започнува уште пред самиот настан.
Зад оваа иновативна идеја стои тим од четворица млади ентузијасти од Тетово, кои од студентски проект успеаја да изградат стартап со сериозни амбиции и меѓународна визија. Разговаравме со тимот за тоа како се роди идејата, кои предизвици ги надминаа и како планираат да го трансформираат социјалниот живот на младите – не само во Македонија, туку и пошироко.
Новинар – Верица Јорданова
Што е Findzzer и која е неговата основна идеја?
Findzzer е современа македонска апликација која одговара на едно од најчестите прашања кај младите – каде да се излезе и со кого. Таа ги обединува локалните настани со социјална платформа која им овозможува на корисниците не само да бидат информирани за случувањата околу нив, туку и да запознаат нови луѓе со слични интереси, без разлика дали станува збор за пријателства или романтични контакти.
Апликацијата е развиена како студентски проект од тим од четири мотивирани студенти од Тетово: Марио Бојаровски, Мила Бојаровска, Матеа Бојаровска и Ангела Апостолска. Проектот започна како идеја, а прерасна во сериозна стартап платформа.

Ги прашавме како се роди идејата за Findzzer?
Идејата се роди за време на Erasmus престојот на Марио во Португалија. Како студент во нов град, без познати луѓе и без јасна слика каде и што се случува, се соочи со проблем што го имаат многу млади –социјалната интеграција. Постоечките платформи не нудеа комплетно решение за истовремено откривање настани и запознавање луѓе, па така се појави концептот за Findzzer.



Кои проблеми на младите ги адресира Findzzer?
Многу млади сакаат да посетат настан, но немаат со кого да одат или се чувствуваат непријатно да започнат разговор со непознати. Findzzer го олеснува токму тој момент – ги поврзува луѓето уште пред самиот настан и им помага полесно да создадат контакти.
Што ја издвојува апликацијата од другите платформи? Каква корист имаат организаторите и локалните бизниси?
Findzzer не е само календар на настани. Таа комбинира промоција на случувања со систем за социјално поврзување. Корисниците не одат на настан само поради програмата, туку и поради дружењето, а апликацијата им помага да најдат друштво со слични интереси.
Малите локали, барови и клубови добиваат поголема видливост и публика што активно бара настани. Преку интерес-базирани и локациски препораки тие можат да привлечат вистински посетители. Дополнително, добиваат аналитика за публиката и бројот на заинтересирани корисници, што им помага подобро да го планираат маркетингот.
Кои функционалности ги нуди апликацијата за бизнисите?
Findzzer нуди модерен систем за резервации со интуитивен интерфејс, live notifications за промоции и промени во програмата, како и директна комуникација со посетителите. Ова го заменува неефикасното договарање преку пораки и телефон.
Кои беа првите значајни успеси на тимот на Findzzer?
Еден од најважните чекори беше учеството во програмата IMAM IDEJA 3 организирана од AI Revolution Summit и Startup Club Skopje. Денес Findzzer е официјално дел од IMAM IDEJA Incubator Program, што претставува важен чекор кон професионализација и раст на стартапот.
Како ја унапредувате технологијата зад апликацијата?
Работиме со професионалци од Германија на развој на напреден AI модел. Тој ќе овозможи попаметен и поперсонализиран matching помеѓу корисници и настани, како и подобри аналитики за бизнисите. Паралелно со тоа, соработуваме со UX консултанти за подобро корисничко искуство.
Што е Findzzer Inventory и кога ќе биде достапен?
Findzzer Inventory е нова платформа што ќе им овозможи на бизнисите следење на залихи, автоматски извештаи и препораки за набавка. Таа ќе ја зголеми оперативната ефикасност и ќе ги намали ризиците за време на настани. Планираме нејзино лансирање до крајот на годината.


Кои се идните планови на Findzzer?
Фокусот засега е на Скопје, но паралелно работиме на проширување во други земји, како Словенија. Новите верзии ќе донесат интелигентен AI matching, подобрен систем за резервации, Inventory платформа и целосен систем за купување билети.
Која е визијата на Findzzer на долг рок?
Нашата визија е Findzzer да стане водечка платформа за социјален живот на младите, без разлика дали се дома или во странство. Крајната цел е да ја унифицираме младината и да им помогнеме полесно, побрзо и поинтуитивно да се пронајдат едни со други.




























