2025 година беше третата најтопла година досега

- Advertisement -


Минатата година беше третата најтопла година досега, објави денес Европската служба за климатски промени Коперникус. Претходните три години беа најтоплите откако започнаа евиденциите, со глобални температури во просек повеќе од 1,5 степени над прединдустриското време.

„Ова е прв пат границата од 1,5 степени да биде надмината во тригодишен период“, објави Коперникус.

- Advertisement -

Рекордни температури беа забележани во 2024 година, додека просечната температура во 2025 година беше само 0,01 степен пониска отколку во 2023 година и 0,13 степени пониска отколку во 2024 година, кога границата од 1,5 степени на глобално затоплување беше првпат надмината. Научниците предупредуваат дека глобалното затоплување од 1,5 степени во споредба со прединдустрискиот период (1850-1900) ќе предизвика сериозни последици, како што се поекстремни временски настани, потопли и подолги топлотни бранови, посилни бури и повеќе поплави.

Во извештајот на „Коперник“ се наведува дека температурите на воздухот над копното биле втори највисоки досега. Глобалната температура на површинскиот воздух минатата година била за 1,47 степени над прединдустриските нивоа, по 1,6 степени во 2024 година. Најтоплата година е забележана на Антарктикот, а втората најтопла на Арктикот.

- Advertisement -

Врз основа на моменталната стапка на затоплување, долгорочната граница на глобалното затоплување од 1,5 степени според Парискиот договор би можела да се достигне до крајот на оваа деценија, повеќе од 10 години порано од предвиденото кога беше потпишан договорот во 2015 година.

Минатата година беше и третата најтопла година во Европа откако се направени мерења, со просечна температура од 10,41 степени, што е за 0,3 степени под рекордната 2024 година.

- Advertisement -

Во соопштението на „Коперник“ се наведува дека периодот од 2023 до 2025 година бил исклучително топол од две главни причини. Првата е акумулацијата на стакленички гасови во атмосферата поради зголемените емисии и намалената апсорпција на јаглерод диоксид во природните понори. Друга причина е што температурите на површината на морето достигнаа невидени нивоа, што е поврзано со феноменот Ел Нињо и други фактори, влошени од климатските промени.

(N1)
Фото – Pixabay

- Advertisement -