Маврициус, втората најбогата и најмирна земја во Африка, официјално ја започна долгонајавуваната програма „златна виза“ од милион долари, чија цел е привлекување богати инвеститори од целиот свет. Премиерката Навинчандра Рамгулам објави дека програмата бара инвестиција од еден милион долари во рок од 12 месеци од пристигнувањето, со што Маврициус се позиционира како една од најатрактивните инвестициски дестинации на континентот, објавува eKapija.
„Ние ја нудиме оваа програма на поединци кои сакаат да придонесат за развојот на земјата, со стабилна и мирна средина“, рече Рамгулам во парламентот, додавајќи дека инвеститорите ќе можат да инвестираат во клучните сектори на економијата и да станат дел од растечката заедница.
Маврициус сè повеќе се позиционира како дестинација за глобални инвеститори кои бараат стабилност и раст. Според индексот на просперитет „HelloSafe 2026“, земјата е втора најбогата во Африка, додека економијата успешно се трансформираше во последните децении од зависност од шеќер во финансии, туризам и индустрија.
Благодарение на политичката стабилност, ниското ниво на конфликти и високото ниво на безбедност, Маврициус е прогласен за најмирна земја во Африка 18-та година по ред, заземајќи го 26-тото место на глобалната листа.
Програмата, која беше одобрена во април, предвидува виза со повеќе влезови до две години, со можност за продолжување доколку инвеститорите продолжат да инвестираат. Планирано е да се привлечат околу 100 инвеститори годишно, особено во секторите финансиски технологии, вештачка интелигенција, биотехнологија и обновливи извори на енергија.
Покрај оваа програма, Маврициус веќе нуди и други модели на престој за инвеститорите, вклучувајќи постојан престој со инвестиција во недвижнини од 375.000 долари, како и работни дозволи за претприемачи со почетна инвестиција од 50.000 долари.
(Biznis.rs)
Фото – Pixabay



























