Од денеска, 7 јуни до 12 септември, Wizz Air ќе лета од Вроцлав до Охрид двапати неделно, во недела и среда. Од вторник, 9 јуни, авиокомпанијата ќе лета од Катовице до Охрид во вторник и сабота до 19 септември
Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид, со кој управува ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми и членка на групацијата АДП, утрово (7:55 часот) ги пречека првите 239 туристи од Вроцлав, Полска, кои пристигнаа со новата авиолинија на Виз ер.
ТАВ Македонија ги пречека полските туристи со традиционално охридско ѓомлезе, кое го послужија хостеси облечени во македонски традиционални носии, како одраз на македонското гостопримство и богатата културна традиција на Охрид.
Новата линија од Охрид до Вроцлав ќе сообраќа двапати неделно, секоја среда и недела (пристигнување 7:55 часот; поаѓање: 8:30 часот).
По денешното воведување на линијата Вроцлав, втората авиолинија од Полска до Охрид, ќе биде од Катовице и ќе почне на 9 јуни, вторник. Ќе сообраќа секој вторник и сабота (пристигнување: 20:45 часот; поаѓање: 9:20 часот), додека помеѓу 23 јули и 10 септември авиокомпанијата ќе сообраќа 3 пати неделно – додавајќи го секој четврток (пристигнување: 13:30 часот; поаѓање: 14:05 часот).
„Многу ми е мило што Охрид сè повеќе се позиционира како една од најатрактивните и најпристапните туристички дестинации во регионот. Заедно со нашиот долгогодишен партнер Виз ер, продолжуваме да ја прошируваме мрежата на директни авиолинии од аеродромот во Охрид и да ја зајакнуваме неговата меѓународна поврзаност. Новите линии од Вроцлав и Катовице до Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид претставуваат силен поттик за понатамошен развој на туризмот во Охрид, како и за продлабочување на економските и културните врски меѓу Македонија и Полска. Очекуваме овие дестинации значително да придонесат за зголемување на бројот на посетители и за подобрување на видливоста на Охрид на европската туристичка мапа. Исто така, ги охрабруваме македонските патници да ги откријат двата живописни полски градови“, изјави Неџат Курт, Генерален директор на ТАВ Македонија.
„Со задоволство го прославуваме отворањето на двете нови авиолинии на Wizz Air што го поврзуваат Охрид со Вроцлав и Катовице, дополнително зајакнувајќи ја поврзаноста на Охрид со Полска. Овие нови услуги ќе обезбедат повеќе можности за патување за патниците, а воедно ќе придонесат и за пораст на туризмот меѓу двете земји. Уверени сме дека обете линии ќе бидат топло пречекани од патниците на двата пазари и сме благодарни на сите патници што продолжуваат да го избираат Wizz Air и да летаат со нас за да откриваат нови дестинации“, изјави Вера Јардан, менаџер за корпоративни комуникации во Wizz Air.

Вроцлав е еден од најживописните и најпосетуваните градови во Полска, познат по својата архитектура, мостови и жива културна сцена.
Меѓу најпознатите обележја на градот се плоштадот Ринек – еден од најубавите средновековни плоштади во Европа, исполнет со шарени згради, кафулиња и ресторани; Островот на катедралата Остров Тумски – историскиот дел од градот со катедрали и романтични улици, Вроцлавските џуџиња – стотици мали бронзени статуи расфрлани низ целиот град и омилена туристичка атракција, Панорамата Рацлавице – позната панорамска сликарска и музејска атракција, и Зоолошката градина Вроцлав – една од најстарите и најголемите зоолошки градини во Европа.
Катовице е модерен и брзорастечки град во јужна Полска, познат по музиката, културата и современата архитектура. Градот е познат по Културната зона Катовице – модерен комплекс од музеи, концертни сали и културни центри, Сподек – иконска спортска и концертна арена со уникатна архитектура, Шлезискиот музеј – еден од најмодерните музеи во Полска, Никишовец – историски округ со автентична индустриска архитектура и Шлезискиот парк – огромен зелен парк идеален за пешачење и рекреација.
Авионските билети за двете полски дестинации – Вроцлав и Катовице – се веќе во продажба на веб-страницата на Wizz Air.
Авиокомпанијата моментално опслужува летови од аеродромот во Охрид до осум дестинации, вклучувајќи ги и двете нови рути: Вроцлав, Катовице, Дортмунд, Меминген/Минхен, Базел-Милуз, Штутгарт, Милано-Малпенса и Братислава.
Во текот на летниот распоред на летови, 8 авиокомпании ќе опслужуваат летови до 17 дестинации од Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид. Од нив, 14 се редовни и сезонски авиолинии, додека три се чартер-летови.




























