Обединетите Арапски Емирати изградија речиси половина од вториот нафтовод што ќе го заобиколи Ормускиот теснец, изјави извршниот директор на Националната нафтена компанија на Абу Даби (ADNOC), Султан Ахмед Ал Џабер.
ОАЕ го забрзаа проектот поради војната со Иран, рече тој, а цевководот е предвиден да биде оперативен до 2027 година. Саудиска Арабија, исто така, развива алтернативни правци за извоз на нафта, користејќи цевковод што води до пристаниште на Црвеното Море, кое делумно го заобиколува Ормускиот теснец.
„Премногу од светската енергија сè уште тече низ премалку тесни грла“, рече Ал Џабер за време на обраќањето пред Атлантскиот совет.
Тој предупреди дека блокадата на Ормускиот теснец предизвикала најсериозни прекини во снабдувањето со енергија во историјата, велејќи дека повеќе од милијарда барели нафта се изгубени поради затворањето и дека околу 100 милиони барели неделно се губат додека теснецот е затворен.
“Ќе бидат потребни најмалку четири месеци за да се достигнат 80 проценти од нормалното ниво на снабдување со нафта, дури и ако конфликтот заврши веднаш. Ова не е само економски проблем. Тоа поставува опасен преседан, бидејќи прифаќаме дека една земја може да го држи блокиран најважниот воден пат во светот” рече тој.
Министерот за енергетика на САД, Крис Рајт, изјави за CNBC дека важноста на Ормутскиот теснец за глобалниот пазар на енергија ќе се намали по војната со Иран, бидејќи земјите од Персискиот Залив градат алтернативни нафтоводи.
“Ова е еднократна ситуација. Ќе има и други правци за енергија од Персискиот Залив. Ќе видиме намалување на важноста на теснецот, но не и намалување на важноста на производството и снабдувањето со енергија од овие земји” рече Рајт.
Се очекува новиот цевковод да го удвои извозниот капацитет на ADNOC преку пристаништето Фуџаира, кое се наоѓа во Оманскиот Залив, веднаш зад Ормутскиот теснец.
(Kamatica)
(фото: Economy Next)





























