Денеска во Виница ќе се отвори новата фабрика на „Винчини“ за производство на вафли, вредна 8,5 милиони евра, во која ќе се вработат нови 40 лица. Овој економски успех е уште позначаен ако се потсетиме дека дел од фабриката „Винчини“, лани во септември беше зафатен од пожар, при што беше нанесена голема материјална штета на објектот, но во него изгореа и дел од производите.
Отворањето на новата фабрика за производство на вафли, се реализира за само шест месеци по минатогодишниот пожар кога изгоре цел погон на фабриката. Новиот објект располага со две современи производни линии за производство на вафли и сродни кондиторски производи, наменети како за домашниот пазар, така и за повеќе од шеесет странски пазари на кои денес се присутни производите на „Винчини“.
Со стартот на производството веднаш се отворени 40 директни работни места, додека во текот на следната година се планираат уште 40 дополнителни нови вработувања, со што инвестицијата ќе даде значаен придонес кон економскиот развој на регионот и отворањето нови можности за младите кадри. Новата фабрика ќе се овозможи зголемување на производствените капацитети на „Винчини“ за околу 30 проценти, како и значително зголемување на извозот и присуството на меѓународните пазари.
На денешното отворање ќе присуствува и државниот врв.




























