Една од најголемите американски авиокомпании, „Јунајтед ерлајнс“, во петокот објави дека поради зголемувањето на цените на горивата, ќе откаже пет проценти од летовите планирани за оваа година.
„Доколку цените останат на ова ниво, само годишните трошоци за гориво би биле единаесет милијарди долари повисоки“, изјави извршниот директор на оваа авиокомпанија, Скот Кирби, во изјава до вработените, пренесува SEEbiz.
Тој нагласи дека неговите планови претпоставуваат дека цената на нафтата ќе се искачи на 175 долари за барел и нема да падне под 100 долари до крајот на 2027 година, пренесува Ројтерс. Кирби рече дека авиокомпанијата моментално планира да продолжи со целосен распоред на летови на есен.
Ова е најновото во низата најави од светските авиокомпании за ограничување на нивните летови поради зголемувањето на цените на горивата предизвикано од војната на Блискиот Исток.
„Ер Франс-КЛМ“ објави на 12 март дека ќе ги зголеми цените на летовите на долги релации, а скандинавската САС објави пет дена подоцна дека ќе откаже илјада летови во април.
Фото – Wikimedia






























