Македонското еколошко друштво ќе ги стипендира преспанските матуранти кои ќе запишат студии по екологија, биологија, шумарски или земјоделски науки

- Advertisement -

Македонското еколошко друштво ќе доделува стипендии до 400 евра месечно за матурантите од Преспа кои ќе запишат универзитетски студии по екологија, биологија, шумарски или земјоделски науки.

Програмата е наменета за средношколците од Преспа и има за цел да го надмине локалниот недостиг од кадар во природните науки поврзани со заштитата на природата и животната средина. На тој начин, идните студенти ќе можат да стекнат знаење и вештини што ќе им овозможат активно да придонесат кон зајакнување на локалните капацитети за заштита и зачувување на природата и биолошката разновидност во Преспанскиот Регион.

- Advertisement -

Покрај финансиската поддршка што ќе ја добијат избраните студенти, Македонското еколошко друштво исто така ќе ги вклучи во својата менторска програма преку која ќе стекнат практично и теренско искуство во истражувањето и заштитата на видовите и живеалиштата во Преспа.

Повеќе информации за програмата за стипендирање, начинот на учество и критериумите за селекција, заинтересираните средношколци и нивните родители можат да добијат во локалната канцеларија на Македонското еколошко друштво во Ресен, или преку електронска пошта на следните адреси: zaec@mes.org.mk и eftimovski@mes.org.mk. Заинтересираните кандидати за стипендија треба да го изразат својот интерес преку пополнување на приложениот образец (достапен ТУКА) и да го испратат на погоре посочените електронски адреси, или да го достават во канцеларијата на Македонското еколошко друштво во Ресен.

- Advertisement -

Оваа програма за стипендирање се реализира во рамки на проектот „Иницијатива за зелена и сина Преспа – Зајакнување на заштитата преку истражување, едукација и комуникација“, финансиран од Европската Унија (ЕУ) во рамки на програмата „ЕУ за Преспа“ и кофинансиран преку Фондот за природа „Преспа – Охрид“ (ПОНТ). Партнери во имплементацијата на проектот се Македонско еколошко друштво, Општина Ресен, Националниот парк „Галичица“, Друштвото за заштита на Преспа (SPP) од Република Грција и Друштвото за заштита и зачувување на природната средина во Албанија (PPNEA) од Република Албанија. Имплементацијата на проектните активности е поддржана од Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Северна Македонија и Националниот парк „Пелистер“.

- Advertisement -