Центарот за истражување и креирање политики, во соработка со Фондацијата Конрад Аденауер, денес организираше настан посветен на конкурентноста, иновациите и дигиталната трансформација во земјите од Западен Балкан, на кој беше презентиран Индексот за конкурентност и иновации на Западен Балкан. Центарот за истражување и креирање политики е независен тинк-тенк кој работи на унапредување на јавните политики преку истражување, анализа и дијалог заснован на докази.
Индексот обезбедува компаративна анализа на капацитетите за иновации и конкурентност во регионот и нуди препораки за унапредување на јавните политики со цел поттикнување на одржлив и паметен економски раст.
Клучните наоди од Индексот покажуваат дека Македонија бележи значајни резултати во делот на високотехнолошкиот извоз, додека Скопје се издвојува како главен центар на иновацискиот екосистем во државата, особено во областа на истражувањето и развојот, патентната активност и пристапот до ризичен капитал.

Марија Ристеска, директорка на Центарот за истражување и креирање политики истакна дека со овој индекс биле анализирани Босна и Херцеговина, Албанија, Србија и Македонија.
– Денеска имавме чест да ги промовираме и резултатите на индексот каде што споредбено ги покажуваме четирите земји за коишто Центарот за истражување и креирање политики собира податоци и ги анализираше истите, а тоа се Босна и Херцеговина, Албанија, Србија и Македонија. Тоа е веќе 90 отсто од економијата на регионот и покажа дека скопскиот регион е најдобро од сите останати македонски региони рангиран, трет на оваа листа. Имаме пет српски региони на листата, во првите 20 се сите македонски региони, така да Македонија добро е рангирана на овој регионален индекс, но знаејќи дека конкурентноста и иновативноста е глобално прашање, тие треба да се гледаат во глобални рамки, поради што имавме чест на овој настан да зборуваме и со Стивен Изел од Глобалната асоцијација за трговија и иновации, рече Ристеска.
Истакна дека индексот се мерел според 13 индикатори за кои имале јавно достапни информации.
-Самата методологија е многу подлабока, има повеќе индикатори, но за овој регион можевме само 13 да измериме. Се мереше продуктивноста, знаењето, се мереа иновациите, истражувањето, достапноста на интернет, патентите и така натаму. Еден од подобро рангираните региони е Југоисточниот регион. Мораме да знаеме дека се мереа податоци во однос на извоз, странски директни инвестиции, високо технолошки производи коишто се произведуваат и истите се анализираат во однос на бруто домашниот производ на регионот, по глава на жител на регионот. Овој регион е мал, но има многу добра продуктивност и доста додадена вредност со извозни производи, како и скопскиот регион, посочи Ристеска.
Таа оцени дека главните препораки се дека сите политики треба да се однесуваат регионално, односно да се имплементираат регионално, заради тоа што тоа води до резултати, овозможува поголема конкуренција на македонската економија и во регионални и во глобални рамки, покажува резултатот од индексот во однос на странските директни инвестиции коишто беа регионално спроведени како политика дека е доста успешна, доколку и дигиталната трансформација, истражувањето и развој, паметната специјализација исто така се спроведува како политика регионално, сметаме дека и конкурентноста на македонската економија ќе расте, а тоа ќе овозможи и подеднаков развој на целата држава и ќе се сопрат миграционите текови кон Скопје. Ќе се овозможи еден порамномерен развој, посочи таа.
Во однос на тоа кои индикатори се најпозитивно оценети и каде заостануваме зад другите региони, вели дека каскаме особено со Србија, во однос на истражување и развој.
-Каскаме во однос на другите земји, особено Србија во однос на истражување и развој. Мислам дека треба да произведуваме и повеќе повеќе инженери. Исто така каскаме во однос на индикаторот за продуктивност, таму треба да ја зголемиме интервенцијата за да можеме да бидеме попродуктивни, а тоа може да се случи само доколку имаме и дигитална трансформација во компаниите, заклучи Ристеска.
Повеќе информации и клучните наоди од Индексот се достапни на: https://crpm.org.mk/product/balkan-subnational-innovation-competitiveness-index/.




























