Повеќе од 60.000 контејнерски бродови минуваат низ Тајванскиот теснец, морски премин широк 180 километри, што го одделува Тајван од кинеското копно. Се проценува дека обемот на товар што минува низ оваа рута е приближно три пати поголем од оној што минува низ Панамскиот и Суецкиот канал заедно.
Доколку Кина воено го нападне Тајван, кој го смета за своја територија, или му наметне поморска блокада, што би можела да го стори благодарение на моќта на својата морнарица, целиот свет би претрпел непроценливи економски последици, особено западните земји.
И покрај децениите геополитички тензии, економијата на Тајван дополнително се зајакна во последните години. На пример, според податоците собрани од Блумберг оваа година, пазарната вредност на тајванската берза ја надмина онаа на Германија и Франција.
Во текот на изминатите децении Тајван разви технолошка предност, од која сега зависи голем дел од светската економија. Една компанија, Taiwan Semiconducor Manufacturing Company (TSMC), произведува повеќе од 90% од најнапредните полупроводнички чипови во светот. Тајван произведува околу 70% од сите полупроводници, околу 95% од најнапредните чипови и практично, сите најнапредни чипови за системи за вештачка интелигенција.
Технологијата за производство на полупроводнички чипови е клучна за развојот на вештачката интелигенција, високоперформансното пресметување, паметните телефони и модерните воени системи.
„Во еден квадратен сантиметар полупроводник, со големина на врв од прст, има неверојатна количина технологија. Тајванските инженери можат да вклопат повеќе од 10 милијарди транзистори во него. Тоа е нашето знаење. Подготвени сме да го споделиме со демократските земји, но и за доброто на човештвото“, изјави за Euronews Next Франсоа Чи-чунг Ву, заменик-министер за надворешни работи на Тајван.
Додека САД и другите земји се стремат да развијат свои сопствени напредни капацитети за производство на чипови, малку е веројатно дека ќе го стигнат Тајван во блиска иднина. Таквото производство бара децении акумулирано знаење и искуство, а Тајван ги развива своите капацитети за прецизно производство уште од 1970-тите.
Тајван и Европа се силно поврзани со технолошки и економски врски. Напредните фотолитографски машини што се користат во производството на полупроводници доаѓаат од Холандија, прецизната оптика од Германија, од Zeiss, индустриските гасови од францускиот Air Liquide, а истражувањето и развојот на технологии за дизајн на чипови во голема мера се потпираат на белгискиот IMEC во Лojвен.
Оваа соработка се продлабочува во последниве години. Тајванските компании формираат партнерства и започнуваат операции низ цела Европа. На пример, тајванскиот Foxcon и францускиот Thales неодамна формираа партнерство во областа на полупроводниците и центрите за податоци за вселенски апликации.
(Bug.hr)
(фото: Wikimedia)




























