Европските авиокомпании се соочуваат со сериозна криза поради драстичното зголемување на цената на авионското гориво. Според Меѓународното здружение за воздушен транспорт (IATA), цените на горивата во Европа скокнаа за неверојатни 105,7% во споредба со минатата година, принудувајќи компании како што се Lufthansa, Turkish Airlines и KLM да направат радикални намалувања.
Еве ги авиокомпаниите кои веќе објавија промени и како тие ќе влијаат на вашиот паричник:
Lufthansa и KLM
Германскиот гигант Lufthansa веќе објави приземјување на дури 20.000 летови со цел да ги ограничи трошоците. Холандскиот KLM направи сличен потег, откажувајќи 160 летови од аеродромот Шипхол во мај, објаснувајќи дека летовите по сегашните цени на керозинот едноставно повеќе не се финансиски одржливи.
Turkish Airlines
Турскиот национален авиопревозник ги суспендира летовите на 18 меѓународни рути, а промените влијаат на неговата мрежа во Европа, Африка и Азија. Според податоците од платформата Aeroutes, Turkish Airlines ја намалува фреквенцијата на летови до Сараево (во просек три лета неделно помалку отколку во јули) и Загреб (еден до два лета неделно помалку отколку во јуни).
Компанијата SunExpress, која е заедничка инвестиција помеѓу Turkish Airlines и Lufthansa, воведува привремен „данок на гориво“ од 10 евра по патник на сите летови од Турција до Европа.
Transavia
Нискобуџетната компанија Transavia, дел од групацијата Air France-KLM, исто така ги откажува летовите закажани за мај и јуни. На патниците погодени од овие промени ќе им бидат понудени ваучери, целосен поврат на средства или бесплатна повторна резервација во рок од 24 часа од откажувањето.
Но, има и добри вести. За оние кои ги резервирале своите пакети преку големите туроператори ситуацијата е малку постабилна. Германскиот туристички гигант TUI објави дека нема да ги зголеми цените за клиентите кои веќе ги резервирале своите одмори.
(Bizlife)
(фото: Pick Pik)



























