Брзата железничка линија Белград–Будимпешта се очекува да биде отворена за патнички сообраќај наесен, по завршувањето на тестирањата и исполнувањето на сите безбедносни, технички и регулаторни услови. По пробните возења, кои треба да завршат во рок од две недели, ќе следи симулациско патување од Белград до Будимпешта и назад, вклучително и граничните и царинските процедури.
Целта е да се потврди безбедноста на железничкиот систем, како и да се утврдат конечните времиња на патување и возниот ред. „Доколку забележиме какви било проблеми, ќе работиме на нивно отстранување, бидејќи безбедноста на патниците и безбедноста на системот се на прво место“, изјави унгарскиот министер за транспорт и инфраструктура Давид Витези.
Товарниот железнички сообраќај меѓу двете земји веќе се одвива непречено, додека се финализираат системите потребни за воспоставување на патничкиот превоз. Србија и Унгарија имаат заедничка цел да воспостават директна и квалитетна железничка врска меѓу Белград и Будимпешта, со можност за понатамошно поврзување со Виена. Точниот датум за почеток на патничкиот сообраќај ќе биде дополнително објавен.
Фото- Pixabay



























