Кина започна еден од најголемите еколошки проекти во човечката историја пред речиси половина век. Целта беше да се запре ширењето на пустините и да се ограничат разорните песочни бури што го голтаа северниот дел од земјата. Денес, по засадени милијарди дрвја и илјадници километри зелени појаси, научниците откриваат дека овој мегапроект не само што го променил пејзажот, туку и самата клима над Кина.
Пред речиси две години садењето на последните садници беше завршено на јужниот раб на пустината Такламакан, една од најголемите и најсуровите пустини во светот. Со ова се затвори зелениот појас долг повеќе од 3.000 километри, чие создавање траеше 46 години. Тоа беше еден од клучните моменти во кинеската програма за борба против опустинувањето, започната уште во 1978 година.
Иако проектот трае до 2050 година, научниците сега предупредуваат дека огромните шуми што никнуваат таму каде што со векови ги немало доаѓаат со неочекувана цена.
Според истражување објавено во 2025 година во списанието „Иднината на Земјата“, масовното пошумување почна да го менува движењето на влагата и врнежите над Кина. Научници од неколку универзитети ги следеа промените во вегетацијата помеѓу 2001 и 2020 година и дојдоа до заклучок што е спротивен на популарното верување дека повеќе дрвја автоматски значат повеќе вода, пишува CGTN.
Од почетокот на проектот Кина засади околу 78 милијарди дрвја во северните и сушните делови на земјата. Благодарение на ова, шумската покривка се зголеми од 10 проценти во средината на минатиот век на дури 25 проценти денес. Огромни површини што некогаш беа голи сега се покриени со зеленило, песочните бури ослабнаа, а дините се стабилизираа.
Но, дрвјата трошат огромни количини вода.Преку процесот на евапотранспирација, растенијата ја извлекуваат влагата од почвата и ја враќаат во атмосферата. Кога ова се случува на ниво како во Кина, последиците стануваат видливи дури и на регионално ниво. Истражувачите откриле дека влагата повеќе не останува во областите каде што се садат дрвја, туку се носи со воздушни струи кон Тибетската висорамнина.
Со други зборови, делови од северна и источна Кина почнаа да остануваат без вода токму поради масовното пошумување.
Најголемиот проблем е што северот од земјата веќе има сериозен дефицит на вода. Оваа област е дом на речиси половина од населението на Кина и повеќе од половина од нејзиното обработливо земјиште, но има само една петтина од вкупните водни ресурси на земјата.
Научниците предупредуваат дека садењето погрешни видови дрвја ја влошува ситуацијата. Во многу области природните суви тревни површини се претворени во вештачки шуми со видови кои користат многу повеќе вода отколку што локалната клима може да компензира.
(Nova.rs/CGTN)



























