Земјата можеби ќе ја преживее смртта на Сонцето

- Advertisement -

Ново истражување базирано на најсовремени модели сугерира дека Земјата би можела да ја преживее огнената смрт на Сонцето, дури и кога нашата ѕвезда ги проголтува најблиските планети. Наодите нудат можна алтернативна судбина за нашата планета, за која долго се сметаше дека е осудена на сигурно уништување кога Сонцето ќе порасне во големина и ќе го проголта во термонуклеарен оган за неколку милијарди години.

Како ѕвезда позната како жолто џуџе, се очекува Сонцето да има релативно мирен животен век од околу 10 милијарди години. Сепак, за околу пет милијарди години ќе му снема водород за фузија во своето јадро и ќе почне да фузира водород во своите надворешни слоеви. Ова ќе доведе до негово огромно ширење во црвен џин, а потоа во уште поголема ѕвезда во фаза позната како AGB фаза, пред конечно да го заврши својот живот како бело џуџе.

- Advertisement -

Во труд објавен во списанието Astronomy & Astrophysics астрономите користеле модели на ѕвездена еволуција и набљудувања на блиска ѕвезда на крајот од нејзиниот живот за да ја преиспитаат конечната, потенцијално огнена судбина на Земјата.

Додека Сонцето влегува во последните фази од својот живот, Земјата ќе се најде заробена помеѓу две спротивставени сили, судбина што безброј планети веројатно ја доживеале во текот на незамисливо долгиот космички временски период. Како што Сонцето се шири стотици пати од својата сегашна големина, зголемените плимни сили ќе ја привлечат Земјата кон нашата брзорастечка и нестабилна ѕвезда.

- Advertisement -

Во исто време, Сонцето ќе ги исфрла своите надворешни слоеви што се шират во вселената преку ѕвезден ветер. Како што губи голем дел од својата маса и станува полесно, неговата гравитациона сила ќе ослабне, што потенцијално ќе ѝ дозволи на Земјата да се оддалечи кон надворешните делови на Сончевиот систем.

Судбината на Земјата зависи од многу деликатна рамнотежа помеѓу овие два ефекти. Ако преовладуваат плимни интеракции, Земјата ќе биде проголтана. Ако преовлада губењето на маса, Земјата ќе избега во поширока орбита“, рече Матс Еселдерс, докторант на Институтот за астрономија при Универзитетот Ку Левен во Белгија и главен автор на студијата.

- Advertisement -

Претходните истражувања не дадоа дефинитивен одговор. Различни студии направиле различни претпоставки за тоа колку маса ќе изгуби Сонцето, колку ќе бидат силни плимните сили и како планетите ќе комуницираат за време на развојот на внатрешниот дел од Сончевиот систем.

Затоа, сè уште не е сосема јасно дали Земјата ќе ги преживее обете гигантски фази од развојот на Сонцето пред нашата ѕвезда да се претвори во мало, но екстремно густо бело џуџе.

Зрак надеж даваат откритијата на планети кои сè уште орбитираат околу бели џуџиња. Од друга страна, некои системи на бели џуџиња се расфрлани со карпести остатоци од уништени планети.

Затоа истражувачите ја проучувале ѕвездата L2 Puppis, некогаш многу слична на Сонцето, која се наоѓа на околу 200 светлосни години од Земјата во соѕвездието Крма. Според претходните проценки, ѕвездата губи до еден милионити дел од масата на Сонцето годишно, исфрлајќи диск од прашина за кој се верува дека содржи помеѓу 12 и 16 маси на Јупитер.

Дополнително, научниците извршиле најсовремени гравитациски пресметки врз основа на внатрешната структура и динамиката на еволуираните ѕвезди. Тие ја моделираа орбиталната еволуција на внатрешниот Сончев систем и целиот животен век на Сонцето, од неговото формирање до неговата последна фаза на бело џуџе.

Врз основа на набљудувањата за губењето на масата на ѕвездата L2 Puppis и подобрените модели на ѕвездената еволуција, истражувачите заклучија дека Земјата може да преживее со поместување во орбита веднаш надвор од максималниот радиус на проширеното Сонце.

Најголемата неизвесност повеќе не доаѓа од пресметките на плимната сила, туку од тоа колку маса ќе изгуби идното Сонце. Набљудувањата на џиновските ѕвезди слични на Сонцето во моментов укажуваат дека Земјата може да преживее, но ни требаат попрецизни набљудувања за да бидеме сигурни“, рече Еселдерс.

Но, дури и ако Земјата преживее, нејзините планетарни соседи нема да имаат толку среќа. Симулациите покажуваат дека Меркур и Венера ќе бидат зафатени од пламените Сонцето кое умира.

Понатамошните астрономски набљудувања и понапредните модели ќе помогнат попрецизно да се одреди судбината на нашата планета. Една важна мисија во овој поглед ќе биде вселенскиот телескоп PLATO на Европската вселенска агенција, чие лансирање е закажано во наредните години.

Неговата задача ќе биде да бара планети слични на Земјата околу ѕвезди слични на Сонцето, вклучувајќи ги и оние што влегуваат во доцните фази од нивниот развој.

(Byka.rs)

(фото: PickPik)

- Advertisement -