Во време кога иновациите во безбедносната индустрија стануваат клучен фактор за заштита на човечки животи, македонски компании сè почесто докажуваат дека можат да бидат рамноправни со светските лидери. Една од нив е „Армор Плус“, која годинава како единствена компанија од Македонија учествуваше на најголемиот светски саем за противпожарна заштита, спасување и безбедност – INTERSCHUTZ 2026 во Хановер. Таму компанијата ја претстави својата нова генерација сертифицирана заштитна опрема, развиена и произведена во Македонија според највисоките европски стандарди, потврдувајќи дека домашното инженерство и иновации имаат свое место на светската сцена.
За впечатоците од Хановер, реакциите на меѓународната стручна јавност, најновите технолошки достигнувања и плановите за понатамошен развој разговараме со Димитар Петрески, директор на „Армор Плус“.
Новинар – Верица Јорданова
Неодамна се претставивте на светски познатиот саем INTERSCHUTZ 2026 во Хановер како единствена македонска компанија. Со што се претставивте пред светската јавност? Што значи за вас присуството на еден ваков настан?
Учеството на INTERSCHUTZ 2026 во Хановер за нас претставува потврда за континуираниот развој на нашата компанија. Особено сме горди што по вторпат учествуваме на овој најголем светски саем за противпожарна заштита, спасување и безбедност, како единствена компанија од Македонија, па и од регионот. Оваа година пред меѓународната публика се претставивме со нови производи од нашата колекција на противпожарни одела, наменети за интервенции при урбани и шумски пожари. Станува збор за опрема развиена според највисоките стандарди за заштита, која обезбедува сигурност, удобност и високи перформанси во различни услови на работа.
Присуството на овој саем има големо значење за нас, бидејќи ни овозможува да ги претставиме квалитетот и капацитетите на нашата компанија пред светската стручна јавност, да воспоставиме нови деловни партнерства и да ги следиме најновите трендови и технологии во индустријата. Веруваме дека ваквите настапи не само што го зајакнуваат нашиот меѓународен углед, туку придонесуваат и за промоција на Македонија како земја која има компании способни да понудат конкурентни и висококвалитетни решенија на светскиот пазар.
Еден од најзабележителните моменти беше Thermo-Man тестирањето на моделот FIGHTER A. Како изгледаше тоа и што значи за една компанија вакво јавно и екстремно тестирање на производот?
Thermo-Man тестирањето на моделот FIGHTER A беше еден од највпечатливите моменти на нашето презентирање во Хановер. Станува збор за јавно тестирање, каде резултатите се целосно транспарентни и достапни за сите посетители, производители и стручната јавност. Токму затоа, многу мал број производители се осмелуваат јавно да го подложат својот производ на ваков тест, бидејќи резултатите не можат да се сокријат – тие се јасен показател за реалните перформанси на заштитната опрема.
За нас, ова е доказ дека нашето знаење и експертиза во развојот на противпожарна заштитна опрема се на многу високо ниво. Внимателниот избор на материјали, нивната комбинација и конструкцијата на оделото се резултат на долгогодишно искуство, континуирано инвестирање во развој и професионален инженерски пристап. Фактот дека со целосна самодоверба се одлучивме за јавно тестирање и притоа постигнавме врвен резултат, е најдобрата потврда за квалитетот, сигурноста и довербата што ја имаме во нашите производи.
Што покажаа резултатите од ова тестирање кои неодамна ги добивте? За каков успех станува збор и кој стои зад овој иновативен модел на заштитно одело? ИЛИ Резултатот од 0% изгореници при изложеност на температура над 1.200°C е импресивен. Како вие интерно го доживеавте овој резултат и што значи тој за кредибилитетот на компанијата?
Тестирањето е направено со помош на Thermo-Man® систем – специјален манекен кој ја симулира реакцијата на човечкото тело при изложеност на екстремна топлина и директен пламен. Манекенот е опремен со 122 сензори поставени под оделото, кои мерат колку топлина поминува низ заштитната опрема и каква температура би почувствувала кожата на човекот во истите услови.
Во текот на тестот, оделото е изложено на екстремна температура до 1.200°C во времетраење од 8 секунди. Системот потоа ги анализира податоците од сензорите и пресметува колкав процент од телото би претрпел изгореници и со каков степен на сериозност при истите услови.
Кај нашето одело FIGHTER A, резултатот беше 0% предвидена повреда од изгореници. Тоа значи дека при конкретните тест параметри – температура од над 1.200°C и изложеност од 8 секунди – мерењата не покажале услови што би предизвикале термичка повреда кај корисникот. Со други зборови, оделото обезбедило ниво на заштита при кое лицето би можело да ја преживее оваа екстремна изложеност без изгореници, според условите на тестот.
За нас, најважно е што овој резултат не е само лабораториска бројка, туку мерлив показател за тоа како материјалот и конструкцијата на оделото се однесуваат во сценарио што симулира реална опасност. Токму ваквите тестови овозможуваат објективно да се процени нивото на заштита што опремата го обезбедува за луѓето кои работат во високоризични средини.

Колку ваквите независни тестирања влијаат на довербата кај противпожарните служби и професионалните корисници на заштитна опрема?
Независните тестирања имаат значително влијание врз довербата кај противпожарните служби и професионалните корисници на заштитна опрема, бидејќи обезбедуваат објективна проверка на квалитетот, безбедноста и перформансите на опремата. Кога опремата е тестирана од независни и акредитирани лаборатории кои гарантираат за резултатите, корисниците имаат поголема сигурност дека таа ги исполнува пропишаните стандарди и дека ќе функционира во реални услови.
За противпожарните служби, ваквите тестирања се особено важни бидејќи директно се поврзани со заштитата на животите на пожарникарите. Резултатите од независните проверки помагаат при избор на опрема, намалување на ризици и донесување одлуки засновани на докази, наместо само на информации од производителите.
Корисниците во европските земји особено го ценат ова и често го вклучуваат независното тестирање и овој вид тест како услов во тендерските постапки.



