„Блесни“ – македонска дигитална платформа за персонализирано учење математика

- Advertisement -

Може ли технологијата да го направи учењето математика полесно, поинтересно и приспособено на секое дете? Токму со оваа идеја, младата инженерка Нела Николова ја создаде „Блесни“ – дигитална едукативна платформа што ги обединува персонализираното учење, интерактивните содржини и вештачката интелигенција. Она што започнало како дипломска работа на ФИНКИ, денес прераснува во обид да им помогне на учениците да учат со повеќе разбирање, помалку стрес и поголема самодоверба.

Нела Николова има 23 години и доаѓа од с. Негорци, Гевгелија. Неодамна дипломираше на ФИНКИ како инженер по информатички науки и компјутерско инженерство, а паралелно со студирањето повеќе од пет години држи приватни часови по математика. Токму спојот на технологијата и образованието ја поттикна да го создаде „Блесни“, дигитална едукативна веб платформа за персонализирано учење математика, усогласена со македонската наставна програма.

- Advertisement -

Идејата за „Блесни“ произлегла од нејзиното лично искуство со учениците. Работејќи со деца со различно предзнаење, различно темпо и различни начини на учење, Нела забележала дека често проблемот не е во тоа што ученикот не може да научи математика, туку во тоа што материјалот не му е објаснет на начин што нему му одговара.

„Математиката не е предмет кој се учи за еден ден. Јас често ја споредувам со качување по скали. Ако прескокнете една скала, многу потешко ќе се качите на следната. Истото се случува и со математиката. Ако ученикот не разбере една лекција, многу е веројатно дека ќе има потешкотии со следната, бидејќи новото знаење најчесто се надоврзува на претходното“ – објаснува Николова.

- Advertisement -

„Блесни“ започнала како нејзина дипломска работа на ФИНКИ, но во текот на развојот Нела сфатила дека идејата може да прерасне во реален производ кој ќе им биде корисен на учениците и родителите. Платформата ја гради самостојно, од осмислувањето и структурирањето на образовната содржина, преку техничката имплементација и визуелниот идентитет, до креирањето дигитална содржина, презентацијата и маркетингот.

На платформата учениците имаат пристап до лекции, видеообјаснувања, белешки, задачи и интерактивни квизови, а можат да го следат и сопствениот напредок. Родителите имаат свој профил преку кој можат да добијат увид во активноста и напредокот на детето.

- Advertisement -

Посебен дел од платформата е ВИ математичкиот асистент на македонски јазик. Неговата цел не е само да го даде точниот одговор, туку да го поттикне ученикот да размислува. Кога ученикот ќе заглави, асистентот може да го потсети на правилото, да му постави прашање, да му даде насока или да го води чекор по чекор кон решението. Тој се прилагодува на ученикот и неговото досегашно учење.

„’Блесни’ не го гледам само како технологија, туку како спој на технологија, наставно искуство и разбирање на вистинските потреби на ученикот. Вештачката интелигенција е само еден дел од целото искуство. Главниот фокус е ученикот и неговиот процес на учење“ – посочува Нела.

Името „Блесни“ произлегло од верувањето на Нела дека секое дете во себе крие своја ѕвезда. Некое дете е добро во математика, друго во спорт, трето во уметност, а некое во нешто сосема различно. Но, со вистинска поддршка, секое дете може да го открие својот потенцијал и да блесне.

Покрај „Блесни“, Нела во текот на студирањето работела на различни проекти и стекнувала искуство во креирање едукативни видеа од областа на сајбер безбедноста, водење профили на социјални мрежи, маркетинг и други дигитални активности.

„Сакам технологијата да не биде присутна само затоа што е модерна, туку затоа што навистина може да реши реален проблем во образованието.  Сакам ‘Блесни’ да им помогне на учениците да учат со помалку стрес, повеќе разбирање и повеќе самодоверба, а родителите во секој момент да знаат што научило нивното дете, доколку има потреба од помош тие да се потсетат на лекциите и да му помогнат“ – заклучува Николова.

За сите кои сакаат лично да го запознаат начинот на кој функционира „Блесни“, Нела овозможува 5 дена бесплатен пристап до платформата. Учениците и родителите можат да ја посетат платформата, да се регистрираат, да ги разгледаат достапните содржини и сами да видат како изгледа едно поинакво дигитално искуство за учење математика. Пробајте го „Блесни“ на следниот ЛИНК.

Извор – Маркетинг 365

- Advertisement -