Каков беше интересот од меѓународната публика за вашите производи и кои пазари или компании покажаа најголем интерес?
Нашиот настап на на овој престижен настан предизвика голем интерес кај меѓународната публика. Бевме особено позитивно изненадени од вниманието за нашите одела од посетители, професионалци и компании од различни делови на светот, а особено od Јужна Америка.
Во овие региони постои голема изложеност на шумски пожари, што создава зголемена потреба за квалитетна и сигурна заштитна опрема . Нашите одела го привлекоа вниманието поради нивната функционалност, заштитните карактеристики и можноста да одговорат на специфичните услови во кои работат професионалците на терен.
Овој интерес за нас претставува значајна потврда дека нашите производи имаат потенцијал на меѓународните пазари и дека вложувањата во развој на висококвалитетна заштитна опрема се препознаени и ценети од професионалната заедница ширум светот.
На саемот беше истакната и соработката со компании како Holmatro, кои ве промовираа како партнер добавувач. Како дојде до таа соработка и дали ваквите партнерства со светски брендови отвораат нови можности за сертификација, заеднички развој или ко-дизајн на производи?
Соработката со Holmatro започна пред неколку години, кога нивното внимание го привлече нашиот модел – одело FORESTIER.
Holmatro е меѓународно позната компанија специјализирана за развој и производство на хидрауличен алат за спасување, особено за пожарникарски и спасувачки тимови. Компанијата има силно глобално присуство и е препознатлив бренд меѓу професионалците кои се вклучени во спасување на животи при сообраќајни незгоди, земјотреси и сл.
Она што беше особено препознаено од нивна страна е нашата идеја на корисникот да му овозможиме одредено ниво на персонализација на опремата, односно оделото да се прилагоди според конкретните потреби и барања на корисникот.
Во соработка со нивниот тим, го развивме оделото според нивните специфични барања – избор на ткаенина, бои, дизајнерски елементи и други детали, со што создадовме опрема која ги исполнува нивните професионални критериуми, а истовремено го носи нивниот препознатлив бренд. Како резултат на оваа успешна соработка, станавме официјален добавувач на Holmatro. Денес, нашата опрема ја користат нивните технички лица низ целиот свет, а преку нивната широка продажна мрежа, ова уникатно и брендирано одело е достапно и за нивните дистрибутери во светот
Ваквите партнерства со светски компании се значајна потврда за квалитетот и иновативноста на нашите производи и отвораат можности за понатамошен развој, заедничко усовршување и создавање опрема што одговара на реалните потреби на професионалците кои секојдневно се соочуваат со најголеми предизвици.



Освен презентацијата, кои беа клучните деловни резултати од саемот – дали веќе има конкретни договори или преговори со нови партнери?
За нас ова беше значаен настан, не само за презентација на нашите производи, туку и за зајакнување на постојните и создавање нови деловни контакти. Ние веќе сме присутни на европските пазари и имаме успешна продажба во повеќе земји, но очекуваме овој саем дополнително да придонесе за реализација на неколку нови проекти на кои веќе работиме со потенцијални партнери.
Колку учеството на Интершутц 2026 влијае на позиционирањето на „Армор Плус“ како глобален бренд во индустријата за заштитна опрема?
Учеството на вакви настани како саемот во Хановер може да има силен позитивен ефект врз глобалното позиционирање на Армор Плус бидејќи го поместува брендот од регионален производител кон меѓународно препознатлив снабдувач на професионална заштитна опрема. Вредноста не е само во маркетинг-присуството, туку и во можноста компанијата да покаже усогласеност со светските стандарди, иновации и способност за партнерства со најголемите играчи во индустријата.
Кои се следните чекори за компанијата по ова учество – дали се планира проширување на производната линија, нови сертификации или влез на нови пазари?
Презентацијата на новата колекција на одела за пожарникари беше важна можност да ги претставиме нашите капацитети, квалитетот на производството и посветеноста кон безбедноста на професионалците кои секојдневно се соочуваат со најтешки услови.
Во наредниот период планираме понатамошно унапредување и проширување на производната линија, со фокус на иновации во материјалите, функционалноста и удобноста на опремата. Ќе продолжиме и со активности поврзани со дополнителни сертификации и усогласување со највисоките европски и меѓународни стандарди, што ќе ни овозможи полесен пристап до нови пазари.
Нашата цел е Армор Плус да продолжи да се развива како сигурен партнер за професионална заштитна опрема и да понуди производи кои комбинираат безбедност, квалитет и практичност.



Како го гледате развојот на индустријата за противпожарна и индустриска заштитна опрема во следните 5–10 години и каде се позиционира „Армор Плус“ во тој контекст?
Индустријата за противпожарна и индустриска заштитна опрема во следните 5–10 години ќе се развива во насока на поголема безбедност, примена на нови материјали, дигитализација и усогласување со сè построги стандарди. Компаниите сè повеќе ќе инвестираат во квалитетна опрема како клучен фактор за заштита на луѓето и намалување на ризиците.
Армор Плуc својата позиција ја гледа како сигурен партнер во оваа трансформација, преку понуда на современи решенија, квалитетна опрема и професионална поддршка за индустријата, институциите и спасувачките служби.
Нашата цел е да продолжиме со развој и следење на светските трендови, обезбедувајќи повисоко ниво на безбедност и заштита на сите наши клиенти.



























